Таа се вика Петрунија Ефтимовска, единица ќерка во тричлено штипско семејство, има 32 години, диплома по историја, невработена е, дебела и – отфрлена, не по своја вина! Во текстилната фабрика сопственикот ја одбива, затоа што тој за себе смета дека не е „шупак“ за да прими некоја која веќе е стара, не ја бидува за секретарка, а и таква целата, не сака ни да ја легне. Општеството ја гледа како губитничка, родителите не ја сфаќаат. Кренала раце од себе затоа што сфатила дека е приклештена од сите страни и дека борбата е залудна, па се препуштила на моментот, што биде нека биде.
Во еден таков момент при случајно наминување на ритуалот на реката за Водици, скока во водите и го фаќа Крстот, пред раце грабнувајќи им го на група момчиња кои скокнале со истата намера, тие гневни на неа ја пријавуваат во полиција, каде Петрунија не е ни приведена ни неприведена, ами цело време убедувана од командирот и од попот да го „врне светио крст“, по кој, според правилото, скокаат само мажи. Всушност, правило нема, тие самите си зеле за право да го создаваат правилото.
Мајката, сето време збунето реагира што ќерката не и го исполнила сонот да е веќе вработена, мажена, и затоа е на распаќе меѓу две однесувања – она што искрено го чувствува за своето чедо како вредна, исправна воспитана жена, и онаа слика што во главата и ја проектирало општеството, како на неупотреблива, бескорисна и пропадната жена. Затоа таа не е начисто со себе како да се постави кон ќерка си, несвесно и се испреплетуваат двете однесувања – она наметнатото постојано да ја прекорува и жолчно да ја напаѓа, за да веќе следниот момент проговори мајчинскиот инстинкт и покаже соодветна мајчинска грижа и топлина. Истото се случува и во односот на Петрунија кон мајка си.
Таткото е попрактичен, па така, прв момент кога ќе се најде пред камера јавно бара вработување за својата ќерка.
Командирот не го знае законот и правилата, но знае дека да пресудува по свое, и дека ако ќерка му кога ќе порасне е како „ваа, тука“, има да и ги искрши сите коски.
Попот не ја знае верата, ги знае само религиозните правила и затечен од ситуацијата иако прво вели дека крстот и припаѓа на Петрунија, оти „си го фанала“, под влијание на празноверните скокачи почнува да и го бара назад за да им го даде ним.
Полицаецот ја сфаќа Петрунија, но е немоќен да и помогне, освен што може да и ја наметне неговата јакна за да не и студи во станица.
Другарката и врти грб тогаш кога најмногу смета на неа, за возврат што Петрунија не се согласува со неа што е љубовница на семеен човек со деца.
Другарот е изненаден од гестот на, до пред тоа, мирната Петрунија.
ТВ репортерката, e единствено таа ќе и стане конкретна потпора, кога случајно известува за настанот, и која во сета таа наизглед банална ситуација го насетува суштинскиот проблем. Упорно, нагласено и невротично се залага да ја открие вистинската страна на приказната, но само затоа што сака да гради кариера на успешна новинарка, на која кариерата и е поважна дури и од грижата за детето и сопствените обврски тој ден, под влијание на „правилата кои ги наметнало современото живеење“ – дека кариерата како да е поважна од се, ако сакаш да успееш во овој суров машки свет. Во исто време, нејзината новинарска констатација дека „Македонија е вечна „изгледа затоа што вечно е во средновековниот период“, можеби звучи нереално и предимензионирано, но остава три точки и простор за контиунуирана дилема и размислување.
Петрунија не е измислен лик! И не живее само во мало место. Таа е на секој ќош, на секој агол, вака или така, во секоја од нас. Во секоја жена која нема традиционална машка заштита и која не се вклопува во традиционалната рамка која ја создало општеството (и самото заглавено во некое минато непостоечко време )…Петрунија не сака да живее лицемерен и лажен живот. Сака да чувствува, да гради, да се искажува, да дише слободно.
Кога вели „Не сум храбра, само скокнав без размислување“, ја објаснува само својата реакција која е одраз на реагирање соодветно на моментот.
Петрунија не е радикална. Не е ни „празна фемнинистка“ што упорно и на сила ги турка работите и ја убедува околината дека нејзиното е во право и точка. Таа не војува со околината, на мирен начин ги бара своите права, спокојно и по регуларен (еволутивен) пат. Петрунија е спонтана и стабилна жена, своја, со свои размислувања и ставови, со свои чувства и вистинска верба.
Неа не и е ограничена слободата на движење, но и е ограничена слободата на живеење. Таа можеби нема вера, но има верба. Има и нешто што се вели висок женски морал и етика. И образование. И се убаво.
Па, тогаш, каде е вината во Петрунија? Вина нема во неа. Вина има околу неа, во државата, во менталитетот. Неа не и е дадено шанса да работи, згазен е нејзиниот потенцијал, исклучена е од општеството и преживува со пензиите од родителите кои ги стекнале во некој друг систем и во некое друго време.
Потребата жената која нема работа, а патем и не е мажена, да ја гледаат како губитничка и да ја нарекуваат со погрдни зборови, е доминантна во едно таква средина, која суди и осудува без вина. Каде односот на мажите кон жените е нерационален и напати нехуман. Тие ја мразат без причина. Па, дури и без да ја познаваат. Тие ја презираат само затоа што е жена (?!).
Со својот пример (во туѓите очи чукнатата) Петрунија покажува дека верата е верба во човекот, не во предметот – дрвениот крст, по кого со пцовки тргнале група истетовирани „хулигани“. Современа ера, но според мрачнината во умот, средновековие.
Вредноста на филмот не е исклучиво само во тоа што е базиран на вистинска приказна, (барем во основата) и само во тоа што дурии наликува на документарен филм. Тој всушност целиот е вистинска приказна, воедно и документарен филм. Петрунија е метафора, но велам и нов жанр и ново поглавје во македонската филмска/ општествена сфера, нова тематика, затоа што се осврнува на нешто ново и досега недоволно акцентирано – на личноста, на жената, на видливата и невидливата дискриминацијата која се врши врз неа, на линчувањето, на исклученоста, на неприфатеноста, на отфрленоста, на потценетоста, на омаловажувањата, на жената осквернавена со машкиот поглед на жената, со машките пцовки и погрдни зборови.
Филмот го лоцира и со прст покажува проблемот. Филмот е женската (р)еволуција. Штета е што светот не може да го улови штосот на шармантниот штипски дијалект.
Филмот „Господ постои, името и е Петрунија“ е мошне јасен, конкретен и без трикови. Наградите говорат дека е во светот прифатен, време е да го погледнеме филмот.
Затоа што – Петрунија постои, името и е (од)Господ!
Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDP