Група од 44 водечки светски климатолози испратија отворено писмо до лидерите на нордиските земји, повикувајќи ги итно да се соочат со можниот колапс на Атлантската меридионална преокретна циркулација (AMOC), кој би имал катастрофални последици за климата. Писмото, објавено на 21 октомври, го потпишаа научници како Мајкл Ман од Универзитетот во Пенсилванија, кои предупредуваат дека ризиците од слабеење на океанските струи во Атлантикот се потценети и бараат итна акција.
AMOC, кој ја вклучува и Голфската струја, е критичен систем што ја затоплува северната хемисфера, но истражувањата покажуваат дека тој забавува и би можел целосно да запре поради глобалното затоплување, што би предизвикало климатски хаос. Научниците предупредуваат дека ваквите промени ќе имаат разорни и неповратни последици, особено за нордиските земји како Данска, Исланд, Норвешка, Финска и Шведска, но и за други региони ширум светот.
Колапсот на AMOC би довел до значително заладување и екстремни временски услови во нордиските земји, продлабочувајќи ја „студената дамка“ што веќе се развива во североисточниот дел на Атлантикот. Овој колапс исто така би можел да ги забрза климатските проблеми низ целата северна хемисфера, предизвикувајќи огромни потешкотии во земјоделството во северозападна Европа.
Последиците би се почувствувале и во други региони. Ако AMOC целосно запре, тропските монсунски системи би се поместиле кон југ, што би имало катастрофални последици за земјоделството и екосистемите. За прекинатите океански струи, исто така, се предвидува дека би предизвикале пораст на нивото на морето долж американската атлантска обала, што би имало сериозни последици за морските системи и рибарството.
Климатолозите ги повикаа политичарите да ги земат сериозно ризиците од колапсот на AMOC и да го засилат притисокот врз меѓународните партнери за да се придржуваат до целите на Парискиот договор од 2015 година, кој има за цел да го ограничи порастот на глобалната температура на 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа.
Подготви: Н.Доковска