Азербејџан и Ерменија разменија тела на 200 мртви кои се бореле во регионот Нагорно Карабах, објавија руските државни медиуми во вторникот, повикувајќи се на Црвениот крст како извор.
Телата биле разменети во присуство на руски мировници, изјави шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст Питер Маурер, пренесува Хина, повикувајќи се на ДПА.
Портпарол на Црвениот крст, одговорен за конфликтот во Нагорно Карабах, не го потврди бројот на разменети тела, но рече дека процесот започна минатата недела.
Повеќе од 1.000 луѓе се убиени во шестнеделниот конфликт меѓу Азербејџан и соседна Ерменија за регионот Нагорно Карабах. Областа, која е контролирана од Ерменците веќе четвртина век, Обединетите нации ја сметаат за дел од Азербејџан.
Азербејџан оствари значителни територијални придобивки во последната воена офанзива, која започна кон крајот на септември. Ерменија му отстапи делови од регионот на Азербејџан, како дел од мировниот договор кој минатата недела беше договорен меѓу двете страни и регионалната моќ на Русија.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и неговата сопруга, првиот потпретседател Мехрибан Алиева, во понеделникот обиколија делови од Нагорно Карабах, објавија азербејџанските државни медиуми. Алиев се смееше и парот позираше во областа Џабраил, судејќи според објавата на Твитер профилот на Алиева.
“Зад вас го гледате центарот на Џабраил. Непријателот ја уништи целата инфраструктура. За ова ќе одговара пред меѓународните судови”, рече Алиев во видеото објавено од државните медиуми.
Во меѓувреме, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, близок сојузник на Азербејџан, упати предлог до Парламентот да испрати турски трупи во Азербејџан за да го следат прекинот на огнот во Нагорно Карабах. А.Р.