Животот без услови за жената, фрлена на маргините, значи и погодно тло за ултраопасни општествени ситуации. Сето ова навидум невидлив и игнориран, но мошне опасен елемент од едно општество, опишуван е во многу книжевни дела, а низ таа призма го погледнува и Мери Тодорова Младеновска, по вокација дипломиран книжевник, осврнувајќи се на делата на Донато Каризи, автор на „Шепнувачот“.
Жената во романите на Донато Каризи, автор на „Шепнувачот“
Денес не е реткост да сретнеме литературно дело посветено на жената, нејзиниот живот, предизвиците, подемите и падовите, општествениот статус, а најмногу и најчесто се полемизира на тема – еманципацијата на жената или родовата еднаквост. Неретко се соочуваме со бројни предрасуди и тврдења во кои жената е во подредена положба, од неа не се очекува ништо специјално, не е фабрички направена за големи подвизи, секоја постапка се анализира преку призмата на просечното, срамното, недоличното.
Завршува и втората деценија на 21-от век, свесни сме дека светот генерално се стреми кон унисекс трендот и дека конечно местото на жената е на повисоко скалило на општеството, но доколку сето тоа го измериме на скалата на примитивноста и предрасудите ќе сфатиме дека свеста за тоа дека жената пред се е човек, сè уште е на многу ниско ниво и сигурно е дека само еден ден во годината е премалку да се истакне и да се почувствува големината на жената и нејзиното влијание. Како божја креација таа е и кршлива и силна, и најопасниот предавник на рајот и небесна скала, и неротка и мајка, и сестра и љубовница, и летен дожд и разорна молња. Таа е цела вселена родена да раѓа, да донесува живот и да одзема здив. Таа е понежен пол и најцврста алка. Човечко суштество наречено жена, своја, единствена, самостојна, независна, потчинета, туѓа, бивша, вечен незаборав, страсна воздишка што се откинува во најдлабоката ноќ, кралица на драмата, голема мајка. Нежна, кршлива, нестварна појава пред очајниот поглед на Хитклиф, недостижната награда на Орканските висови. Монструозна, убиствена, очајна Ајлин В. Убава, невина, наивна Јулија. Кршлива, плашлива, достоинствена Татјана. Контроверзна, заводлива, неверна Венера. Мудра, возвишена, праведна Атина. Посветена, кротка, верна Антигона. Блудна, љубоморна, злобна Иродијада. Една и единствена мајка, девствена, нежна Марија. Таа е се. Таа раѓа зраци од апсолутната темнина, од неа извира животот. Навистина, ќе речат, сите војни започнале поради жена, но ниту една од нив не започнала војна. Апсолутно, без неа не би опстанал светот. Анализирана од сите аспекти, составувана од секакви делови, „украсувана“ со најразлични епитети, на крајот на краиштата само таа може да биде мајка.
Што и да правиме во животот, треба да го правиме со љубов, затоа што љубовта е светлина којашто никогаш не згаснала, а без светлина ништо не е возможно. Како што ѕвездите се раѓаат среде апсолутна темнина и стареат со светлосни години, како што дијамантот се создава во најдлабоката темнина и под огромен притисок за на крајот светлината да ја разлее неговата убавина, така и се што доаѓа на овој свет, пред да ја погледне светлината на денот, се создава во мрак. Така и ние луѓето доаѓаме на овој свет, од вечноста на утробата, удобноста на мракот и анонимноста, топлината и спокојот на безусловната љубов. Тоа е единствениот начин на создавање на цврст дух, отпорен на секакви искушенија и напади, апсолутно чист и недопрен од валканите раце на постоењето.
Во овој момент покрај бројните ликови, реални или измислени, во моите мисли некако најјасно се оцртува ликот на Мила Васкез, главен лик во романот „Шепнувачот“ на Донато Каризи, лик кој накратко ме оттргна од тмурноста на секојдневието и ме инспирира на многу нивоа, а најмногу на полето на истрајноста дури и кога животот е во прашање. Ликот на Мила се протега во три негови дела и таа е носител на се што е ризично, храбро, победнички. Кога ќе се прочита едно литературно дело во кое жената е претставена на исклучителен начин, со нагласени карактеристики на храбра и одлучна личност, која е непокорлив борец за вистината и правдата, се раѓа надеж дека не е се завршено и ништо што е човечко не е конечно и непремостливо. Преку призмата на ликот на Мила се доловува суровоста на животот во крајно нехумани услови, деструктивноста на човековиот ум на маргините на живеењето, релативно нормалната состојба на светот во кој живееме и кој сè почесто креира деформирани појави ултра опасни за околината, но кога авторот ќе успее да ја постигне целта и да го стави читателот во кожата на еден таков лик, кога ќе погледнеме низ тие очи, сосема јасно можеме да ја согледаме границата помеѓу доброто од злото што е особено важно во вакво време на превртени вредности. Неспоредливо е кога ќе се почувствува интензитетот на една таква личност која излегла идеално чиста од најголемата нечистотија и неправда на овој свет и кога ќе доживееме катарза на еден сосема безболен и безбеден начин, а ќе научиме многу за вредноста на животот. Всушност, професијата детектив за Мила Васкез претставува начин како да го штити животот воопшто и оние чијшто живот е загрозен, ставајќи ја на последно место својата безбедност, а таквиот нејзин животен избор е последица од личната трагедија и соочување со смртта уште во најраното детство. Тоа што таа лично го допрела дното, во неа буди инстинкт на заштитник кој јавно објавува војна на мракот во луѓето, кон она што ги тера да се однесуваат нечовечки, водени од најмрачните побуди да станат дел од мракот, негови поданици и војници, апокалиптични „шепнувачи“. Не случајно авторот како пример за чисто зло зема вистински ликови и вистински случки предизвикани од светски познати, односно озлогласени криминалци. Што кај Донато Каризи конкретно дава мотив како главен јунак на многу сериозни и мрачни случувања да постави жена, можеме само да претпоставуваме, но исто така можеме да бидеме сигурни од целокупниот стекнат впечаток од прочитаното дека овој свет сè уште не ја запознал цврстината на жената и нејзината воља, покрај се да застане на страната на светлината и да се избори со сите девијантни појави кои го нарушуваат нормалниот тек на животот, со се она што се спротивставува на законите на природата и она што требаше да биде вистинската суштина на светот.
Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDP