понеделник, декември 23, 2024
домаКУЛТУРАMузика, Опера, БалетАнтички во ритам на полувековната гитарска виртуозност на Влатко Стефановски

Антички во ритам на полувековната гитарска виртуозност на Влатко Стефановски

Преполниот Антички театар во Охрид синоќа дишеше во еден ритам со секоја изведба од богатата петдецениска кариера на Влатко Стефановски кој заедно со членовите на неговото трио, Јан Стефановски и Иван Куќиќ приреди ноќ за паметење на 64. Охридско лето. Музичкото уживање го надополнија и гостите на вечерта, македонскиот саксофонист Горан Папаз и Дамир Имери на клавијатури, долгогодишен соработник на Стефановски.

Петдецениската кариера на Влатко Стефановски, фестивалот „Охридско лето“ ја одбележа со плакета, за како што кажа директорката на оваа најголема музичко-сценска манифестација, Наташа Поповиќ, најдобрата промоција на македонската песна и музика ширум светот од најдобриот македонски и балкански гитарист на сите времиња кој со својата гитара допира до сите срца преку ритамот на седум-осминскиот такт, но и многу други ритмови.

-„Охридско лето“ со богатата традиција од 64 години ги достигнува светските врвови во уметноста но знае да ги вреднува и оние кои со своите дела испишуваат историја, раскажуваат приказна со универзален одглас. Огромна е честа од името на целиот тим на „Охридско лето“ да ја доделам плакетата во знак на благодарност за посебниот придонес, заложба и успешна соработка како и бројните настапи на сцената на „Охридско лето“ кои се дел од неговата 50-годишна успешна кариера, рече Поповиќ пред почетокот на концертот.

Концертот започна симболично со нумерата „Мирно лето охридско“, а се нижеа хитови кои пубиката ги знае наизуст од богатата полувековна кариера на Стефановски, додека на видео бим во позадина одеа фотографии од многуте значајни моменти и соработки во неговата кариера, од „Леб и сол“, преку регионалните музички ѕвезди до светски имиња со кои ја делел сцената низ децениите.

Се испреплетуваа моменти на навраќање кон минатото, нуркање во емициите, се редеа хитови како „Си заљубив“, „Кандилце“, „Верба, надеж, љубов“, преку неизбежните ритми „7/8“, „Исток-Запад телепатски“, за која Влатко потсети дека ја напишал на турнејата низ СССР во 1988 година, до медитациско уживање со „Кумова слама“ и поглед кон небото, како и неизбежната „Чукни во дрво“, и „Бистра вода“ со која се наврати на Охридското езеро.

Со овации беше поздравена и изведбата на тапанарот во триото, синот на Влатко, кој за првпат запеа во „премиерната“ како што ја нарече Стефановски изведба на „Чекам кишу“ (Го чекам дождот) од албумот „Као какао“, омилена нумера на Јан.

Овациите од публиката не стивнуваа на секое гитарско соло на Влатко Стефановски, а меѓу музичките сладокусци беа и негови пријатели од регионот и Европа, на кои тој им заблагодари за присуството, додека за најверните гитарски фанови имаше и изненадување – неколку примероци од жици за гитара со негов потпис изработени од австриска компанија.

На крајот од двочасовниот концерт Влатко Стефановски се заблагодари за незаборавната вечер на Антички која ја овековечи и со „селфи“ од сцена, и изведба на „Абер дојде Донке“, нумерата со која започна се како што рече. Ветувањето за нови музички доживувања во иднина го потврди и со најавата за нов албум наскоро, но и мемоари кои како што посочи ќе бидат обемни. А.Радевска

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ