Интересна и необична приказна носи во себе една пензионирана скопјанка, која вели дека по многу децении изложеност на семејно насилство и немир, конечно го нашла својот душевен мир и живее во спокој, и според своја програма.
Бурна била нејзината младост, испреплетена со низа непредвидени кошмарни и комплицирани ситуации со кои морала да се соочи, претежно сама, одвреме навреме со извесна, но можеби недоволна, морална поддршка од семејството. И не само немање помош, ами и одмагање од соседите.
За време на студиите по психологија лудо се вљубила во својот сега веќе поранешен сопруг, а со нејзината убавина, трпеливост, отвореност и интелект, не било тешко да направи тој да биде нејзин. По една година од бракот им се родил син.
Она што на почеток ја завело кај сопругот, било неговата отвореност, дружељубовост и несекојдневна смисла за другарување со сите, што на некој начин, убавецот го правело и лидер во околината во која живеел. Подоцна се испоставило дека зад тоа се кријат и низа психолошки недостатоци, незрелост, лабилност и компулсивност, откако уште во нејзината бременост тој почнал да станува беспричински агресивен, а по раѓањето на синот почнал со секојдневни физички малтретирања, напади и тепачки.
-Мојата младост помина жестоко и со солзи и солзи. Бев затечена од се она што ми се случи. Со мало бебенце во раце јас се бранев од сопругот кој често знаеше и да се испијани до бесознание. Се однесуваше како што тој велеше „вистински маж“ и се тој што правеше, наредуваше и сакаше, мораше да биде исполнето. На почеток добивав силни критики од моите, никој не сфати дека тој треба да се лекува, само некогаш знаеја да омекнат кон мене и да ме сфатат. Но, пак се завршуваше на ставот дека треба да поднесувам се што се случува во бракот и дека јас сум таа која треба да балансира. Сопругот тотално се изгуби. Навистина беше за лекување. Освен што дома ме навредуваше и тепаше до крв од носот, нешто што стана „секојдневна декорација на нашите теписи“, му стана навика да излегува на тераса и да кажува погрдни зборови за мене, да извикува зборови кои не доликуваат. Сите соседи слушаа. И се ситеа. Кај нас е таков менталитетот, те видат ли со проблем, беспомошен, ранлив, немоќен, со домашни несогласувања, уште толку те напаѓаат и сакаат да ти се влошува и загорчува животот. Никој не излегува да помогне. Бев целосно скршена кога на моето синче тогаш тргнато на училиште, едно девојче од одделението, од истата зграда, пред другарчињата му рекло „Мајка ми вели дека твојата мајка е к*рва!“ Тоа беше почеток на една силна траума и чувство дека соседите се против мене, што на крај и така и беше, раскажува дамата.
Како што растел синот, кој под влијание на хаотичниот татко, бил на работ да стане и деликвент, повремено предизвикувал и по некоја младешка тепачка, и неред наоколу. Соседите немале милост и разбирање за него, наместо да го посоветуваат кога останувал сам дома, тие здружено се повеќе вршеле притисок и булинг врз момчето, за гласна музика, за прибирање доцна и слично.Тој им возвраќал со навреди. Една дури посегнал по нож да му се одмазди на соседот. Му го закачиле „епитетот“ проблематичен, и како таков заминал во странство.
-Кога работите зедоа скроз неправилен тек, и поминував низ најмрачниот период , решив да се разведам од сопругот. Мојот син го воспитував со силни воспитни методи, да биде човек и да го сака својот биолошки татко, до тој степен што и по разводот му помагав на сопругот и правев се колку што можев на син ми да му ја облажам болката и комплексот од „дете на разведени родители“. Некогаш знаеше да го одбегнува татко си, но, татко му пак умееше да го поткупи со некој ситен џепарлак, на што ниеден тинејџер не е имун, и да го стави под своја контрола. Да му кажува се против мене, секакви навреди, кои ни оддалеку не беа точни. Во целиот хаос низ кој поминував, како психолог со бидував да размислувам присебно и да ги амортизирам нештата, голтав кнедли, плачев кога бев сама, само за синот да стане човек. Соседите го сметаа за неподобен и намерно го предизвикуваа на бељи. По десеттина години од тогаш, кога отидов во странство кај него, сопственикот каде работеше ме тргна настрана и ми рече „Ви честитам, сте одгледале син со кој може да се гордеете. Тој има толку убаво и одговорно однесување, што е одушевувачко!“ Се потресов, сакав да плачам и од радост и од тага. Од радост заради тоа што го слушам, замислете, „мојот син и убаво однесување“, а од тага што веќе живее во странство. Еден ден и син ми ми го објасни своето видување: „Мајко, можеби бев бесен како тинејџер најмногу под влијание на се она што го гледав и доживував дома и наоколу, но се што ти ме подучуваше не е бесцелно. Сето тоа длабоко се врежа во мојата глава и кога останав сам да се снаоѓам, како што работите си легнуваа, почнав сето тоа да го практикувам. Таму бев притиснат од сите невољи“, искрено и велел на мајка си.
Она што можеби е помалку чудно и несфатливо за наши услови е нејзиниот однос со сопругот.
-Тој е човекот кој целосно го уништи мојот живот. Наместо да се лекува, ме тепаше и ме нарекуваше со погрдни зборови. Веруваше во озборувањата и измислиците на соседите дека на работно место имам врски со други мажи. А работев во фирма со на 200 вработени. Ајде логично да размислиме и да си кажеме – како е можно да водиш љубов на работа со било кого, кога околу тебе се 200 присутни!? Какви нонсенс озборувања и глупости се изнаслушав. Нејсе, издржав се и јас секогаш останав негова пријателка. За што и да треба. Му помагав и негував убав однос, во рамките на ситуацијата. Пред неколку години го сместував во нов дом, и во еден момент се фатив себеси како внесено му реновирам, фарбам и длетувам ѕидови. Спиев кај него тие денови. Тој ме прегрна силно и рече „Ајде да се венчаме по втор пат, ти си жена за почит, нешто што јас не го согледав своевремено, без незрел и пиев. Ти тоа не го заслужуваше. Сакам мојата пензија, штом го напуштам овој свет, да ти остане тебе, да си ја трошиш и да уживаш. Ти си заслужила се што имам јас, да остане во твои раце!“
Вели, не прифатила, таа е веќе пензионерка и не сака да се потпре на неговата пензија. Му посакува долго да живее.
-Ако ви го отворам мобилниот ќе ги видите сите негови честитки и топли пораки. Дури еднаш кога ми прати честитка за мојот роденден, посебно топла и со респект, нашиот син го блокира неговиот број. „Ма, мамо, татко ми не го заслужува твоето внимание“, искоментира. Но, мојот поранешен сопруг не се откажа, беше упорен ме нашол на вибер и повторно ми пишува. Кога и да му текне ми пишува, се најубаво. Неодамна ми честита Осми март. Ете, тоа сакам да кажам, јас, на нашиот син, иако беше сведок на сите тепачки и домашни „крвопролевања“, и иако е веќе возрасен и семеен го советувам со зборовите – Што и да било, тој ти е билошки татко и твоја обврска е да го сакаш и почитуваш, и секогаш да одговараш на неговите пораки. Татко ти е во паника кога нема да му одговориш, му велам. За среќа синот има прекрасен брак, прекрасно дете и прекрасна сопруга, која е чинам најмилата снаа, секогаш насмеана, вљубена во него и сакана и најценета од негова страна. Мислам дека таа жена е подготвена да се бори до крај за своето семејство, многу е посветена. Сите и „симнуваме капа“.
Според пензионерката, зад неа е едно мачно минато кое не морало да биде такво, но и да сака не може да го смени, тоа тлее во спомените. Сега си живее релаксирано во својот дом, со своја пензија, одвреме навреме прошетува каде сака, и иако е сеуште многу убава и има бројни понуди и за брак, тоа не ја интересира.
-Сега мојот свет е мир, живеам свој живот, а горките искуства ги сместив и спакував во куферот на минатото. Синот не заврши високи школи, ама тоа не ми е битно, битно е што стана човек на место. Тоа е мојата најголема, најсилна и најуспешна животна битка. Затоа апелирам, родителите кои имаат проблеми во бракот да не ги прават своите деца оружје против другиот родител, треба да сфатат дека на крај на краиштата тоа ќе им се одрази на децата, на никој друг. Ако веќе им го украле детството со своето однесување и им нанеле трауми, нека дадат се од себе, децата да ги почитуваат и двата биолошки родители или старатели. Ништо убаво немаше да постигнам ако на мојот син му зборував против татко му, како што татко му тоа го правеше против мене, којзнае сега како ќе беше и тој, несреден, разочаран, нестабилен, нападен, агресивен и после се, немаше да дочекам да ми речат „Гордеј се со својот син, тој е прекрасно воспитано момче!“
Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDP