Соочени со предизвикот да го зачуваме светот за идните генерации, секоја година на Самитот за клима на ОН (COP), сведочиме на бројните активистички, граѓански, лидерски, национални, светски залагања за справување со климатските промени. Од апели за раскинување на договорите со најголемите загадувачи – индустриите со јаглен и нафта, до промоции на најновите решенија за справување со отпадот од пластика кој веќе „микроскопски“ се вгнезди и во живиот свет на планетава. И годинава на 25. Самит за клима кој наместо во Чиле поради тамошните немири, се пресели во Шпанија, Мадрид е домаќин на светските лидери, граѓанските борци за климатска правда, и бизнисите кои се обидуваат да ја предводат зелената битка. Така, во првата недела на Самитот за клима кој се одржува во саемскиот простор ИФЕМА во Мадрид, голем дел од активностите презедоа националните и иновативните хабови во кои се прикажуваа напорите за што поуспешно справување со климатските предизвици – од аерозагадувањето до пластичниот отпад, од националните стратегии до локалните иницијативи на градовите.
Амбиции за зелени градови
Да се биде Европски зелен главен град во 2019 година е одлично признание, а оваа можност да се покаже како вистински зелен град и во меѓународен контекст и за населението ја има Осло, главниот град на Норвешка. Како Европски зелен главен град за 2019 година, Осло презеде важна задача: да биде пример за другите градови – општината која учествува со помалку од 10 проценти од емисиите на градот Осло сака да ги намали емисиите за 95% до 2030 година.
Осло е првиот град во светот кој во 2017 година изгласа климатски буџет кој беше интегриран во градскиот буџет, пример кој го следеа други градови како Њујорк, па дури и некои држави. Осло има многу амбиции во својата зелена агенда, а една од нив е јавниот транспорт да биде целосно зелен (без штетни емисии) до 2028 година. Градежништвото, како што градските претставници наведоа во својата презентација нa COP25 во Мадрид неделава, придонесува за дури 80 проценти од емисиите, па целта е сите идни градби да бидат „зелени“.
Уште една од амбициите кои многу од градовите (градските татковци) ќе треба да ја следат во битката да станат „зелени“ е циркуларниот пристап во третманот на отпад. Осло своите две фабрики за преработка на отпад планира да ги „зазелени“ намалувајќи ги нивните емисии од 20 проценти до 2021 година со изградба на фабрика за издвојување и складирање на емисиите на јаглероден диоксид. Иако е релативно нова (првата фабрика е изградена во 200 година во Вејбурн), оваа технологија сепак е едно од иновативните решенија кои може да помогнат во битката со климатските промени барем во доменот на решавање на вишокот отпад.
Од иновација до едукација
За одговорното однесување има бројни примери – како решенија во справување со отпадот посебно пластичниот и исфрлање од употреба на пластичните производи (од кеси и средства за пакување храна до разни додатоци и прибор за лична хигиена). Примери веќе има – од бамбусови четки кои ги заменуваат пластичните четки за заби, преку биопластика од касава и морска трева, до патна инфраструктура – асфалт од рециклирана пластика, кои во голем дел се промовираат од Индонезија која се обидува да се справи со преплавеноста со пластичен отпад што веќе ја контаминира и храна – евидентирано присуство на микропластика во морскиот свет како дел од ланецот на исхрана.
Бизнисите се јавуваат како лидери во иновациите бидејќи и самите сфаќаат дека цената на производство е подобро да биде поголема на краток рок, со цел на долг рок загубите од битката со загадувањето да бидат што помали. Иновациите одат до таму што се промовираат и пакувања кои се јадат – чашки за кафе од бисквит, и бактерии кои ја јадат пластиката – со тоа уништувајќи го пластичниот отпад. Претпримачкиот дух сепак не е доволен за да се постигне промена – потребна е промена на практиката во потрошувачката – од прифаќање на малку повисока цена до навика за повеќекратна употреба на производи кои дотогаш биле за една употреба.
Нови генерации на лидери
Азиските земји кои се перцепираа до скоро како лидери во инстант-производството на „отпад“ сериозно учествуваат во трката на иновативни пристапи во справување со загадувањето. Така, јужнокорејскиот национален совет за клима и аерозагадување своите амбиции ги протега на сите фронтови – од транспорт и енергија, до климатски промени и цели за одржлив развој. Така во битката со аерозагадувањето, кое за нацијата е број еден проблем, Националниот совет за клима и аерозагадување со кој претседава Бан Ки-мун (генерален секретар на Обединетите нации 2007 – 2016), учеството на јавноста го смета за клучно во битката со тивкиот убиец – аерозагадувањето се поврзува со 7 милиони предвремени умирања годишно и 110 милиони тони загуби во посевите. Соработката затоа се протега пошироко, па заемна помош се нуди и од Кина и Јапонија.
Во битката за поздрава иднина, за жал големите лидери како САД, на чело со претседателот Доналд Трамп, не веруваат во климатските промени, па лидерската позиција им е предадена на најмладите – оние на кои треба да остане светот, ако успееме да го сочуваме. Дека гласот на новите генерации е силен уште еднаш денеска потври и Грета Тунберг која заедно со своето движење кое протестира за заштита на климата „Петоци за иднината“ (Fridays for future), пристигна на ИФЕМА – саемот во Мадрид каде се одржува годинашниот COP. На утринското појавување Грета и нејзините млади соборци држејќи се за раце во обрач пред бројните медиуми ја покажаа својата солидарност во битката за климатска правда. Протестот тие го продолжија вечерта на улиците на Мадрид, масовно придружени од бројните граѓански, социјални и климатски движења присутни деновиве во Шпанија.
Протестот заврши мирно некаде доцна во ноќта, слично како и првата недела од годинашниот Самит за клима, кој досега не најави ниту брзи ниту радикални решенија за мрачната иднина од која сите стравуваме. Останатите 5 дена до затворањето на COP25, на 13 декември, се резервирани и за високите министерски преговори и бројни билатерални средби од кои исходот веројатно ќе се сведе на потврдување на заложбите од Парискиот договор за клима, па освен сериозни заложби од сите –државите, бизнисите, активистите, дека битката мора да продолжи со засилено темпо, и можеби по некоја иновативна „искра“ не треба да очекуваме силна светлина на крајот од тунелот.