Американската технолошка компанија „Ај-би-ем“ (IBM) го свртува вниманието кон хакери чија цел се компании клучни за дистрибуција на вакцините против Ковид-19, што е знак дека дигиталните шпиони обрнуваат внимание на сложената логистичка работа за вакцинирање на светската популација против корона вирусот.
Компанијата за информатичка технологија денес на својот блог објави дека открила „глобална кампања“ фокусирана на организации поврзани со „ладниот ланец“ на вакцината против Ковид-19, процес што е потребен за одржување на дозите на вакцините на екстремно студени температури додека патуваат од производителите до рацете на луѓето, пренесува Ројтерс.
Единицата за сајбер безбедност на „Ај-би-ем“ соопшти дека открила напредна група хакери кои работат на собирање информации за различни аспекти на „ладниот ланец“ користејќи електронски пораки испратени во име на директорите на компанијата “Хајер биомедикал“, кинески снабдувач на „ладниот ланец“ кој врши транспорт на вакцини и складирање на биолошки примероци.
Хакерите вложија извонреден напор, рече аналитичарката на „Ај-би-ем“, Клер Забоева, која помогна во изготвувањето на извештајот. Хакерите ја испитале точната марка, модел и цените на разните ладилни уреди на „Хајер“, рече Забоева.
„Кој и да стои зад ова, бил одблиску запознаен кои производи се вклучени во синџирот на снабдување за испорака на вакцината за глобалната пандемија“, вели аналитичарката. А.Р.