среда, ноември 20, 2024
домаЖивотЖивотна срединаАЛЕКСАНДРА ПЕТРОВСКА: Итно и веднаш е потребно да се воведе задолжителен еко...

АЛЕКСАНДРА ПЕТРОВСКА: Итно и веднаш е потребно да се воведе задолжителен еко предмет! 

По 20 години вложени во сферата на образованието, по неколкугодишно активно работење во невладин сектор на еколошка проблематика, младата и амбициозна активистка Александра Петровска смело, самоуверено и со сите потребни сознанија, се впушта во сите предизвици на таа тема.

*Здружение за значење на еколошкото образование за осовременување на образовниот процес ЗЕОООП Скопје е формирано од Ваша страна. За какво здружение всушност станува збор?

– Најпрвин сакам да Ви се заблагодарам на поканата за интервју на Вашиот портал. Ми претставува особена чест и задоволство овозможената прилика да се зборува за различни аспекти кои ме опишуваат мене деловно, но и службено. Здружението ЗЕОООП е основано во Скопје во 2014 година, кое работи и делува во областа на животната средина со акцент на едукација.

*Социјалната екологија како посебна социологија која го проучува специфичен однос помеѓу човекот и неговата околина е една од вашите определби. Во контекст на тоа, досега какви концепти и проекти имате  реализирано?

-Поврзаноста на глобализација, меѓународната ориентација и еколошка едукација во формирањето на еколошката култура во решавањето на еколошките проблеми како и соработка со организации, институции и здруженија од хуманитарен, научен, културен, спортски,  забавен,  здравствен и образовен карактер и друго, соработка со меѓународни организации, институции, здруженија и поединци кои се занимаваат со иста или слична дејност во изминатите години, ни овозможи и ни отворија многу врати да бидеме апликативни на проекти и тоа од сите донатори во нашата држава. Нескромно можам да се пофалам дека сите проекти со кои имаме досега аплицирано, ги имаме и добиено. Најчесто се во однос на едукација за климатски промени, подигнување на јавната свест за правото на здрава животна средина, зајакнување на капацитети на граѓански организации… Неодамна добивме проект поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање, во партнерство со здружение од Струга, каде што проектот ќе се реализира на два јазици – албански и македонски јазик, а се нарекува – “КЛИМАТСКА ЕДУКАТИВНА АКЦИЈА – УЧЕСТВУВАЈ И ТИ”. Штотуку добивме резултати од повик на Општина Аеродром во кој аплициравме за проект наречен „Со климатска акција до одржлив развој“, кој исто така го добивме. Дополнително, очекуваме информации од субгрантиран проект од ЕУ кој се нарекува „Младинско учество преку имплементација на Архуската Конвенција на локално ниво“. Во минатото работевме на проектот се викаше „Животната средина те менува – набљудувај, проучувај, истражувај“ поддржан од Општина Кисела Вода. Понатаму имавме проект субгрантиран од ЕУ – Преку Архус и Мастрихт до еколошка транспарента информација, за кој подготвивме и прирачник кој ќе биде водич со препораки за архуската конвенција, а едуциравме повеќе здруженија и граѓански совети на станари кои гравитираат во повеќе општини во Град Скопје и работат и делуваат на локално ниво. Има навистина доста активности.

*Нагласување на образованието за животната средина и важноста за развој на еколошката култура, стои како уште  една точка од Вашето работење. Дали кај нас воопшто постои такво образование, или барем акцент на еколошката култура, во рамките на образованието?

-За жал навистина морам да истакнам дека во нашето формално основно образование не постои конкретен предмет кој ја поддигнува свеста за животната средина и се изучува како концепт, но, затоа задолжително 30% од сите предмети треба да се реализират со еко содржини. Како наставник со 20 години работно искуство одговорно тврдам дека хартијата трпи сѐ, и овој процент на часови речиси и да не се применува. Секако, секоја чест на исклучоци.

*Колку е потребна  еколошка едукација во решавањето на еколошките проблеми? 

-ИТНО И ВЕДНАШ е потребно да се воведе задолжителен предмет со еко содржини во најмала рака за прдучилишно и основно образование. За таа цел, јас како претседател на нашето здружение ЗЕОООП, учествував во работна група на Агенцијата за млади и спорт и тоа во делот на образование и вработување, каде сите членови ја поздравија мојата насока и едногласно изгласаа предлог за воведување на задолжителен ЕКО предмет. Од друга страна пак, како член на работна група за одредување на приоритетите при подготовка на буџетот на Р.С.М, повторно по моја насока издејствував најголемиот дел од буџетот да биде предвиден за образование и животна средина.

*Со оглед на тоа дека кај нас поимот екологија доцни, но дури сега почна нешто да се презема, каде се едуциравте во однос на дадените теми?

-Изминатите 7 години, инвестивав во капацитетите на здружението како и во моето знаење од различни области на животната средина. Согласно сите мои обуки кои ги имам поминато, конференции, работилници, во овој момент сум сертифициран обучувач за обуки како и дипломиран комуниколог за кое имам завршено посебна обука во NASEN DIALOG CENTAR, но и автор на повеќе трудови од кој посебно ја издвојувам програмата која ја имам подготвено за потребите на организацијата ЕКО СВЕСТ, а е во насока за едукација од областа на животната средина на пет возрасни групи. Секако тука се и моите постдипломски студии од областа на менаџмент на човечки ресурси, како и лиценцата за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење.

*Имаме многу невладини кои имаат допирни точки со екологија, но сепак ништо не е мрднато чекор подалеку, сѐ уште се труеме во загаден воздух и загадена околина. Во што е “куртцшлусот”?

-Ова прашање секогаш ми е предизвик да го коментирам бидејќи јас сум гласноговорник и голем борец за правдина. Па од тука слободно можам да истакнам дека “куртцшлусот” доаѓа од нашата корумпирана држава во која многу тешко и мачно можат да се истакнат на пиедесталот оние кои навистина се професионалци и си ја познаваат работата. Кога го споменувам ова мислам на неправилно распределените средства за борбата против климатските промени како и сите делови кој ја опфаќаат животната средина, но и некомпетентното назначување на лица на раководни функции кои работат и делуваат во еколошкиот свет. Повторно ќе потенцирам- секоја чест на исклучоци кои се навистина ретки.

*Нешто што е следниот чекор – претприемаштво. Дали тоа се базира на досегашната работа, како надоврзување на еколошката активност или станува збор за нешто сосема во поинаков правец?

– На оваа тема и во иднина ќе зборувам уште многу. Тоа е еден начин на кој врз основа на моја долгогодишна и опсежна анализа и опсервација дојдов до заклучок дека можеме да придонесеме за зачувување на здрава животна средина и да влијаеме на квалитетот на воздухот. Па затоа, здружението ЗЕОООП ќе добие своја подружница – која ќе врши еколошка карго достава, најпрвин во општината во која ни е седиштето, а тоа е Општина Аеродром, а потоа ќе се шириме и на други локации. Секако дека вакво нешто веќе постои во светот и кај нас, но овој пат потмогнати од еден наш одличен менаџер на претприемачки бизнис одлучивме франшизерски тоа да го направиме и во нашата општина.

Валентина Ѓоргиевска Парго 

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ