понеделник, ноември 18, 2024
домаБалканска треска на Оффест 2019: Сондорго и Џамбо Агушеви Оркестар во МКЦ

Балканска треска на Оффест 2019: Сондорго и Џамбо Агушеви Оркестар во МКЦ

Четвртата вечер на годинашниот Оффест е резервирана за два концерти и тоа на бендот „Сондорго“, еден од водечките претставници на тамбурашката музика од Унгарија и „Џамбо Агушеви Оркестар“ од Македонија кој денес се смета за еден од најдобрите на Балканот, во МКЦ Дансинг салата.

Балканската треска ќе започне од 20 часот со „Сондорго“, петчлен бенд формиран од браќата Ередиќ кон средината на 90-тите години во Сентендре (мал унгарски град близу Будимпешта со долгогодишна српска традиција). Овој возбудлив состав е посветен на изведувањето и промовирањето на јужнословенската фолк музика собрана од Бела Барток и Тихомир Вујичиќ, популарна кај заедниците што живеат долж реката Дунав. Нивната мисија е да ги оживеат скриените скапоцени камења на различните балкански звуци. Но, за разлика од повеќето групи што свират балканска музика, Sondorgo не изведуваат музика за дувачки оркестар, туку тамбурашка музика со извонредна техничка виртуозност и свежа интерпретација. Постојано присутни на унгарските и европските фестивали, „Сондорго“ континуирано настапуваат и со познатиот македонски саксофонист Ферус Мустафов – плод на оваа соработка е нивниот заеднички албум „Sondorgo & Ferus Mustafov In Concert“ (2009). Она што Sondorgo совршено го комбинираат е почитта кон традициите, желбата за иновација и блескавата незапирлива виртуозност.

Настапот на „Џамбо Агушеви Оркестар“, дувачки оркестар од Македонија којшто денес се смета за еден од најдобрите на Балканот, е најавен од 22 часот. Музиката што виртуозно ја изведуваат може да се дефинира како своевидна фузија на традиционалните балкански, ромски и турски звуци со влијанијата на свинг, џез, поп и филмската музика.

Од скромните почетоци во малата Струмица до освојување на сцените ширум планетава, „Џамбо Агушеви Оркестар“ прерасна во врвна атракција на светската музичка сцена. Лидерот Џамбо Агушев, познат и по прекарот „the funky tiger“, е најпрославениот македонски музичар по заминувањето на Есма Реџепова, но тој, сепак, нема намера да подзаспива на ловориките на славата заработувајќи вистинско богатство со свирење на раскошни свадби и големи фестивали. Младиот виртуоз не беше задоволен со таквата кариера и оттогаш гледа како да ја одржи, развие и продлабочи репутацијата што тој и неговиот бенд ја имаат како музичари пар екселанс, освојувајќи ја публиката низ Европа и пошироко. На тој начин тие стекнаа голем број обожаватели.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ