Меѓународниот фестивал на оперската уметност „Мајски оперски вечери“ по 47 пат свечено ќе биде отворен вечерва (9 маj), а ќе трае до 31 мај. За време на фестивалот се изведуваат некои од најубавите оперски претстави, како и една балетска претстава а учествуваат реномирани домашни и светски режисери, диригенти, кореографи, оперски и балетски солисти.
Оваа година, на големо задоволство 47. Мајски оперски вечери свечено ќе се отворат на 9 мај и ќе се затворат со премиера на „Аида“, магичното ремек дело на Џузепе Верди. Спојот на традицијата со визуелната иновација, футуристичката виртуелна сценографија ќе ја одведат публиката на патување низ древниот Египет раскажувајќи приказна за љубовта. Италијанскиот диригент Енрико Довико ја има честа да ги отвори Мајските оперски вечери со премиерната изведба на „Аида“ во продукција на Театарот Карло Феличе од Џенова, Италија. Режијата ја пренесува и адаптира Дејан Прошев, кореографијата е на Луиза Балдинети додека асистент кореограф е Саша Евтимова. Во главните улоги ќе настапат Благица Поп Томова како Аида, Амади Лага(Франција/Тунис) како Радамес, Ирена Кавкалевска како Амнерис и Борис Трајанов како Амонсаро. Улогата на Рамфис ке ја толкува Владимир Саздовски, додека во улогата на фараонот ќе настапи ЕвгенијСтанимиров од Бугарија.
„Лебедово езеро“ на Петар Илич Чајковски, бисерот на балетската уметност, легендарниот и еден од најубавите балети во класичната уметност ќе биде изведен на 12 мај. Во улогата на Одета и Одилија, белиот и црн лебед ќе настапи Маја Махатели од Грузија, додека во улогата на принцот Зигфрид ќе настапи Артур Шестериков од Русија, двајцата првенци на Холандскиот национален балет, со голема балетска кариера. Диригент е Бисера Чадловска, кореографијата е на Виктор Јаременко од Украина, сценографијата на Андреј Злобин додека костимографијата е на Гана Ипатиева. Националната првенка на Хрватска Ирена Пасариќ, како главен репетитор и педагог, задолжена е за подготовките и пробите на балетскиот ансамбл.
На 15 мај ќе биде изведена операта „Лучија од Ламермур“ на Гаетано Доницети. Диригент е Најден Тодоров од Бугарија, режијата е на Лев Пулиезе од Италија, костимограф е Марија Пупучевска. Во главната улога како Лучија ќе настапи првенката Ана Дурловски која што бележи успешна светска кариера. Италијанскиот баритон Франческо Вултаџо, добитник на многубројни интернационални награди ќе настапи во улогата на Енрико, додека во улогата на Едгардо ќе настапи Ифрим Космин од Романија, кој со својот полн и обоен тенорски глас бележи настапи на многубројни престижни оперски сцени и театри низ светот. Во улогата на Рајмондо ќе настапи гостинот од Србија Иван Томашев, солист на Националната опера во Белград, а во улогата на Артуро – Марјан Николовски. Марика Поповиќ и Јане Дунимаглоски ќе ги видиме во улогите на Ализа и Нормано.
Од 15 мај, па се до 31 мај, во делот најавен како офф-програма, од 19 часот ќе биде поставена изложба во чест на примадоната и еден од основоположниците на оперската уметност во Македонија, мецосопранот Ана Липша Тофовиќ. Проектот се реализира на иницијатива и со финансиска поддршка од Матицата на иселениците од Загреб, Советот на македонското национално малцинство на Град Загреб и Заедницата на Хрвати во Република Македонија кој се однесува на афирмација на истакнатата музичка уметница Ана Липша Тофовиќ од Република Хрватска која со своето дејствување заедно со еминентни театарски уметници од Загреб придонесе до втемелувањето на културната соработка помеѓу двете земји. Проектот има за цел да ги презентира на јавноста животните стории и фрагментите од дејствувањето на Ана Липша Тофовиќ во овие простори преку изложба на нејзините предмети, фотографии, костими, плакати и се што е зачувано, а воедно е означување на 65 години од поставувањето на првата Аида во Македонија.
„Риголето“, уште едно ремек дело на Џузепе Верди ќе биде изведено на 18 мај во режија на Нина Најденова од Бугарија. Диригент е Алесандро д’Агостини од Италија, кој и е добро познат на македонската публика, диригент со импозантна кариера низ голем број европски оперски куќи. Во насловната улога ќе настапи баритонот Алберто Гаѕале од Италија. Тој бележи блескава кариера со репертоар кој вклучува над 70 улоги, а настапува во Миланската Скала, Виенската „Штац“ опера, Арена ди Верона како и во повеќето претижни оперски куќи низ Европа. Во Улогата на Џилда ќе настапи сопранот со префинета вокална техника, Линда Кампанела од Италија. Таа е редовен гостин на најпрестижните меѓународни оперски куќи настапувајќи низ целиот свет, а покрај тоа е престижен наставник по вокална техника и интерпретација на Вокалната Академија во Торино. Во улогата на Војводата од Матова ќе настапи Ифрим Космин од Романија, Владимир Саздовски како Спарафучил и Ирена Кавкалевска како Мадалена.
На 20 мај, како дел од офф-програмата, во соработка со Австриската амбасада во Скопје, ќе се одржи проекција на отворено на операта „Ана Болена“ на Гаетано Доницети. Настанот ќе се одржи пред платото на НОБ, по повод одбележување на 150 годишнината од основањето на Виенската државна опера. Гаетано Доницети со премиерната изведба на Aнa Болена во 1830 година во Милано постигна триумф од невидени размери. Делото, кое е препознатливо по изобилството мелодии и привлечна музичка драматика, успеа во краток временски период да биде вклучено на репертоарот на безброј оперски куќи, ширум светот.
Величенственото дело „Боеми“ на Џакомо Пучини ќе биде изведено на 22 мај под диригентската палка на Оливер Балабурски, во режија на Дејан Прошев. Во улогата на Родолфо ќе настапи добро познатиот тенор Иван Момиров од Бугарија. Цветелина Василева од Бугарија со својот уникатен лирско-драмски сопран ќе ја изведе улогата на Мими. Таа има богата музичка кариера настапувајќи низ најпрестижните оперски куќи како што се Метрополитен во Њујорк, Кралската опера „Ковент Гарден“, Државната опера на Берлин и многу други низ целиот свет. Валдис Јансонс од Латвија ќе настапи како Марчело, Андреа Ѕаупа од Италија во улогата на Шонар, додека заводливата Мизета ќе ја толкува Катерина Стојановска, а Владимир Саздовски во улогата на Колин.
На 28 мај ќе имаме можност да проследиме уште еден бисер на оперската уметност, „Травијата“ на Џузепе Верди, ремек дело чие либрето е напишано според романот „Дамата со камелии“ на Александар Дима. Со оркестарот ќе диригира Филип Павишиќ од Хрватска додека режијата е на Верена Штојбер од Германија. Главната улога на преубавата Виолета Валери ќе ја толкува Сања Керкез, оперската дива од Белград, Србија. Благој Нацоски ќе ја толкува улогата на Алфред Жермон додека во улогата на Жорж Жермон ќе настапи Отар Накашидзе од Грузија. Улогата на Флора ја толкува Николина Јаневска.
Овогодинешниот фестивал ќе биде затворен на 31 мај со повторна изведба на Вердиевата „Аида“ под диригенство на Диан Чобанов од Бугарија, диригент со богата Европска кариера. Во главните улоги ќе настапат русинките Олга Романко како Аида и Ирина Долженко како Амнерис. Во улогата на Радамес ќе настапи првенецот Ѓорѓи Цуцковскидодека во улогата на Амонасро ќе настапи Анџело Веча, гостинот од Италија. Улогата на Фараонот ќе ја исполни Александар Стефаноски.