среда, декември 4, 2024
домаКујна„Ах, љубов моја“ тотално промашување

„Ах, љубов моја“ тотално промашување

Новиот македонски долгометражен филм „Ах, љубов моја“ на Коле Ангеловски не издржа ни три недели во киносалите во Скопје. Празна сала со дечиња кои очекуваат да го видат „Глупавиот и поглупавиот“. Што и воопшто не е чудно, ниту тоа е филм кој требаше да се снима, тотално е надвор од времето, сосема непотребен и како филм исклучително лош.

И како претстава „Ах, љубов моја“, со која се отвори Театарот Комедија, веќе се виде дека не може да го привлече вниманието на гледачите, се виде нејзината истрошеност и некомпатибилност со времето, па сепак, беше одлучено и прифатено од Агенцијата за филм, од оваа претстава да се прави и филм.

Како што на почетокот изјавуваше сценаристот и режисер Коле Ангеловски, што потоа како податок некаде се загуби, ова е текст правен според мотивите на големиот комедиограф Жорж Фејдо. Ја паметиме хит-претставата „Болва во уво“ според текст на Фејдо, која пред четириесет години имаше огромна гледаност во нашата земја и која траеше долги години. И не само кај нас. Факт е дека таа комедија спаѓа во редот на познатите класици, која секој театарски репертоар треба да ја има. Но, дури и таквите ремек-дела мораат да имаат прилагодување на времето за да траат. Се разбира, дека ниту драмите на Молиер по цели четири века не можат да бидат исти, ако го немаат оној допир со актуелниот политички и општествен момент, што секогаш ги прави интересни и севременски. Така е впрочем со сите класици, кои секогаш повторно може да се обноват и да се постават во било кој театар на светот.

„Ах, љубов моја“, кој е доста амбициозно правен по мотивите на Фејдо, е далеку од тоа на што авторот претендирал. Ниту како драмски текст за театар, а уште помалку како сценарио за филм, кое рака на срце е сосем исто со театарската претстава. Се изнаслушавме изјави која била идејата на режисерот Коле Ангеловски, но тоа нема врска со она што како производ сме го добиле. Впрочем, и не треба режисерот да ни објаснува која му била идејата. Ако таа не е видлива, џабе…

А не е. „Ах, љубов моја“ не е никаква пародија на турските серии, ниту било каква критика на времето во кое живееме, таа не успева да допре ништо, ниту површината од тоа за кое зборува. И после таква претстава да се одобри правење на филм за кој однапред се знае дека нема никаква смисла, ниту логика, а по него се најавува и телевизиска серија, па не можете а да не се запрашате – до кога? До кога со овие небулози што ги одобрува македонската Агенција за филм, криејќи се зад фамозните Филмски совет и Управен одбор.

Можеби ќе биде појасно ако кажеме дека директор на фотографија во „Ах, љубов моја“ е Роберт Јанкуловски, кој е член на Управниот одбор уште од самите негови почетоци и кој спаѓа во оние навидум невидливи личности, кои се спикани насекаде и кои дебело одработуваат, ама богами и профитираат. И во која земја, да кажеме по којзнае кој пат, има ваков судир на интереси. Член на Управен одбор, кој како орган ги носи конечните одлуки за сите проекти поддржани од Агенцијата за филм, се потпишува како директор на фотографија на овој филм.

Веќе имаме пишувано дека во земјава во последниве десетина години се снимени над 150 долгометражни, краткометражни, документарни и анимирани филмови, дека се потрошени милиони евра и кој е резултатот? Прво и прво нашата публика нема видено ни третина од овие филмови, а што донеле и колку нашата кинематографија се придвижила напред, е уште попоразително. Бидејќи, немаме направено ни чекор подалеку.

Ah ljubov moja 2Обичната публика често прашува зошто не се снимаат македонски филмови. Апсурдно, нели? Неверојатна е реакцијата кога ќе им кажете колку пари се вложуваат и колку филмови се снимени, а од тоа немаме ништо. И оние што се прикажуваат публиката ниту ги гледа, ниту чула за нив, ниту има желба да ги види. И, со право. Како што зборувавме со еден колега, сега да ги пуштиме во кино „Среќна Нова ‘49“ или „Тетовирање“ или „Црно семе“ ќе имаат илјада пати поголема публика од филмовите што се снимени последниве години.

А неодамна во една телевизиска емисија професорот и режисер Владимир Блажевски тврдеше колку е важна улогата на Агенцијата за филм и дека таа секако мора да продолжи да постои, а особено да поддржува проекти. Инаку, Блажевски е член на Филмскиот совет во оваа Агенција, кој навидум има само советодавна функција, иако воопшто не е така. И како нема да ја поддржува, тој кој поради „вечниот судир со владејачката струја“ никогаш не добивал проекти, сега добива се, а секако и нов проект, кој е во постпродукција.

Навистина, тој проект насловен „Слобода или смрт“, беше одобрен пред да се формира Филмскиот совет, но откако Блажевски стана близок соработник на поранешниот директор на Агенцијата за филм, Дарко Башески (кој веднаш го вклучи во тукушто оформениот Совет). А сега, кога нели нема конфликт на интереси, Блажевски беше во Берлин каде што Агенцијата за филм му го поддржа новиот проект и со нејзини средства го промовираше неговиот филм на маркетот на Берлинале.

За жал, во Советот и понатаму е Владимир Блажевски, како и професорот Димитар Грбевски, и двајцата од Факултетот за драмски уметности, факултет кој уништи генерации филмаџии, бидејќи, како што е општо познато, тие немаа и немаат каде да го научат филмскиот занает. И тука воопшто не е важно дали Блажевски е добар сценарист или режисер, и дали Грбевски е добар монтажер, не е важно ни тоа што студентите често велат дека најмногу научиле од проф. Грбевски. Неспорен факт е дека тие ја сносат одговорноста, заедно со сите други на овој факултет ( на кој замислете не се ни прават анализи на филмските дела, кадар по кадар, барем како што ни кажуваат студентите), кои не успеаја да образуваат нови филмски генерации, што се покажа погубно и чии резултати денеска се и тоа како видливи. Но, тие како „стручњаци“ се во Советот на Агенцијата за филм и се уште одлучуваат за тоа кои проекти ќе се снимаат. Неверојатно!!!

Вакви небулози и судири на интереси не знаеме каде уште постојат. Можеби во некоја Тунгузија, во која за жал ние се претворивме. Се надеваме на промени и на тоа дека по толку загубено време, конечно, македонската кинематографија ќе види некои светли денови. Но, да не се залажуваме дека ова што со години е испуштено, може тукутака да се поправи. Не, треба да се тргне од почетокот и многу нешто да се промени за да може да се фати оној загубен чекор, кој без остаток не остави на дното.

Сунчица Уневска

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ