Половина милион луѓе во Македонија живеат во сиромаштија и имаат проблем да се прехранат, покажуваат статистичките податоци. Од 70 до 80 илјади луѓе можат да си дозволат само два до три оброка неделно. Овие податоци се добиени врз основа на вкрстени истражувања во последните три-четири години од 13 организации кои работат во 11 градови во државата.
Според претседателот на Банката за храна, Душко Христов покрај домаќинствата и рестораните фрлаат храна, но одреден дел од бизнис заедницата го покрива тој вишок.
– Во Скопје на дневна основа има потреба од минимум 13.000 оброци. Не само социјалните случаи имаат потреба од храна, имаат потреба и оние со ниски примања, а тие во Македонија, се со најголем број. Потребни се измени во законодавството за да се дефинира што е вишок на храна и кој би можел да ја дистрибуира до сиромашното население со цел да се намали количеството храна кое завршува во депонија, а да се нахранат тие што не можат да ја купат.
Како што нагласи директорот на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, Абдусамед Шабани, на годишно ниво на депониите завршуваат над 5.000 тони употреблива храна, количество што е доволно за секојдневно да се прехранат дури 13.000 луѓе.
Според експертите треба да се подготват и листи на храна која може да се донира и корисници кои ќе ја добиваат.
Во ЕУ проблеми со материјалната безбедност имаат осум проценти од населението, дури 55 милиони луѓе не можат да си дозволат пристоен оброк во денот. Од друга страна третина до половина од светското производство на храна не се употребува, а само Европската унија отпадот од храна ја чини 143 билиони евра годишно.
-На европско ниво годишно се фрлаат 88.000 тони храна и тоа од самото производство до крајниот корисник. Половина од овој износ се фрла од самите домаќинства, посочи Ангела Фриго, Генерален секретар на Европската федерација на Банки за храна – ФЕБА која брои 388 банки во 28 држави во Европа, вклучувајќи и во Македонија.
Според Фриго, во Македонија има голем потенцијал особено кога станува збор за развивање на некои следни активности, а суштината е да се поддржат луѓето кои имаат потреба и да се избегне фрлањето на вишокот храна.
Како што посочи Фриго добар пример за видливите резултати од законските измени е Италија која иако има традиција на банкарство со храна од 1989 година, во 2016 година со законот популарно наречен „законот на Гада“ кој цели на намалување на фрлањето храна давајќи стимулации за донации, во 2017 година оствари 20% пораст на вишокот храна кој е дониран од снабдувачите и маркетите.
Од Македонско здружение на млади правници истражуваа и анализираа дали имаме ли потреба од нов закон и/или измена на законите за да го спречиме фрлањето храна и да поттикнеме повеќе донации на вишок храна. Тие посочуваат дека Македонија има солидно основно законодавство, но не директно се уредува што значи вишок на храна, кои се непрофитните оператори со храна кои би ја дистрибуирале до сиромашното население.
Ова се дел од податоците од јавната презентација и тркалезна маса на тема „Национално и европско законодавство и политики кои се однесуваат на фрлањето храна: Дали ни е потребен нов Закон против фрлање храна и/или промена на дел од постоечките закони?“, настан кој се одржа на 19 октомври во ЕУ-Инфо центарот во Скопје, а во рамки на WSS Effect проектот финансиран од Европска унија.