Бразил останува апсолутен рекордер во уништување на шумите – има ли простор за оптимизам?

0
12

Што е тоа што ги тера луѓето против шумите? Дали е можно дека незаузданата алчност за експлоатација на природните ресурси и „ослободување“ на просторот за руди, насади и нови инвестиции, навистина ќе доведе до истребување на природните создавачи на кислород? Дали човештвото е до таа мера подготвено да го загрози сопствениот опстанок заради профит?

Бразил има највисока стапка на уништување на шумите во светот. Од 2002 до 2023 година, оваа држава загуби 30,7 милиони хектари примарна шума. Вкупната површина на примарни шуми во Бразил се намали за 9% во овој период. Ако во оваа статистика се вклучат и другите зелени површини, бројките би биле уште поразителни, се вели во годишниот извештај на Global Forest Watch.

Рекордна година за Бразил беше 2016, кога беа уништени 2,83 милиони хектари шума. Тогаш, медиумите ширум светот подигнаа аларм, а поради разочарувачките економски последици од Олимписките игри во Рио де Жанеиро, заедно со постојаната корупција, Бразилците излегоа на масовни протести.

Кога Инасио Лула да Силва повторно беше инаугуриран како претседател во јануари 2023 година, едно од првите негови ветувања беше спречување на нелегалното уништување на Амазонија, кое во претходната деценија излезе од контрола. Земјоделците масовно ја претвораат шумската земја во обработлива почва за садење соја, додека рударите – легални и нелегални – ги засилија активностите. Ренесансата на потрагата по злато и други вредни руди доведе до ново истребување на локалното домородно население.

Од 2016 година, уништувањето на шумите во Бразил навистина опадна, а минатата година изнесуваше 1,14 милиони хектари примарни шуми. Но, уништени се и 2,8 милиони хектари зелени површини. Од нив, повеќе од половината – 1,63 милиони хектари – беа расчистени заради потрага по суровини, а 954.000 хектари за земјоделство.

Гледано пошироко, десетте земји со највисока стапка на уништување на шумите се Бразил, Австралија, Мексико, Танзанија, Зимбабве, Аргентина, Боливија, Мозамбик, Судан и Перу. Бразил е прв и по апсолутни износи и по стапки.

Целата планета губи околу 10 милиони хектари шума годишно, што е еднакво на површината на Португалија, проценува агенцијата на ОН за храна и земјоделство (UN FAO).

Дали забрзаното уништување од 20. век конечно е запрено?

Од крајот на последниот ледено доба – пред 10.000 години – светот изгубил една третина од своите шуми. Две милијарди хектари шума, површина двојно поголема од САД, се уништени за проширување на градови, насади, пасишта, за огрев и за инфраструктура.

Иако луѓето ја уништуваат планетата со милениуми, стапката на губење на шумите нагло се зголемила во последните неколку века. Половина од уништените шуми исчезнале само во 20. век. Врвот на глобалното уништување беше достигнат средината на осумдесеттите години, а од тогаш процесот е забавен.

„Шумите се неопходни за одржување на глобалната температура под два степени Целзиусови. Тие се нашиот најдобар природен сојузник во намалување на емисиите на стакленички гасови, истовремено зголемувајќи го биодиверзитетот и придобивките за екосистемот“, истакнува Програмата на ОН за заштита на животната средина.

И покрај теориите за „зелената агенда,“ последиците од уништувањето на шумите се видливи насекаде – климатските промени, глобалното затоплување и намалувањето на водните ресурси.

Простор за оптимизам сепак има. Според најновата процена на шумските ресурси на ОН, нето-губењето на шумите се намалило во последните три децении, од 78 милиони хектари во 1990-тите на 47 милиони хектари во 2010-тите. Некои земји, како САД и Русија, успешно спроведуваат програми за пошумување и запирање на дефорастацијата, кои веќе даваат резултати.

Подготви: Ф.С.