вторник, декември 24, 2024
домаБернштајн, Гершвин и Гулда во изведба на Филхармонија

Бернштајн, Гершвин и Гулда во изведба на Филхармонија

Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи концерт на кој како солист ќе настапи српскиот виолончелист кој со интернационална кариера – Драган Ѓорѓевиќ. Концертот е насловен “Хармонија”, а диригент е маестро Мануел Хернандез- Силва од Венецуела/Шпанија. На програмата се Концертот за виолончело и дувачки оркестар од Фридрих Гулда, симфониските танци „Приказна од западната страна“ од Леонард Бернштајн и симфониската поема „Американец во Париз“ од Џорџ Гершвин.

Мануел Хернандез-Силва дипломира на престижниот Државен конзерваториум во Виена со највисоки оценки, а професори му биле Рејнхард Шварц и Георг Марк. Добитник е на наградата на натпреварот за диригирање „Јунгер Кунстлер“, што ја доделува Виенскиот камерен оркестар, со кој Силва диригира во Виена. Диригирал на значајни интернационални фестивали, а често настапува како гостин диригент со шпански и со други оркестри во Европа. Бил шеф-диригент на Оркестарот на Кордоба, на Филхармонијата во Малага, на симфонискиот оркестар „Навара“, и почесен шеф-диригент на оркестарот „Симон Боливар“ во Каракас, со кој интензивно работел повеќе од пет години. Диригирал со Виенскиот симфониски оркестар, Израелскиот симфониски оркестар, оркестарот на Радио Прага, Симфонискиот оркестар на Биел, со оркестарот на Мулхаус, Симфонискиот оркестар на Вупертал, Филхармонијата на Сеул, Филхармонијата на Буенос Аирес, Националниот оркестар на Венецуела, Симфонискиот оркестар на Чиле и со сите водечки оркестри во Шпанија. Како оперски диригент доби одлични критики за неговите изведби на „Волшебната флејта“ и „Така прават сите“ од Моцарт, за Бетовеновата „Фиделио“ и за „Боеми“, „Џани Скики“, „Тоска“ и „Мадам Батерфлај“ од Пучини. Маестро Хернандез-Силва работи и како професор, постојано е активен во педагошката сфера, каде посветено едуцира млади диригенти.

Критиката ќе каже дека Драган Ѓорѓевиќ е една од најоригиналните уметнички појави на неговата генерација. Тој е признат за амбасадор на српската школа за виолончело, основач е на ансамблот „Вива виолончело“, на фестивалот „Равенелиус“, соосновач на квартетот „Рубикон“ и програмски директор на „Виолончело фест“ во Белград. Во музичкиот свет Ѓорѓевиќ влегол на шестгодишна возраст, свирејќи виолина во училиште за музички надарени деца во неговиот роден град Ќуприја, а две години подоцна почнал да изучува виолончело. По студиите во Белград, на Факултетот за музичка уметност, во класата на проф. Сандра Белиќ, образованието го продолжил на Гилдхал школата за музика и драма во Лондон, во класата на проф. Стефан Попов. По Лондон, Ѓорѓевиќ се запознал со корејскиот виолончелист Јанг Чанг Чо, кога продолжил да студира на Школата за музика во Есен, Германија. Уште како млад бил назначен да биде професор по виолончело на ФМУ во Белград, време кое го означил и како период да учи со славните виолончелисти како Миша Мајски, Тобијас Кун, Давид Такено итн. Добитник е на специјални награди на разни натпревари во Белград, а како солист настапувал во Велика Британија, Германија, Холандија, Шведска, САД, Русија, Белгија, Кина, Швајцарија, Франција, Норвешка, Јужна Кореја…, на истакнати меѓународни музички фестивали како „Би-би-си промс“, „Георг Енеску“, „Охридско лето“, „Челисимо“, „БЕМУС“… Соработувал со уметници како Џулијан Рахлин, Итамар Голан, Емил Табаков, Клеменс Шулд, Немања Радуловиќ, Роман Симовиќ, Џон Адамс… Почнувајќи од 2011 година, на покана на славниот маестро Валери Гергиев, свири како главен гостин виолончелист на Симфонискиот оркестар на театарот „Марински“, ја освоил наградата на Загрепски концертен менаџмент, му бил понуден и рецитал во новата концертна сала на „Марински“ во Санкт Петербург, како и деби со квартетот „Рубикон“ на Лондонскиот фестивал. И покрај тоа што е редовен професор по виолончело на ФМУ во Белград, одржува мастер-часови во Кина, Шведска, Бугарија, Романија, Словенија… Свири на виолончело направено 1797 година, од Џејмс и Хенри Бенкс.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ