Темата за бегалците е многу присутна на филмските фестивали последниве години, а така беше и на годинешниот 23. Сараевски фестивал, кој понуди голем број филмови во чиј фокус се судбините на бегалците, и тоа снимени на самото место и често правени според вистински приказни.Но, она што годинава се издвои во Сараево беше еден сосем поинаков пристап, каде што бегалците се само мотив или повод за да се раскаже една поразлична приказна, која во светлината на ова искривено огледало ве тера на животот, на современието и на луѓето да погледнете на еден сосем нов начин.
Турскиот режисер Семи Капланоглу дојде со „Семе“, една научно фантастична приказна, сместена во сива, соголена, недефинирана иднина, каде што магнетните ѕидови го штитат тој измислен свет од мигрантите, кои, ако се обидат да го преминат, тогаш согоруваат на самото место. Но, тоа е само експлозивниот почеток, кој всушност крие една метафизичка приказна, што својата идеја ја црпи од Куранот и од патот на Муса односно Мојсие.
Враќајќи не на почетокот, Семи Капланоглу низ целиот филм го поставува прашањето, што е поважно, здивот или семето. „Семе“ е, всушност, еден многу необичен, духовен филм, кој оди до изворот за да проговори за суштинското. Целиот проблем настанува кога во тој чуден, стерилен град ќе дојде до генетска криза, кога земјоделските насади нема да можат повеќе да ги дадат своите плодови, па професорот Ерол Ерин ќе тргне надвор од магнетните ѕидови за да го најде познатиот генетичар Акман, кој ја објавил книгата за цикличните кризи на генетски модифицираните семиња.
Ова е прв филм на Капланоглу („Јајце“, „Млеко“, „Мед“, „Падот на ангелите“) на англиски јазик, во кој собира навистина интернационална екипа. Главната улога ја игра францускиот актер Жан-Марк Бар, а тука се и: рускиот актер Григориј Добригин, босанскиот Ермин Браво (кој даде одлична улога и во „Мажите не плачат“), потоа Романката Кристина Флутур, па се до малата Мила Бонинг од Германија во улогата на Тара, ќерката на Акман, во која се чини е сокриена целата мудрост на овој свет. „Семе“ е импресивен филм, снимен во црно-бела со фасцинантна композиција и фантазија, само е премногу долг и со премногу непотребни детали па гледачот се губи, како што изгледа се загубил и самиот автор. Штета.
Унгарскиот „Јупитеровиот месец“ е уште почуден, но многу поконкретен и сместен во денешнината, со сите свои доблести и недостатоци. И во овој филм на Корнел Мундрузо, како и во претходниот има еден експлозивен почеток во бегалскиот камп на српско-унгарската граница, каде што бегалците ќе се обидат да и побегнат
на полицијата и да се спасат од сигурна смрт. Тоа е одлична сцена, која истовремено говори за целиот апсурд кога станува збор за нивните судбини, но и за целата небулоза во однесувањето на полицијата, се до оној момент кога ќе биде застрелан Аријан, кој наеднаш добива способност да лебди.
Тогаш филмот добива сосем поинаков тек. Аријан ќе биде забележен од доктор Стерн, кој има свои проблеми и кој во Аријан ќе ја види својата шанса. Филмот е извонредна критика на современото унгарско општество иако според зборовите на продуцентката Викторија Петрањи, тоа воопшто не била нивната цел. Напротив, целта била да се прикаже денешна Европа, односно хаосот и проблемите со кои денес живеат сите земји во регионот, да се создаде една вистинска слика за сето она што ни се случува.
Докторот Стерн и Аријан ќе станат пријатели и ќе се поврзат на некое многу чудно ниво, барајќи излез секој на свој начин. Но, тоа пријателство и сите оние нешта со кои ќе се соочат ќе ги изменат, ќе ги натераат на светот околу себе да погледнат поинаку, како на својот, така и на светот на другиот, претворајќи го филмот во приказна за идентитетот, приказна во која ќе стане поважно да се препознаете и да разберете отколку да преживеете.
Филмот на Фатих Акин „Од никаде“ („In the Fade“) е сосем поинаков. Тоа е една реална приказна сместена во денешна Германија, приказна многупати раскажана, за мешаните бракови, за имигранти, за непријателската поточно неонацистичка средина, за планирано убиство, за живот кој ќе ја загуби секоја смисла. Дури, она што и не е толку карактеристично за Фатих Акин, е што ова негово сценарио го следи мејнстримот, доста е предвидливо, на моменти нелогично и со некој лош избор или да кажеме непотребни ликови.
Улогата на Даен Кругер, која иако Германка, всушност, првпат игра на германски јазик, е одлична и таа веќе и ја донесе „Златната палма“ во Кан. И тоа е и најсилниот дел во овој филм, неодговорноста и бесмислата, моментот кога ќе закаже системот, моментот кога никому и не му е гајле, кога ќе сфатите дека и покрај таков ужас некои луѓе, сепак, во денешниот свет го немаат тој статус. Што ви останува?
Не се работи тука само за одмазда, не се работи за враќање, или за глас кој треба сите да го слушнат, тука се работи за оној ред на работите, се работи за вистинските вредности, се работи за значењето, за чувството кон другиот, се работи за правдата, се работи за тоа дека сите луѓе се луѓе и не можеме на нив да гледаме како на неважни, како на некои помали суштества кои не се битни… Затоа и овој текст го завршуваме со овој филм, бидејќи токму овој филм ги објаснува и претходните два, враќајќи не на почетокот, на изворот, за да видиме, да се соочиме, да не заборавиме, од каде доаѓа човекот и од каде доаѓа поделбата. Луѓето се или луѓе или нелуѓе, трето нема, па колку и да сакаме тоа да го оправдаме. Сечиј живот е вреден, во сегашноста, во минатото или во иднината, единственото што стои меѓу нив, се оние кои сакаат и мислат дека заслужуваат повеќе. Од кого?
Сунчица Уневска