сабота, јули 27, 2024
домаНасловнаАлександра Трајкова: Родова рамноправност и дискриминација на Жената!

Александра Трајкова: Родова рамноправност и дискриминација на Жената!

Под менторство на доц. д-р Ана Никодиновска Крстевска и проф. д-р Страшко Стојановски, заедно со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во рамките на проектот „Превенција од дискриминација и постапување во случаи на криминал од омраза и говор на омраза“ во изминатиов период беа спроведени низа активности со студентите на Правниот факултет при УГД – Штип. Како плод на нивната неуморна работа, неоадамна е објавена книга, со содржини од областа на човековите права и борбата против дискриминацијата.
Правниот факултет најде многу заеднички точки и полиња на соработка со Ликовната академија, па така под менторство на вон. проф. м-р Јана Јакимовска се објавени и ликовни изработки на студенти, кои ги илустрираат споменатите теми.
Книгата е со цел да продонесе кон подигнување на јавната свест за почитување на човековите права во македонското општество, и кон постигнување повисок степен на толеранција, што во крајна линија може да ги продлабочи демократските вредности на политичкото и на општетственото делување во македонското општество.
Во оваа прилика го издвојуваме текстот на Александра Трајкова, на тема „Родова рамноправност и дискриминација на Жената!“
*****
Апстракт

Иако идеалите за човековите права се на врвот во практиката на современата социјална работа и на интернационалниот политички дискурс, сепак сѐ уште не се постевени цврсти темели за родова рамноправност.

Борбата на жените за нивното признавање како човечки битија и за стекнување на основните човекови права сѐ уште не е завршена. И покрај тоа што нивната положба е подобрена на многу начини глобално и покрај растечкиот процент на застапеност на жените во различни општествени сегменти, уште постои разлика меѓу половите во општеството и се јавува назадување во целосното остварување на човековите права на жените во целиот свет. Поделбата на трудот врз основа на родовата припадност е една од структурните димензии на сиромаштијата којашто влијае врз жените.
Вака поставено, во ова научно дело се зборува за дискриминацијата на жената во политичко, економско, општествено, културно, граѓанско или друго поле, дава јасна слика за постоењето на родова нееднаквост и ја истакнува работата на меѓународните и национални органи за заштита, унапредување и имплементација на основните човекови права на жената
и родовата еднаквост.
Клучни зборови: рамноправност, дискриминација, жена, права, застапеност
Вовед
„Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви во достоинството и правата. Секој има право на живот, слобода и безбедност на личноста“. Станува збор за секое живо човечко суштество без разлика на пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко убедување, припадност на национално малцинство, материјална положба или кој и да е друг статус. Со тоа што и жените се човечки суштества, претпоставуваме дека и тие ги уживаат своите права. Де јуре тие ги уживаат своите права, затоа што постојат повеќе меѓународни договори за заштита на правата на жената. Но, да се прашаме, зошто постојат посебни договори за заштита на правата на жената? Зошто правата на жената се одделуваат како посебни права? Одговорот лежи во традиционалната практика, каде што се вкоренети стереотипите и наметнувањето на родовите улоги врз децата уште при раѓање. Во традиционалното општество постоела строга хиерархиска поставеност во сите општествени односи. Жените биле целосно исклучени од јавниот живот. Во семејството мажот имал улога на патријарх, неприкосновен господар во својот дом. Патријархалната концепција за односите меѓу половите, присутна во стариот режим, се прифаќа како основа за регулирањето на односите меѓу мажите и жените и во Граѓанскиот законик на Наполеон од 1804 година. Наполеон ја поддржува идејата за доминацијата на мажот и вели: „Жената треба да знае дека со излегувањето од туторството на семејството, таа влегува под туторство на мажот“. Оваа моќ која мажот ја поседувал/поседува предизвикувала/предизвикува чувство на потчинетост кај жената, што резултирало и сè уште резултира со уништување на самопочитта и самодовербата и ограничување на своите амбиции. Оваа положба на потчинетост која жените ја искушувале секојдневно во минатото, но и сега се отсликува преку најразлични форми на дискриминација, потценување, контрола, насилство во семејството, на работното место и во општеството.
Моќта произлегува од контролата на ресурсите, а со тоа што мажот претставуа глава на семејството, тој економски придонесува за семејството, со што бил единствениот кој можел да раководи со ресурсите. Веќе нагласената моќ на мажот, тој ја користи и за вршење контрола над жената. Преку контрола на нејзината мобилност, односно дали и кога смее да го напушти домот, дали смее да стапува во контакт со други лица од спротивниот пол. Се контролира работната сила на жената, во домот да се грижи за децата, сопругот и останатите членови во семејството.
Честопати се случува жената да биде принудувана или спречувана да работи платежна работа. Потоа, сексуалноста на жената е контролирана преку силувањето или закана за силување, преку присилување да се занимаваат со проституција од страна на маж и на други начини. Дури во голем број општества жените ја немаат ниту слободата да решат колку деца ќе имаат, кога ќе ги имаат, дали можат да користат средства за контрацепција и дали имаат право да ја прекинат бременоста. Порано се загрозуваше и имотната состојба на жената со верувањето дека имотот и оставнината ги наследувале само машките деца. Покрај ова и религиозните ставови биле неминовни, се верувало дека жената била направена од ребро и поради тоа, всушност, била слуга на мажот.
Денес, преку начелото на лаицитет кое претставува отстранување на влијанието на црквата во регулирањто на семејните и други општествени односи, овие ставови немаат големо значење. Поради долговременското угнетување на жените, лишувањето од сопствените права или наметнување на специфични права и обврски кои не биле својствени за мажите, се појавуваат феминистичките движења, кои се залагаат за ослободување на жената од сите традиционални ставови и верувања за нејзините вредности и способности како човечко битие, ослободување од долготрајната практика на угнетување и наметнување на понизни улоги со кои се одредува нејзиниот статус во општеството. Различни облици на феминизам нудат различни анализи и аспекти на сфаќање на состојбата во која се наоѓаат жената и женските деца, чии дејствија се насочуваат кон подигање на свеста.
Прво, будење на жените од зимски сон и укажување на нивните права и второ, прифаќање на таа еднаквост и рамноправност од страна на мажите, прифаќање на жените како комплетни личности со свои права и интереси, кои придонесуваат во подобрувањто на општеството.
Седумдесеттите години го претставуваат периодот кога на жените им беше посветено значајно внимание. Поттикнати и предводени од феминистичките движења се одржува Првата светска конференција за жените во Обединетите нации и прогласување на 1975 година за Година на жената. Потоа следеа женските светски конференции и форуми на невладини организации од 1980 г. во Копенхаген, 1985 г. во Наироби, како и низа женски конференции и форуми на невладини организации во 1990 г., кои кулминираа со одржување на Четвртата светска женска конференција во 1995 година во Пекинг. Жените открија и развија нови вештини и средства за зголемување на степенот на примена на женските права на локално, национално и глобално ниво. Како извори на женските права можеме да ги земеме во предвид многубројните меѓународни конвенции донесени од страна на Обединетите нации, меѓу кои најважна е Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација на жената од 1979 година, во која дискриминацијата врз жената е експлицитно забранета. За Република Македонија од големо значење е пекиншката платформа за акција преточена во одредбите на Националниот план за акција за рамноправност помеѓу половите на Република Македонија, усвоен од страна на Парламентот во мај 2000 година. Пекиншката декларација и платформа за акција е меѓународен договор усвоен на Четвртата светска конференција на жените во 1995 г.
Платформата има за цел да ја обезбеди родовата еднаквост, фокусирајќи се на 12 приоритетни области: жените и животната средина; жените во власта и донесување одлуки; женските деца; жените и економијата; жените и сиромаштијата; насилството врз жените; човековите права на жените; образование и обука на жените; институционални механизми за унапредување на жените; жените и здравјето; жените и медиумите; жените и вооружен конфликт; подробните меѓународни документи, всушност го прикажуваат резултатот од досегашната борба на жените, која сѐ уште не е завршена. Вистинското прашање ќе биде: Зошто, после толку години на инсистирање, барање, повикување „женските права се човекови права“, уште стоиме во место? Со глобализацијата и модернизацијата секојдневно напредуваме во политичко, економско, општествено, културно, граѓанско или друго поле. Сите сме свесни за состојбата на жените и потребата за нивно изедначување со мажите. Веќе се добиени оредени права за нормално битисување како независни личности, меѓутоа она што ја кочи, уназадува, оспорува оваа еволуција на добивање основни права на жената, се нашите идеи, претпоставки и очекувања за различните родови улоги на половите, кои не напредуваат.
Уште потсвесно се прифаќаат традиционалните ставови. По враќањето од платежната работа која ја има една жена, од неа се очекува да ги заврши сите домашни обврски, да се грижи за сите членови на семејството, со што во суштина работните часови на жената не завршуваат. Таа е првата која ќе стане наутро и последна која ќе легне да спие навечер.
Поради овие очекувања во суштина и опстојува дискриминацијата. Дискриминација е ограничување, оспорување на правата на определена општествена група од страна на доминантна општествена група; правна нееднаквост. Со правна нееднаквост жените секојдневно се среќаваат, пример, на работното место. Имено за извршување на иста работа, жените се помалку платени во однос на мажите. Во 2011 година Светската банка објави дека жените сочинуваат 40% од светскиот пазар на труд, но поседуваат 1% од светското богатство. И при самото вработување често се среќаваат со прашања како: Дали е мажена? Дали има деца? Кога планира да има деца?, исто така и се случува жената да биде отпуштена од работа поради бременост. Слична е ситуацијата и во политиката. Ако хиерархиски ги гледаме функциите на државните службеници, јасно ќе видиме дека: колку се повисоки функциите, толку помалку жени има. Иако денес не се гледа силата, туку иновативноста, знаењето и умешноста за лидерство.
Биолошката разлика меѓу половите не можеме да ја негираме, таа постои и ќе постои. Од друга страна, социолошката разлика се учи. Сето она што го прават жените и мажите, и сето она што од нив се очекува, со исклучок на нивните полово определени разлики (раѓање деца и доење) може да се промени. Луѓето се родени како женски или машки, но тие учат да бидат девојчиња или момчиња кои ќе израснат во жени или мажи. Меѓутоа, во процесот на социјализација и во секојдневната интеракција се пренагласува таа разлика и се интерпретира како начин на подобрување на општеството. Проблемот со родовата припадност е тоа што ни припишува одредени улоги, ни припишува какви треба да бидеме и како е правилно да се однесуваме, отколку да ги препознае и прифати различните квалитети во поединецот, такви какви што се. Замислете колку посреќни и послободни би биле доколку на нашите раменици го немавме товарот од родовите очекувања. Рушењето на ваквите очекувања и стереотипи е клучот за позитивни општествени промени. Бидејќи само така ќе изградиме генерации на прогресивни луѓе кои сфаќаат дека родовата рамноправност, правата и еманципацијата на жената имаат подобрувачки ефект врз мирот и стабилноста, одржливиот развој, економијата и човековите слободи и права.
***
(Користена литература: Весна Јованова, Јасминка Фришчиќ и Даниела Димитриевска. ЕСЕ.
Жените тоа го можат Љиљана Спировиќ Трпеновска, Дејан Мицковиќ и Ангел Ристов (2013).
Семејно право. Скопје: Културна установа Блесок Марија Ивановска (2007). Водич во феминистичката и родовата терминологија. Скопје: Акција Здруженска
Универзална декларација за човекови права; член 1 и член 3)
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ