Неодамна сликарката и писателка Георгина Ѓурѓица Чакар одржа две самостојни изложби, едната во Абу Даби, другата во Дубаи ОАЕ. Во текот на месецот септември и октомври годинава галеријата Art Hub Gallery – World Trade Centre Mall во Абу Даби беше домаќин на самостојната изложба на сликарката и писателка од македонско потекло, Георгина Ѓурѓица Чакар.
Изложбата беше инсталирана на 16. септември, но официјалното отворање се одржа на 23. истиот месец. Посетеноста, според зборовите на кураторот на галеријата г-ѓицата Лада Соболевска беше над очекувањата, особено кога се работи за самостојна изложба.
-Во еден од медиумите во Емиратите прочитав дека на отворањето на изложбата, меѓу другите присуствувале неколку почесни гости кои беа наброени. Мене сите луѓе што дојдоа ми беа почесни. Сепак би сакала да го издвојам присуството на македонскиот амбасадор во Емиратите, неговата екселенција г-дин Сашо Ташевски и заменик амбасадорката г-ѓа Елма Ал Торок, бидејќи како Македонка во странска земја нивната поддршка многу ми значеше. Исто така ми беше чест што г-динот Ахмед Ал Јафеи, сопственик на ланецот галерии Art Hub остана на приемот целата вечер. Г-ѓата Јоланда Патриша де Карвало се појави како претставник на Амабсадата од Ангола. Беше интересно да се запознам со првата жена на светскиот голф г-ѓата Бланка Риволиер и уметничкиот пар од Јапонија, г-ѓа и г-дин Наоми и Рена Озаки. Посебно им благодарам на моите драги Македонци кои допатуваа од Дубаи да ми дадат поддршка за изложната, изјави уметницата.
Изложените дела на Изложба насловена „Наследно богатство“, таа ги опишува како колеција на чувства и лични сеќавања но и наследени од историјата на Македонија и на светот. Мотиви како невестинска трепетулка, стари пари со ликовите на Филип и Олимпија и детали од традиционалните македонски костими беа презентирани на позадини со апстрактен уметнички израз. Предметите што ги обработува на своите дела сликарката Чакар ги нарекува апстракт + (апстракт плус). Повеќето од нејзините уметнички дела се слики со поголеми димензии.
-Платното го гледам како платформа на која не нанесувам само акрилни бои, туку и трансфер медиум, мозаици, маслени бои, паста за три-димензионални ефекти. Фотографското сликарство не е мојата цел. Во сликањето ме водат чувства и сеќавања, ме води бесконечното богатство на боите. Чувствата бараат што побрзо да бидат пренесени при создавањето на уметничкото дело. Акрилните бои имаат карактеристики брзо да се сушат. Веројатно затоа нив најчесто ги употребувам за да го втиснам на сликата тоа што ми се преточува низ рацете во моментот. Можеби во тоа лежи и одговорот на едно прашање кое не е лесно да се одговори: Од каде доаѓа инспирацијата да се слика апстракт. Да се прави апстракт не е мој избор. Тоа доаѓа само по себе водено од акумулирани чувства, животно искуство и лична перцепција за се околу мене. Од истите извори доаѓа и инспирацијата за сликање, додава.
Една седмица по завршувањето на изложбата во Абу Даби, г-ѓата Чакар се претстави со нови дела во Дубаи. На 24. октомври Gallery 76 – DIAC ги отвори своите врати за љубителите на уметноста на кои преку 22 слики сликарката им се претстави со нов концепт наречен „Огледувана перцепција“.
-Само во судовите се разгледуваат факти. Се друго е индивидуална перцепција. Така и во моите слики се водат дијалози на пример меѓу два портрета. Посакува ли жената со затвоени очи на сликата „Крзно“ да биде силна како жената на сликата „Пердуви“. Или, дали во огледалото жената на сликата Пердуви се гледа себеси како да изгледа како онаа од „Крзно“. Замислете колку би бил животот здодевен кога сите би ги гледале само фактите, е уште едно појаснување од страна на сликарката.
Просторот во Gallery 76 беше класичен изложбен простор во кој сликите имаа место да „дишат“, да „разговараат“ со посетителите и помеѓу себе. Посетеноста на вечерта на отворањето беше онаква каква што се очекува да биде во една мултикултурна средина како Дубаи. Покрај поголемиот број Македонци изложбата ја посетија љубители на уметноста од други националности кои во една смирена и пријатна атмосфера имаа шанса да се запознаат и да се дружат помеѓу себе, е информацијата која ја дознаваме.
-Се чувстбувам благословена што имам шанса последниве 11 години да живеам во богата и убава земја како што се Емиратите. Среќна сум што ме претставуваат истакнати галерии во Дубаи, Абу Даби и Ал Аин.
Георгина Ѓурѓица Чакар е интернационален уметник, позната по нејзината динамична употреба на бои и длабокото значење на содржината на сликите. Денес таа живее во Дубаи. Се занимава со сликање, пишување и архитектура.
-Сликите што ги направив во Австралија и кои се наоѓаат во неколку луксузни резиденции во Сиднеј се нишка со дел од еден мој живот. Оние на кои тековно работам со мотиви од македонските убавини ја зацврснуваат нишката со мојата Македонија, вели.
Дел од сликарството на г-ѓата Чакар е достапно на www.georginachakar.com
-Најважното (за мене) го оставив за последно, мојот интерес за сликањето започна во 1985-та година кога купив еден портрет од Константин Мазев, постариот син на професорот Петар Мазев. Секој ден го набљудував портретот и сонував дека еден ден ќе можзам да насликам нешто слично. За жал Константин почина многу млад и немав шанса да го сретнам и да му се заблагодарам за искрата со која ја запали во мене страста за сликањето, ни откри на крај уметницата.