Крајниците се лимфно-епително ткиво, сместено во грлото, кои доколку се здрави претставуваат прва одбрана на организмот од респираторни инфекции, додека заболените крајници се опасност за детскиот организам од намалување на слухот, тешкотии при дишење, главоболка, црвено грло со беличести наслаги, целосно затворање на ларинксот и можно жариште на инфекции. Во воспаление на крајниците учествуваат повеќе фактори – пад на имунитетот поради студ, неисхранетост, замор, вируси, бактериски инфекции итн. Воспалението се јавува кога детскиот организам не е во состојба да ги совлада микроорганизмите и притоа се јавува: зголемена телесна температура, болки во грлото, отежнато голтање, болки во ушите, малаксаност, како и отекување на вратните жлезди. Претставува акутна состојба за која треба веднаш да се консултирате со матичниот педијатар на вашето дете.
Антибиотици, да или не?
Воспалените крајници кои не предизвикуваат болка или тешкотии при дишењето немаат потреба од третман со антибиотик, меѓутоа кај воспалените крајници кои даваат намалување на слух, тешкотии при дишење и целосно затворање на ларинксот – пеницилинските антибиотици претставуваат прв избор на лек, или пак антибиотиците одредени според антибиограм во комбинација со витамини, многу течности, калорична исхрана и мирување.
Што е трет крајник?
Третиот крајник е лимфно ткиво сместено во носот на ниво на ждрелото, кој што го сочинува одбранбениот систем околу местото низ кое најчесто влегуваат микробите во организмот, устата и ждрелото. Ова ткиво е значително активно во првите месеци од животот, бидејќи бебето тогаш по прв пат се сретнува со голем број на бактерии, вируси и други микроорганизми против кои создава заштита, антитела и бели крвни зрнца – лимфоцити, способни директно да ги уништуваат натрапниците. Лимфното ткиво е местото каде што се води најинтензивната битка, со цел да не се дозволи микроорганизмите да навлезат во внатрешноста на организмот. Најпрво се зголемува третиот крајник, кој што со обичен преглед не се гледа, а дури по третата година се формираат два крајника кои што се гледаат при преглед на грлото. И покрај тоа што третиот крајник не се гледа некој симптоми јасно укажуваат на тоа дека тој е зголемен, постојаното течење на носето, дишењето на уста и рчењето во текот на ноќта се јасни показатели за таа состојба.
Доколку третиот крајник е зголемен најдобро е тој да се извади. Со неговото вадење, одбранбениот систем не губи ништо, а малиот пациент добива многу, ќе може повторно да дише на носе, што е навистина важно, бидејќи носната слузница го топли и навлажнува вдишениот воздух а и во голема мера го прочистува од разни нечистотии и микроби. На тој начин се намалува можноста од инфекции на долните дишни патишта.
Третиот крајник се оперира кога прави пречки, а тоа се случува многу ретко во првата година, но ни тоа не е исклучено. Нема никаква причина да се одложува операцијата за поголема возраст кај доенчињата кои што имаат воспаление на увото, бидејќи тоа може да предизвика трајно оштетување на слухот.
Постои можност третиот крајник да се „врати“ без разлика на тоа кога ќе се извади, бидејќи тоа зависи од одбранбениот систем но и од генетските склоности. Некој деца мора да идат и до три пати на операција, но и тоа е подобро отколку да дојде до сериозни компликации.
Кај родителите честопати останува отворено прашањето дали со операцијата на третиот крајник се вадат и останатите два крајника. Докторите велат дека не, од едноставна причиниа што тие имаат многу поголема улога за имунитетот, и нивното вадење може да резултира со почести инфекции на долните дишни патишта. Постојат прецизни индикации за нивното вадење, но тие не се присутни во првата година од животот.
Подготвила: С.Н.