Изложбата „Африкански лица“ со фотографии на реномираната македонска фотографка Билјана Јуруковски, на која ќе бидат претставени повеќе дела создадени за време на нејзините патувања низ Африка, ќе се отвори на 16 јуни 2021 (среда) во 20 часот во Музеј на Република Северна Македонија.
Посебен интерес предизвикуваат прекрасните портрети на народот Сури, една од најизолираните заедници населени во Југозападна Етиопија. Преку оваа изложба ќе имате прекрасна можност да се запознаете со архаичната култура на Сурите, но истовремено и да го посведочите уникатниот талент на фотографката Билјана Јуруковски. За ова волшебно патување низ Африка ќе можете да поразговарате со фотографката Билјана Јуруковски на средбата која ќе се одржи на 17 јуни 2021 во 12 часот во Музеј на Република Северна Македонија.
По впечатливите изложби „Духовите на Африка“ и „Африка во Македонија“ одржани во нашиот музеј, кураторот Гоце Наумов преку изложбата „Африкански лица“, ја продолжува приказната за африканските култури. Оваа изложба ќе биде пропратена и со негово предавање за народот Сури кое ќе се одржи на 23 јуни 2021 во 12 часот во Музеј на Република Северна Македонија.
За време на изложбата и придружните настани ќе се почитуваат сите предвидени мерки и протоколи. Задолжително е носење на заштитна маска во затворен простор, а протокот на посетители за време на отворањето ќе биде регулиран со наизменично влегување на групи од посетители согласно капацитетот на салата.
Изложбата е финансиски подржана од Министерството за култура.