Бесплатни менструални влошки за ученичките во Дебар: Прв чекор кон подобрување на образовните услови за девојчињата

0
8

Во рамките на 16-дневната кампања против родово базираното насилство, која завршува на 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права, „Новинари за човекови права” потпишаа меморандум за соработка со Општина Дебар. Оваа соработка означува почеток на иницијатива за поддршка на девојките во две училишта преку организирање на работилници на тема „Менструална хигиена и менструална сиромаштија”.

Работилниците имаа за цел да ја подигнат свесноста за пубертетот и менструацијата, како и да ја разбијат стигмата околу овие теми. Во текот на активностите беше укажано на предизвиците со кои се соочуваат девојките во училиштата, како што се несоодветни санитарни простории и недостаток од основни хигиенски средства, како што се топла вода, сапун и тоалетна хартија.

Дополнително, преку донација од општествено одговорна компанија, која сакаше да остане анонимна, беа обезбедени менструални пакети за сите девојки, со што им е гарантирана поддршка до крајот на учебната година.

Оваа иницијатива е важен чекор кон создавање еднакви услови за сите ученици и поддршка на младите девојки, кои често се соочуваат со предизвици поврзани со основните човекови права. Иако 16-дневната кампања завршува, оваа активност ја истакнува посветеноста за продолжување на работата во оваа насока и отвора пат за идни активности кои ќе придонесат кон унапредување на животните услови и образованието на младите.

Преку оваа иницијатива, Општина Дебар и „Новинари за човекови права” демонстрираат како заедничката акција може да води кон трајни промени и подобрување на животот на младите во нашето општество.

А.Н.