Универзитетот Монаш во Мелбурн објави откритие на група научници кои посочуваат дека антителата спречуваат повторна инфекција најмалку осум месеци. Нивната работа, објавена во списанието „Сајанс имунолоџи“ е „најсилниот доказ“ дека вакцините против коронавирус можат да бидат одржливо решение за здравствената криза. Претходните студии сугерираат дека антителата кон Ковид-19 почнуваат да исчезнуваат за неколку недели или месеци. Сепак, новата австралиска студија покажува дека одредени клетки во имунолошкиот систем, наречени мемориски Б клетки, „запомнуваат“ вирусна инфекција и предизвикуваат заштитен имунолошки одговор со создавање антитела во случај на повторно изложување.
Студијата испитала 25 пациенти со Ковид-19, земајќи 36 примероци на крв, почнувајќи од четвртиот ден по инфекцијата. Последните примероци се земени 242 дена по инфекцијата. Научниците виделе дека бројот на антитела кои се борат против вирусот започнал да опаѓа 20 дена по инфекцијата, но откриле дека мемориските клетки специфични за вирусот Ковид-19 остануваат стабилни најмалку осум месеци.
Овие резултати се всушност добра вест за ефективноста на вакцината, што исто така дополнително објаснува зошто има толку малку нови примери на повторна инфекција на луѓето со коронавирус, рече вонредниот професор Мено ван Зелм од Одделот за имунологија и патологија на универзитетот Монаш.
„Ова беше црн облак што лебдеше над потенцијалната заштита што може да ја обезбеди која било вакцина против Ковид-19. Покрај тоа, ова откритие дава вистинска надеж дека штом се развие вакцина или вакцини, тоа ќе обезбеди долгорочна заштита“.
Иако постои широк спектар на вакцини против коронавирусот за кои се покажало дека се ефикасни во градењето имунитет против вирусот, сè уште е нејасно колку трае заштитата. Сепак, вакцините исто така ќе треба да ги следат мутациите на вирусот. Извршниот директор на „БиоНТек“, Угур Сахин, претходно оваа недела изјави дека германската компанија наскоро ќе добие вакцина за борба против новиот подвид на Ковид-19 што се појави во Велика Британија, но изрази уверување дека тековната вакцина развиена со американската компанија „Фајзер“ ќе продолжи да биде ефикасна со време. Руската домашна вакцина „Спутник V“ е ефикасна и против новиот подвид на коронавирус, изјави Кирил Димитриев, извршен директор на Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ), кој го финансираше развојот на вакцината. А.Р.