На 11 март, во доцните часови и во полицискиот час познатиот пејач и автор Александар Митевски на фејсбук го раскажа сеќавањето за тоа како настанала песната “Македонија навива за вас” со Тоше Проески. Тој напиша, ваков текст:
„Што да се каже во една ваква делириумска вечер кога срцето ни е полно после победата на Македонија и насекаде ечи песната “Македонија навива за вас”?
Оваа песна која стана национална спортска химна, ја напишав во летото 2007 година за конкурсот за спортска химна на АМС.
Долго време ја мислев и некако не одеше, се додека не се појави како мелодија на нашето летување. Ќерка ми Мања беше уште бебе. Во моментот кога ме затекна мелодијата во глава, единствено нешто на кое можев да ја отсвирам беше една мала играчка како мало пластично клавирче со 8 тонови..
Обично кога некоја мелодија можеш да ја отсвириш во 8 тонови, тоа има шанси да е хит. Зборовите се слеваа брзо и спонтано и ги напишав строфите, рефренот..
Одговорноста беше голема затоа што сум напишал повеќе такви песни а најпозната беше “Кометал шампионе”. Ја пријавив на конкурсот многу пред сите други песни, а конкурсот се продолжуваше неколкупати. Ја снимив како демо со мој глас и така проаѓаше времето..
Некако потајна желба ми беше да ја отпее Тоше, но знаев дека тоа е многу тешко остварливо во тој период на неговата најголема популарност и презафатеност. Преку разни контакти и негови и мои пријатели , судбината сакаше да дојде песната до него и Тоше “од прва да ја засака” и посака да ја сними. Ја снимавме потоа во студио, аранжманот и студиската верзија ја направив заедно со Бобан Василески (кој свиреше одлични гитари и е мој близок соработник во студио), а се надоврзаа со својата свирка и Црни на бас и Хистер на тапани од бендот “Нон Стоп”.
Некако сите влегоа со голема енергија и знаевме дека правиме нешто историско, што на крајот и се покажа. Една ноќ, враќајќи се од неколку споени настапи низ регионот, Тоше влета во студио и ја отпеа песната со невиден жар и желба. Иако преморен, кога ги запеа првите тактови, како да се отвори небото. Тоа се ретки прилики кога сме работеле заедно и секогаш било така. Бане Томато со својата екипа го сними видео парчето како студиска атмосфера и неколку фотки излегоа од тоа снимање ( ги гледате во прилог).
Потоа се е како на филм и историја. Се случи настанот кој ја зави во црно цела Македонија и Балканот, а на изборот песната беше изведена со трогателна сцена со празен микрофон. Таа ноќ кренав температура од возбуда, од измешани чувства, од тага, од гордост… Иако имаше одлични песни (од кои некои и денес се пејат), оваа песна беше избрана со голем консенсуз од гласови. Огромен…
Голема е честа што оваа песна и ден денес живее на стадионите, во салите, се слуша на сите победи и прослави..
Тоа е накратко, иако знам некогаш да кажам дека по оваа приказна може да се сними и филм..
Да се сеќаваме на убавите работи..
На сите тие нешта од нашите животи и кариери, со Дац ќе ве потсетуваме овие карантински, полициски ноќи…
Чувајте се и бидете со нас..
Добра ноќ на сите…“