четврток, декември 26, 2024
домаНезависната продукција до успех со упорност и поддршка од ѕвездите

Независната продукција до успех со упорност и поддршка од ѕвездите

Тимот на филмот „Благородни лаги“ кој синоќа беше прикажан во чест на Клаудија Кардинале, добитничката на Специјалната Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност беше претставен денеска на прес конференцијата на која дојде и Клаудија Кардинале, заедно со Паоло Роси, продуцент на филмот и Емануела Закерини, продуцент.

Претставувајќи ја екипата на филмот снимен во 2017 година, директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска посочи дека предизвикал голем интерес во јавноста, а Каринале истакна дека многу и се допаднала улогата во филмот и тоа што е поразличен од сите нејзини досегашни филмови.

– Ми се допадна сценариото и ентузијастички реагирав на него, бидејќи беше и дебитантски филм на режисерот Антонио Пису. Јас во филмот играм старица, мажена сум за еден постар човек и имам еден постар брат, но морам да кажам дека бев опкружена со многу добри актери и сметам дека за еден филм е многу важно да се има добра актерска екипа. Кинематограферите ми оставија голем впечаток, бидејќи тие се многу важни, а од режисерите омилени ми се Висконти и Болоњини. Инаку немам омилен кинематографер, со сите имам одлична соработка, рече Кардинале.

Паоло Роси заблагодарувајќи се на дадениот простор на фестивалот рече дека за филмот ја одбрал Клаудија бидејќи е многу посебна личност, ѕвезда поразлична од Софија Лорен и останатите диви, на што Кардинале извика „Не, не, не јас не сум филмска дива, јас сум обична жена!“.

-Таа живее нормален живот, а не како ѕвезда и тоа е она што им се допаѓа на луѓето секаде во светот. Благодарен сум и за поддршката, бидејќи таа знае колку е тешко да се дебитира во Италија со независна продукција и сакаше да ни помогне.

Најпознатиот италијански филмски критичар за овој филм вели дека со оглед на тоа дека е многу тешко денеска да се направи независен филм, ова дело ја надминало таа препрека токму затоа што е различен од останатите филмови во италијанската кинематографија, а како што рече Роси треба да се верува во проектот и да не се стравува од тропање на врати. Како што посочи тој има можности кои се достапни и за македонските независни филмаџии и кои треба да се искористуваат, додавајќи дека е среќен што на Манаки се цени и се негува независната кинематографија.

 – Паоло е исклучителна личност, професионалец во секоја смисла и сметам дека филмот ќе остане запаметен и ќе има едно ново влијание во филмскиот свет, рече Закерини.

Сите членови на екипата беа едногласни дека им се допаѓа Битола, организацијата на фестивалот и се фасцинирани од мозаиците во Хераклеа и од македонската кујна.

По синоќешниот старт на проекциите во рамките на главната програма кинематограферот на филмот „Транзит“, Ханс Фром ги сподели искуствата од снимањето на филмот. Филмот се одвива во Марсеј и ја следи средбата на бегалци од Втората светска војна и бегалците од денешницата, па гостинот во разговорот со селекторот Благоја Куновски-Доре, се осврна токму на актуелната состојба со бегалците во Европа.

-Приказната е многу актуелна, тоа се негативните искуства на современа Европа која сега мора да се справи со бегалците. Германија не беше толку строга во однос на политиката кон бегалците, но се појавуваат десничарски партии кои се против бегалците или кои сакаат да го спречат протокот на емигранти. Морам да кажам дека во Германија главно луѓето не се наклонети кон исклучување на мигрантите или кон некој вид на неофашизам, рече Фром.

Вчера се прикажа и првиот филм од документарната програма па режисерот на филмот „Глуво дете“, Алекс де Ронде во разговор со Марија Џиџева, селектор на документарната програма, говореше за мотивите за снимање на филмот и справувањето со проблемите на глувите лица.

-Главната мотивација да го направам филмот „Глуво дете“ беше тоа што повеќето други филмови за глуви деца многу повеќе се осврнуваат на хендикепот што мора да биде поправен од докторите или учителите, но мојата главна цел беше да го прикажам глувото дете како дел од едно културно малцинство, со сопствен јазик и сопствена култура. Едноставно сакав да порачам дека сум загрижен за иднината на глувите деца. Секаде во светот училиштата за глуви деца се затвораат, тие треба да одат во редовни училишта и таму не им е лесно, рече Алекс де Ронде.

Тој додаде дека кога би размислувал за продолжување на приказната вториот документарец би го насочил токму на тоа – проблемот со затворање на училиштата за глуви деца во светот. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ