Денеска во 20 часот во „Кафе Ли“ ќе се одржи промоција на новата, двојазична сликовница за деца „Професорот Зоо и неговите пријатели“ од авторот Смиле Цветановски, а во издание на издавачката куќа „Стрип квадрат“.
Приказната за професорот Зоо е така замислена, што ги води децата на егзотично патување низ различни краишта во светот, а наедно ги запознава и со животните, и тоа преку римувани стихови, користејќи ги познатите стереотипи за нив. Така, на пример, змијата кобра игра на звук од зурла, пандата јаде трска од бамбус, фоката жонглира со топка во циркус, папагалот Ара зборува, бувот ноќе е буден, пингвинот гази по снег и сака во вода, верверичката собира лешници во есен… Навидум познати работи кои авторот на суптилен начин ги врежува во меморијата како слика која засекогаш ќе остане во сеќавање.
Стрип-авторот, графички дизајнер и илустратор, Смиле Цветановски, со текст и колор-цртежи раскажува за патешествијата на професорот Зоо, прилагодувајќи го тоа на возраста на децата, а при тоа нудејќи и многу сознанија на еден лесен и приемлив начин. Кратките песни се напишани на македонски и преведени на француски јазик, што за децата дополнително овозможува, покрај средбата со симпатичните ‘ѕверки’, да се запознаат и со еден странски јазик. Преводот на сликовницата е направен од долгогодишната професорка на катедрата за француски јазик и лекторка, Жана Ангеловска.