вторник, октомври 22, 2024
дома„Бајката“ за Лена и Владимир – од толку теми, на крајот јадец

„Бајката“ за Лена и Владимир – од толку теми, на крајот јадец

Кон: „Лена и Владимир“, режија: Игор Алексов, сценарио: Алек Русјаков, улоги: Сара Климоска, Тони Наумовски, Дениз Абдула, Петар Мирчевски, Перо Арсовски, Кирил Коруновски, Благоја Чоревски, Луран Ахмети, фотографија: Душан Кардалевски, монтажа: Мартин Иванов, музика: Дарко Спасовски, сценографија: Влатко Зафирковски, Македонија 2023

Пишува: Сунчица Уневска

Авторот на македонскиот филм „Лена и Владимир“ и неговите продуценти новото остварување го најавуваат како филм за љубовта, како приказна за двајца аутсајдери од кои едниот никогаш не почувствувал љубов, а другиот ја загубил љубовта и сè што имал. Но, кога ќе го гледате долгометражниот првенец на Игор Алексов останувате помалку збунети, бидејќи „Лена и Владимир“ е далеку од филм за љубовта, тоа е драма за два лика од кои, секој на свој начин, излезот го бара во бегството од реалноста. Излез кој треба да донесе мир или решение, кој треба да донесе помирување или надеж, излез кој на Владимир треба да му го донесе прифаќањето, а на Лена можноста за нормален живот. Бидејќи, „Лена и Владимир“, пред сè, е приказна за изгубеноста, за болката, за страдањето, за злоупотребата, за барањето прибежиште, но приказна која треба да е раскажана, а во суштина не е.

Игор Алексов излегува помалку од оние граници во кои со години се прпелка македонскиот филм, што веќе го покажа со неколку свои доста добри кратки филмови, а работеше и на поголем број зрели остварувања на други автори, но со ова деби некако како да заглавува во оној наш „вечен“ проблем со сценаријата и со начинот на кои ги прераскажуваме приказните (дури и кога ги имаме). Затоа што „Лена и Владимир“ има приказна и на многу места се чувствува неговиот обид да се покријат празнините и нелогичностите во сценариото на Алек Русјаков, но недоволно, бидејќи тоа сепак бара малку поголемо искуство. Штета, бидејќи филмот нуди многу теми кои можеше добро да бидат искористени за тој да има смисла, а особено контекст, за да нè вовлече емотивно во приказната или да нè натера да ја доживееме, но тие остануваат неискористени. Напротив, многу работи висат во воздухот, ситуациите се само зададени, но не и вклопени во некаква приказна, а дијалозите и однесувањето се банални, оставени да лутаат во барањето на својата насока.

Како и да е, „Лена и Владимир“ е филм што се гледа, и тоа првенствено поради улогите на неговите два главни лика, кои многу добро и срчено ги носат Сара Климоска (со својата природност и непогрешлива интуитивност) и Тони Наумовски (со ограничени, но извонредно искористени минималистички изразни средства), а и поради решенијата, како што претходно реков, со кои авторот успева донекаде да постигне некоја возбудливост која на моменти носи надеж дека ќе бидат завршени или исцртани започнатите линии. Но, тоа не се случува, сценариото останува надвор од секаков контекст, обидувајќи се тоа неуспешно да го надополни со елементи на магичен реализам и со банализација на нарацијата. А има толку многу за што да се зборува, има толку можности да се проговори за доброто и за злото на кои претендира, за убавината и за ужасот кои се некаде запретани, за суштинското и за празнината, за себежртвувањето, за (не)моралот и вистинските вредности, за чувството на љубов кое плаче за метафори и симболика, за оние „отпадници“ кои се противтежа на целото зло со кое се соочуваме, и за уште толку многу други нешта.

Па и покрај сето тоа, филмот останува без вистинско течение и изградени ликови, а за општествен контекст и да не зборуваме. А тие се тука, само треба да знаете да ги вклопите. Не може да биде доволен магичниот реализам, бидејќи тој сепак почива на реалноста, не можете да си замислувате некакви зададени ликови (без развој, без настани, без поврзаност), не може, ова е сепак филм, а ликовите мора да имаат доследност за да им веруваме, мора да имаат емоции, мора да имаат смисла… Но, не. Во „Лена и Владимир“ сè виси во воздух или се сведува на случајност, овде сè е етерично, а згора на тоа и романтизирано, но без нималку фантазија. Бидејќи, во суштина, сите нешта си имаат свои „законитости“, имаат логика, имаат причини и последици, сакале или не, и филмот мора да комуницира прво сам со себе, а потоа и со публиката. Тоа е основното, а вака не комуницира на ниту едно ниво.

Владимир е човек кој е многу несреќен, целосно „закопан“ во чувството на вина и самообвинувањето, човек кој не може да ја прифати смртта на своите најблиски, за што се чувствува одговорен, но наспроти тоа живее во една „преубава“ идила, со разнобојни цвеќиња (како во приказната за Ивица и Марица), место кое зрачи со неверојатна топлина. Додека, Лена е несреќна тинејџерка, која бега од Дом за сираци каде што постојано е сексуално злоупотребувана. Па, сепак, таа нема никаква трауматизираност во нејзиното однесување, напротив, толку е жива, луцидна, слободна, откачена и подготвена да се соблече во секој момент (затоа што облеката ја притиска и ѝ пречи, и онака ноншалатно вели, „таква сум јас“)??? Магичен реализам, да, но некој малку ги измешал работите…
Згора на тоа, гледаме како Владимир постојано тумба автомобили по удолница и тоа со цела жестина, за сопствениците на автомобилите да земат пари од осигурување, а за тоа време Владимир нема никаков проблем со тоа. Ниту гребнатина, па нели во „бајкава“ тој е имун?? Но, и надреалноста има смисла кога е вклопена и кога има цел, за да внесете надреални елементи, треба да имате приказна, односно тие да соодветствуваат со некоја идеја. Тука, секако, се и четворицата пријатели од селото, ловџии, кои се забавни и откачени, но на никаков начин недефинирани, додека ги слушаме нивните, но и многу често во филмот, тотално непотребни и банални муабети, кои не значат ама баш ништо. Тука, секако, се и оние моќници од Домот за сираци кои се корумпирани и кои работат во спрега со полицијата и на кои никој ништо не им може, но и таа приказна не е искористена. Така што, не е ни важно како филмот завршува или кон какви решенија прибегнува, затоа што ниту има логика, ниту има доследност, ниту пак поента. Дури, на крај се прашувате, а која е всушност пораката?

Да не импровизирам со многу глупави одговори на ова прашање, кои сами се наметнуваат, би рекла дека наспроти целата нелогичност и празнина филмот има добри улоги, односно подобар кастинг од приказна, поради што остануваат и главно неискористени. Покрај Климоска и Наумовски, тука се и: Дениз Абдула, Петар Мирчевски, Перо Арсовски, Кирил Коруновски, Благоја Чоревски, Луран Ахмети. Се гледа дека целата екипа собрана околу филмот верува во него и завршила добра работа, но… Има во филмот и едно прекрасно чувство за светлина и за темнина, има на моменти доста ефектно доловена атмосфера, има адекватна сценографија и со голема суптилност прецизна употреба на музиката и на тишината, секако благодарејќи на: Душан Кардалевски, Мартин Иванов, Дарко Спасовски, Влатко Зафирковски.

Имено, има природни, доживеани улоги и покрај тоа што како карактери не се профилирани, па излегува дека и покрај сè не можете да ги доживеете емоциите, се разбира, не заради актерите, туку заради недостатокот на вистински случувања и релации, заради целосниот недостаток на интеракција. Да, филмот се гледа, но нема значење. Нема никаков општествен контекст, нема вистинска фантазија која барем низ надреалното или магичниот реализам би ја доловила онаа неподнослива болка, нема надеж, нема чувственост, нема вистинска борба (ниту алузија). Наивноста е сведена на инфантилност, а таа би можела толку добро да ја поддржи надреалноста, но ја нема ни моќта за перцепција, а ни чувството да се нурне длабоко во психата на ликовите што го носат главното дејствие и околу кои се врти приказната. Тоа чувство го носат самите тие, соживувајќи се со своите ликови и барајќи го значењето во кое треба да се пронајдат, а кое во суштина го нема. Со други зборови, и покрај сè останува плакатниот пристап односно површноста во поглед на најзначајниот дел – сценариото.

„Лена и Владимир“ е приказна за изгубените души, за изгубениот град, за изгубената топлина и човечност, тоа е приказна која се обидува да проговори за несреќата, која треба да има и противтежа, бидејќи животот носи толку искушенија и предизвици. Не во замисленото, не во зададеното, туку токму во реалното, па и во надреалното, па и во сказните, бидејќи без вистинската поврзаност, чуму сето тоа??? Животот умее да понуди многу нешто и кога најмалку очекувате, но без лага, без некаква ароганција во „раскажувањето“, без празнина, без стриповски решенија, туку реално со целата своја тежина и убавина. Онака како што навистина знае да биде и онака како што сите ние се обидуваме во сето тоа да пронајдеме макар дел од себе, дел од сегашноста, дел од иднината, дел од сонот или стварноста, дел од среќата или несреќата, дел од патот кој продолжува… Можеби зад аголот, можеби во бајките, можеби онаму каде што најмалку очекувате, но тоа е онаа (замислена) патека која на животот му ја дава смислата. Инаку, сè друго би било бесмислено.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ