петок, декември 6, 2024
домаБерлинале – вознемирувачки филмови, но одлично снимени

Берлинале – вознемирувачки филмови, но одлично снимени

И покрај сè, Берлинскиот фестивал годинава нуди интересни филмови, а многу од нив и во склад со времето. Секако, присуството на Мартин Скорсезе, кој ја добива почесната награда, е константа која зборува токму за вредностите на фестивалите

Наш специјален известувач
Сунчица Уневска

Оваа година на Берлинале се чини дека во главна програма се вклучени најразличните филмови на светот. Буквално се работи за сосем поинакви стилови, жанрови, за многу лични филмови или универзални, но на сосем подруго ниво. Имено, не само што се од дијаметрално спротивни краишта, сфаќања, менталитети, времиња, туку тоа се филмови кои на свој начин се неспоиви, но секако одушевува одважноста на селекторите овој пат акцентот целосно да биде на независните филмови, на интригантните, свежи и нови имиња, и иако има некои познати автори, сепак, ја избегнуваат онаа шема од последниве години во трки за награди, особено на големите фестивали, да бидат сè исти имиња.

Еден од нив е и режисерот од Мавританија, Абдераман Сисако, кој иако наградуван, во Берлин е всушност првпат. Тој е повеќе познат како откритие на Кан, каде што беше прикажан и неговиот веќе легендарен филм, „Тимбукту“, но годинава неговиот нов филм „Црн чај“ го носи токму Берлин. Интересно е дека, врпочем, и темата целосно се вклопува во актуелниот миг, како со животот на мигрантите и бројните дијаспори низ светот, така и со глобалната политичка и економска криза. Но, „Црн чај“ е далеку од филм поврзан со било каква политика, напротив, за оние вљубениците во филмот на Вонг Кар Ваи, „Расположени за љубов“, да кажеме дека ова дело ја носи токму таа естетика. И тоа многу успешно, визуелно феноменално и фасцинантно, со тоа што тој отворено ја употребува, но вклопувајќи ја доста ефектно во својата приказна.

Африканката Аја (Нина Мело) и Кинезот Цаи (Хан Чанг) се совршен избор за една ваква животна приказна, во чија средина или чија метафора е содржана на најубав можен начин во црниот чај, во неговата единствена арома, во неговата миризба, во традиционалниот начин на кој во него се ужива, и кој во себе ја носи целата филозофија на сетилното доживување. Една многу нетипична сторија во која на особен начин се вплетени двете култури, но и чувствата, посветеноста, стравот и храброста, чулноста, копнежот, фантазијата, страста, но и судирот со културите, со смелоста да им се спротивставите на врежаните сфаќања, но и смелоста да го живеете животот онака како што во најскриените соништа би сакале да биде…

Да, чајот на ја носи мистиката, непознатото, скриеното, ја носи убавината, траењето, оној вел на можности кои така елегантно е исцртан некаде на екранот или во оние асоцијации кои не можете, а да не ги почувствувате, бидејќи миговите, елеганцијата, неискажаното, прикриеното некаде внатре, така силно сака да излезе. Тоа е таа естетика, таа визуелност која опива, која нè тера да мислиме на некои неистражени предели во својата душа, да го бараме совршенството, па дури и тогаш кога не сме сигурни дека можеме да го најдеме, или добиеме. Доволно е и тоа, бидејќи Сисако нема да успее толку добро да ја фати таа наративна нишка, па сепак, филмот е прекрасен и многу изненадувачки во своите пораки, со кои сè уште тешко се соочуваме. Музиката, чувствата, погледите, визуелниот, единственоста на стилот и оној постојан копнеж се нешто што ве тера да сонувате, а на филмот на Сисако му дава топлина и таков бескрај на барања и можности во ова денешно лудо време на толку ограничувања. И покрај сè.

„Бањата на ѓаволот“, пак е нешто сосема друго, филм сместен во 18 век некаде во горниот дел на Австрија, една ужасна вистинска приказна која прави да ви се заледи крвта. Тоа е буквално вознемирувачки психолошки профил на жените во тоа време и во тоа мрачно место во секој поглед, каде што оние кои сакале да се самоубијат, убивале деца верувајќи дека поради нивната невиност тие ќе бидат ангели, а они токму онака како што сакаат, ќе бидат убиени.

Страшна приказна, а уште пострашно е што е правена според судски записи, така што кога ќе помислите дека едно такво лудило е вистинито. Вероника Франц и Северин Фиала ја доловуваат оваа приказна многу автентично, следејќи го животот на младата Агнес, која Ања Плашг ја игра многу сугестивно. Патот кој го поминува во таа затворена и многу религиска средина е неверојатен, додека се претвора од среќна млада девојка во една непрепознатлива жена која сака да ги следи трагите токму на жената што осакатена стои на еден вид олтар како еден вид предупредување. За на крајот да дознаеме дека во тоа време на таков начин биле убиени најмалку 400 деца. Мрачна, морничава и интензивна приказна, снимена во многу темнина, но со неверојатна употреба на светлина, со таков фокус и такви детали кои не може, а да не ве вознемират. Одличен, но филм кој е тежок за гледање.

Уште еден филм од главната програма кој во овој осврт би го спомнала, е данскиот затворски филм „Синови“ на Густав Мелер, уште еден морничав, но исклучителен филм, каде што веќе познатата данска актерка Сидсе Бабет Кнудсен (познатата министерка), дава одлична улога. Таа е затворски чувар, кој на почеток дури делува и идеалистично, сакајќи вистински на затворениците да им помогне. Но, кога во затворот ќе стигне некој што е врзан со нејзиното минато, сè се менува, дури дотаму што окрутноста може и да нема граници. Некако авторите како да си поигруваат со тоа прашање колку животот може да донесе предизвици и колку навистина ја познаваме или можеме да ја разбереме човековата природа.

И на крајот, да поминеме и на нешто повесело и инспиративно, иако и сите претходни филмови на свој начин беа исклучително инспиративни. Имено, оваа година На фестивалот познатиот американски режисер Мартин Скорсезе ќе ја добие „Златната мечка“ за животно дело. Тој на пресот беше ист како и секогаш, насмеан, присен, искрен и се разбира задоволен што токму овде може да ја прослави, речиси, петдецениската своја работа, во текот на која направи многу легендарни и култни филмови. Но, интересно беше потсетувањето на „Холивуд репортер“ дека Скорсезе во 1977 година доживеал неуспех со својот филм „Њујорк, Њујорк“, по што тешко се разболел и бил на пат да заврши со кариерата. Но, во болница еден од ретките пријатели што го посетувал бил токму Роберт де Ниро, кој бил обземен со тоа да го игра познатиот боксерски шампион со контроверзен живот Џејк Ла Мота. Скорсезе бил скептичен, ниту па имал желба за филм за спортска легенда, но сепак се согласил. За среќа, бидејќи овој филм доби осум номинации за „Оскар“ а тој своето деби со него го имаше токму во Берлин.

Инаку, според гласовите на критичарите на „Скрин интернешенел“, како најдобри филмови водат: иранскиот „Мојот омилен колач“ на режисерите кои не можат да дојдат, потоа документарниот „Дахомеј“ на сенегалската режсерка, предводничка во новиот бран во африканските земји, како и германскиот „Умирање“ на Матијас Гласнер.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ