петок, ноември 15, 2024
домаЖивотСценаКРИСТИНА АЛЕКСИЕСКА:На "Канео фест" откриваме таленти кои потоа стануваат музички ѕвезди!

КРИСТИНА АЛЕКСИЕСКА:На “Канео фест” откриваме таленти кои потоа стануваат музички ѕвезди!

Валентина Ѓоргиевска Парго

“Канеофест 2018“ се одржа на 30 јуни, и еден месец потоа, легнати се импресиите, песните се преслушани доволно да се оцени која ќе трае подолго. Колку сте Вие задоволна од ова издание, за кое многумина не ги штедеа убавите зборови овој пат?

– Пресреќна сум пред се што оваа година „КАНЕОФЕСТ“ го одбележаа прекрасни музички и навистина вредни дела. Ми причинува огромно задоволство затоа што и оваа година забележавме нови музички лица, а и оние кои се веќе искусни во тој домен. Исто голема благодарност и за учесниците во ревијалниот дел кои го направија уште позабележливо ова издание, една од најдобрите Охридски групи „КАМЕЛЕОН“, и доајенот на македонската народна песна Наум Бурназ.

“Канеофест” постои 18 години, подолго време сте водителка и заштитно лице, а од пред две години и директорка. Како се случи оваа ваша улога и овој предизвик?

-„Канеофест“ е фестивал кој јас многу го сакам уште кога воопшто немав ни влезено во Телевизија. Се сеќавам кога бев дел од публиката и си имав свои фаворити и навивав за нив, тогаш дефинитивно не можев ни да замислам дека еден ден ќе се најдам на другата страна од сцената. Кога Вили Котовски, бившиот директор соопшти дека мора да замине и сака да го предаде фестивалот на некој за кој е сигурен дека ќе го одржува, тоа го понуди на ТВ Морис. Директорот на ТВ Морис, Јован Трпески, во чија продукција фестивалот е во организација, ни го понуди нас (на младата екипа кои тогаш работевме, сега составот малку се измени) и кажа дека ќе ја прифати понудата на Вили, доколку ние го прифатиме предизвикот, одлучни бевме дека го сакаме овај фестивал и така се случи. Реално ни требаше време да се навикнеме на работата и да ги поврземе работите, ама на крај созреавме сите заедно и се случи една прекрасна приказна која навистина од срце посакувам да продолжи. Морам да потенцирам и да се заблагодарам на цела ТВ и продукција на Морис и особено на директорот Јован Трпески, што никогаш не ме оставија сама, туку дека секогаш се носиме заедно со сите предизвици и заедно ги носиме одлуките, така што можам да кажам дека дирекорувањето е многу лесно кога работите во една хармонија, каква што е кај нас.”Канеофест” е едно семејство, а во семејството сите се поддржуваат еден со друг.

Со оглед на финансиската скромност, едноставно е или не да се организира фестивал во градот- туристички бисер, кој треба да го видат и туристи од други земји? Што би додале вие во интерес на фестивалот, кога би биле во можност?

-Верувајте дека никогаш не може да биде лесно да се организира еден фестивал, без разлика каде и да е. А, кога зборуваме за Охрид, и тоа на почеток на туристичката сезона, предизвикот е двоен, а кога сте во самиот центар на градот тогаш настанува лудило во организација. Секогаш може да се направи повеќе и да се додаде уште повеќе. Од наредната година би се осврнале на зголемување на програмата, мислам дека поголема програма ќе донесе уште поголема посетеност.

Годинава, се забележуваше подобрата поддршка, со самото тоа што фестивалот се одржа на една симпатичнна локација, во центарот на градот до Амамот, и со поголема посетеност. Но, она што посебно го одбележа беше гостувањето на охридската легенда Наум Бурназ, кој стоеше и во жири со основачот и некогашен директор Вили Котовски и сегашнито директор Јован Трпески.

– Кога веќе зборуваме за локацијата и за бината сакам да појаснам еден момент. Локацијата до ТЦ „АМАМ“ е интересна од аспектот што самиот простор претставува сцена, како мини амфи-театар. За прв пат оваа година фестивалот беше сработен на таков простор, иако морам да признам дека од кога заедно со претставници на Локалната Самоуправа го одбравме тој простор бев малку скептик, дека нема да се долови онака како што проектот бил замислен на почеток, за просторот. Ама сепак кога декорот и сценските ефекти си го направија своето увидовме дека самиот центар на градот е полн погодок и се заедно испадна многу симпатично, и за посетителите присутни таму, како и за „очите“ на камерите. Во поглед на жирито, годиниве наназад од кога работам на овој фестивал, комисијата ја формираме така да биде составена од музички имиња, или од луѓе кои имаат искуство со сцена, музички настани, јавни личности, затоа што тие се оние кои што најдобро врз основа на нивното искуство можат да ги оценат изведувачите. Така оваа година составот беше Вили Котоски, Димитар Павловски-композитор, Иван Јосимовски-уредник на музичкиот портал „Музика 24“, Јован Трпеси и да Наум Бурназ, за кој сите знаеме колкав е неговиот придонес во македонската музика. Огромно е задоволството што покрај жирито и ни отпеа неколку негови песни во ревијалниот дел.

Вие сте млада со прилично искуство во ТВ Морис, како авторка и водителка. Кои се најважните совети од претходните директори кои ги добивте во врска со фестивалот?

-Она што сакам да го потенцирам е дека кај нас навистина директорување не постои, туку дека сите работиме заедно и сплотено, и секоја идеа секогаш е добредојдена и слушната. Морам да кажам дека често комуницирам со господин Вили Котоски, и многу му сум благодарна за неговата поддршка, за насоките и советите кои знае да ми ги пише, и иако веќе подолго време не е тука, интересот за фестивалот му останал ист, значи дека го работел со многу љубов и добра волја, и тоа е најважното и јас секако се трудам да ја продолжам неговата идеја од формирањето на фестивакот, а тоа е да можат да се афирмиираат музичките лица кои се талентирани, а не успеваат да дојдат до „големите фестивали“, не би навлегувала од кои причини.

На кој начин ги избирате песните и учесниците? Сте се обиделе да анимирате и поголем број на познати пејачи да настапат?

– За секоја година постои отворен конкурс за пријавување на фестивалот, кој се рапишува крајот на Февруари, и по пат на самостојно пријавување од изведувачите, од пријавените песни се одбираат кои ќе настапат. Е, сега што се однесува до познатите пејачи можам да кажам дека конкурсот е отворен за сите, и тука доаѓале од дебитанти до доајени, како една Благица Павловска, Славка Младеноска, Виданка Ѓорѓиеска, Петар Нечоски итн, ама она што мене ми е особено мило е што овој фестивал бил отскочна даска за некој кои подоцна се афирмирале како Боби Мојсоски, Ален Хасановиќ настапил тука, Христијан Тришоски и со тоа се исполнува првичната и основна цел на фестивалот.

За Вас на фестивалот е испеана песна, на текст на Цане Трајчевски. Ќе има спот за песната, би се глумела ли себеси?

-Цане Трајчевски го почитувам многу како текстописец, и еве уште еднаш изразувам благодарност за „За една Кристина“, исто и за изведувачот на ова дело, битолчанецот Љубчо Јошевски. Искрено немам информација дали е планиран видео-спот. ..

Освен како водителка, ви дошло ли идеја и да запеете нешто, во некое следно издание на фестивалот?

-Неколку пати ми било понудено од наши композитори и текстописци да сработат и песна за мене, ама сега за сега во таа улога не се гледам себе си. Она што за себе во моментов можам да го кажам е дека деновиве од печат ќе излезе моето прво дело за кое сум премногу возбудена. Станува збор за монографија,книга за еден наш сограѓанин, докажаниот историчар и професор, едно навистина големо име проф.Павле Митрески. Монографијата го носи насловот „Трите универзитети на проф. Д-р Павле Митрески“, а што се однесува до пеењето можеби и некогаш ќе се случи.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ