среда, декември 4, 2024
домаКолумниАгенција за филм – скандал до скандал

Агенција за филм – скандал до скандал

Во изборот на Агенцијата нема апсолутно ништо ново. Има само поголема дрскост и помал круг луѓе од порано, кои редовно ги добиваат парите.

Пишува Сунчица Уневска

Агенцијата за филм ги додели парите и со своите изјави сака да прикаже дека направила нешто ново. Веројатно, директорот на Агенцијата, Горјан Тозија, кој очигледно е горд на оваа „квалитетна и одлична листа на филмови“, мисли дека ако даде изјава дека изборот бил „објективен, непристрасен и современ“, тоа е доволно за да каже колку голема работа направиле. И, можеби, некој кој нема искуство и би поверувал, без оглед на произволните и тотално непоткрепени изјави, но затоа доста самоуверени и надмени, дека сега е направено нешто поинакво и дека успесите на македонскиот филм несомнено ќе продолжат. А за во тоа да поверувате, треба навистина да имате кратко паметење.

Би рекле, зошто? Затоа што ништо, ама баш ништо не е сменето. И тоа не само откако е дојдена оваа гарнитура на власт и во Агенцијата за филм, туку ништо не е сменето години наназад. Повторно, како порано, се поддржуваат автори за кои се верува дека ќе нè однесат на големите филмски фестивали. Што најпрвин, навистина не е во ред во однос на другите проекти, а второ, се разбира, ако немаме многу кратко паметење, токму лани и преклани филмовите кои ги направија најголемите успеси беа на меѓународно „непознати“ автори и дебитанти, „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески и „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов.

Од каде гаранцијата дека авторите кои добија највисока сума, Милчо Манчевски и Теона Митевска, тоа ќе го направат. Имавме доста примери и во изминативе години кога по истиот принцип се делеа пари, па како што знаеме, тие големи очекувања не се остварија. На „Санденс“ за првпат во македонската историја во 2018 нè однесе, за нас непознат автор, Горан Столевски со неговиот краток филм „Види ја ти неа“ поддржан од претходната гарнитура. Потоа, лани тргнувајќи од „Санденс“ па сè до „оскарите“ авторите на „Медена земја“ го донесоа досега најголемиот успех за македонската кинематографија, а тргнаа многу скромно и со речиси никаква поддршка од својата земја. Ѓорче Ставрески, исто така, направи извонреден успех со својот дебитантски филм „Исцелител“, за кој му требаше многу време да го склопи, покажувајќи дека може поинаку и дека во Македонија има квалитетни автори, кои не спаѓаат во онаа „мала“ група што може да нè однесе на филмските фестивали.

Кое е другото оправдување за овој избор на директорот Тозија. Дека е ставен акцент на дебитанти. За жал, и тоа е многу дискутабилно. Да, Горан Столевски и Димитар Оровчанец секако треба да добијат поддршка (требаше и многу порано), но да потсетиме дека во интервју за ФИЛМ+ токму Оровчанец кажа дека во Македонија безуспешно аплицира веќе 14 години. Додека, Горан Столевски, исто така, е автор кој работи долго, 16 години пред да му се случи успехот на „Санденс“. Што сакаме да кажеме? Прво, дека кај нас стана нормално авторите на 40 години, отприлика, да бидат дебитанти, особено со оглед на тоа што просекот на снимени филмови на еден режисер во нашата земја се движи меѓу два и три филма (освен за Манчевски и за Митевска). А второ, и тие кои добиле поддршка, најважно е со која продуцентска куќа работат. Тозија мисли дека може лесно да фрла прав в очи, особено што сега навистина не се ни следи така како порано филмската продукција и воопшто, состојбата со филмот. Но, факт е дека најмногу пари повторно доби истиот круг на луѓе кој цело време добива, како што претходно пишувавме, преку филмови, преку манифестации и други измислени проекти. За жал, така е и сега, со многу поддржани филмови на оваа листа, вклучувајќи ги и малцинските копродукции. Истите луѓе, истите продукции со едно, две или три различни имиња.

И без срам се излегува и се тврди дека е направен „објективен и непристасен избор“. Се разбира, младиот 19-годишен режисер Ханис Багашов (кој зад себе веќе има многу фестивали и признанија) е повторно одбиен со небулозното оправдание дека „нема диплома“, а многу од авторите како Антонио Митриќески и други, не можат ни да помислат да аплицираат бидејќи во старт се знае дека нема да добијат, затоа што Тозија и компанија мислат дека можат да одредуваат кој може и кој треба да се занимава со филм. Од каде навистина тоа право? Тозија често повторува дека секој што не знае што да прави со себе се занимава со филм. Такви произволни изјави се многу лесни, па така некој друг може тоа да го каже и за него и за многу други. Бидејќи, она што треба да зборува за тоа дали некој може да се занимава со филм, се делата и ништо друго. Воопшто не е во ред во старт да тргнувате со тоа кој треба да добие, кој не треба да добие. Токму искуството не учи, дека многу пати кога мислевме дека ќе добиеме, како што мислеше Тозија за „Врба“ на Манчевски или како што мислеа порано за филмот „До балчак“ на Столе Попов, ни оддалеку не го донесоа тоа што го очекувавме и таква гаранција нема.

Но, Горјан Тозија си продолжува со своите неиздржани изјави и понатаму. Како што изјави актерот Висар Вишка, кој сосем оправдано бара транспарентност, „во Агенција за филм не сакаат да ги кажат имињата на комисијата за да немало влијанија, што воопшто не држи, бидејќи ако не можат да се носат со влијанијата тие членови и не треба да се таму“. Тоа е прво, а второ е што добитниците се веќе објавени и кого тогаш штити Тозија и од што. Освен тоа, на забелешката на Антикорупциска комисија дека има судир на интереси, бидејќи двајца членови на Советот во Агенцијата се и меѓу рецензентите што ги оценуваат филмовите (чии мислења потоа одат во Советот), и кои врз основа на тоа беа сменети, повторно не беше доволно за да се објават нивните имиња. Наместо тоа, Тозија уште онака бескрупулозно ја обвинува Антикорупциската комисија за нејзината работа. Навистина не знам во која земја директор на една институција излегува, и иако има докази, па и смена на членови, сепак ја обвинува другата институција за тоа дека не знае што работи. Така излегува нели, ако кажете дека се надминала себеси и дека работи преку своите овластувања.

Неверојатно е на кој начин Тозија си дозволува да ги обвинува Антикорупциската комисија, па и Транспаренси интернешенел дека работеле од политички причини и вршеле притисоци, а тој сепак не бил подготвен на компромиси. Колку е тоа, да речеме, дрско во оваа ситуација, зборува токму изборот на проектите и на истиот круг луѓе што ги добиваат парите. Да, има и понекој кој во сето тоа ќе добие среќа да влета, но ова за кое што зборуваме се однесува на поголемиот дел. Ништо во изборот не е ново, напротив, ваквите избори ги гледаме со години. И порано имаше обид, покрај редовно поддржаните, да се поддржат и дебитанти и после долги години навистина и вроди со плод. А така ќе биде и сега, на тоа нè учи токму искуството.

Не, во изборот на Агенцијата нема апсолутно ништо ново. Има само поголема дрскост и помал круг луѓе од порано, кои редовно ги добиваат парите. А приказната за политичките притисоци да не е смешна ќе биде трагична. Бидејќи, Антикорупциска загреба само на површината, а ако се направи една мала споредба за тоа кому во овие години и за што се даваат парите, и кој сè стои зад сите тие паравани, може да открие и многу повеќе. Произволните изјави се само прав во очи, но жално е што тоа трае и трае и трае и продолжува…

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ