Ангела Маџирова, позната и како ANGIE, е млада уметница од Богданци, која се занимава со пеење, пишување песни и компонирање. Таа го претстави својот прв музички проект, мини-албумот Bitter Blues, кој жанровски припаѓа на поп-алтернатив стилот, со силни влијанија од блуз музиката.
Ангела моментално студира на престижниот Berklee College of Music во Бостон, каде што се фокусира на компонирање песни, а дополнително се занимава со филмска музика и пишување мјузикли.
Во една пригода Ангела има кажано дека студирањето на Беркли и помогнало да го пронајде својот пат како музичар и да ги насочи своите амбиции. Таму запознала неверојатни колеги со кои започнала соработка, а една од тие соработки е токму и оваа со Кол Хатчинсон, кој станал нејзин продуцент.
„Соработката со Кол започна за време на предавањата, а подоцна се разви во професионално партнерство што резултираше со Bitter Blues. Планирам да продолжиме со заедничко создавање и да внесеме нови идеи и жанрови во мојата музика. Сакам да ги проширувам моите хоризонти и да експериментирам со теми кои отсекогаш ме инспирирале“, вели Ангела.
Нивните идни проекти ќе вклучуваат компонирање за други артисти, како и музика за филм и телевизија, бидејќи нејзината крајна цел е да се афирмира како композитор.
Н.Д.