четврток, април 25, 2024
домаЖивотЖивотна срединаЧестички пластика пронајдени во флаширана вода

Честички пластика пронајдени во флаширана вода

Честичките пронајдени во водата за пиење во огромни количини се наоѓаат во океаните, каде што на рибите им го уништуваат мозокот.

Светската здравствена организација ги објави резултатите од испитувањето на флаширана вода спроведено од новинската организација „Орб медиа“, според кое 93 проценти од сите видови на пакувана вода содржат пластични честички. Експертите на Државниот универзитет во Њујорк анализираа 250 шишиња од 11 различни производители од 19 локации во девет земји. Од светски познати производители честички се пронајдени во примероци на „Евијан“, „Нестле пјур лајф“, „Сан Пелегрино“ и неколку брендови од Индонезија, Индија, Германија, Бразил и Кина.

Во контаминираните примероци пронајдени се просечно на литар вода 10 честички со дијаметар малку поголем од човечко влакно, и уште 314 честички кои биле премногу мали за да се утврди со сигурност дека се работи за пластика, бидејќи биле премногу мали. Од 250 шишиња, само 17 од биле незагадени, додека многу од загадените во себе содржат стотици, па дури и илјадници честички. Посебно лоша вест е дека постојат големи разлики помеѓу шишиња од истите производители, па дури и во ист пакет.

Брус Гордон, координатор на Светската програма за вода на СЗО, изјави за „Би-Би-Си Њуз“ дека штетните последици од ваквото загадување не е лесно да се пресметаат, бидејќи едноставно нема доволно истражувања кои би го обработувале составот на пластика што ја загадува водата, во кои количини оваа пластика содржи токсични материи и какво точно оштетување овие честички може да му направат во телото.

„Вообичаено е да се утврди безбедно ниво на одредени супстанции. Но, со цел да се утврдат и безбедни граници, прво мора да се разбере дали и колку тие супстанции се опасни, и дали тие пронајдени во водата се опасни во одредени концентрации,“ рече тој.

Сепак, микро-и дури наночестички во водата за пиење, особено во флашираната, што треба да значи посебно обработена, сигурно не се нешто што треба да се најде на тоа место.

Експертите заклучија дека во земјите каде што градската вода можеби е загадена, граѓаните подобро да продолжат да купуваат флаширана вода за пиење.

Минатата година научници откриле пластика во морската храна, пиво, морска сол, па дури и воздухот. Тие 314 честички на литар, за кои не може да се каже со целосна сигурност дека се пластични, се именуваат сепак како „најверојатно“ пластични. Што се однесува до пластичното пакување на различни пијалаци, секоја секунда во светот се продаваат 20.000, односно повеќе од еден милион секоја минута. Во 2016 година се продадени 480 милијарди (само „Кока Кола“ продала 110 милијарди), од кои помалку од 50 отишле на рециклирање и помалку од седум отсто се претвориле во нови шишиња.

Истражувања покажуваат дека со пластични микрочестички се загадени 83 проценти од сите примероци на вода од системот за јавно снабдување со вода во градовите низ целиот развиен свет. Пластични честички има во системот за водоснабдување, реките, почвата како директен резултат на фрлање пластичен отпад во животната средина, во која пластиката се деградира на пофини честички и на тој начин полесно влегува во синџирот на исхрана.

Во оваа приказна, океаните се најранливите, а најважни во процесот на ситнење на пластичниот отпад. Секоја година во океаните завршуваат над 10 милиони тони пластика, така што за неколку години среде океаните постојат огромни области целосно пренатрупани со пластика, која директно ги убива морските организми; без разлика дали тие се дават од пластичните парчиња, дали ја голтаат па се гушат или се отруени од неа.

Се проценува дека во океаните секоја година завршува една десетина од сета пластика која човештвото ја произведува, користи и на крајот фрла, и дека до 2050 година во океаните ќе има поголема маса на пластика отколку маса на риби. Тука се доаѓа и до конкретна индикација за тоа колку микро-и наночестичките од пластика се опасни за организмите. Една студија од Универзитетот Лунд објавена есенва, покажува дека најситните пластични честички во океаните успеваат да навлезат во ткивото на организмите кои ги голтаат, најмногу рибите, и дека честичките успеваат и да пробијат бариерата помеѓу циркулаторниот систем на риба и нивниот мозок.

Научниците, исто така, откриле дека таквите риби јадат помалку, помалку внимаваат да не станат плен на предатори и дека пластиката во нивниот мозок се акумулира. На кратко, заклучокот е дека пластичните наночестички предизвикуваат оштетување на мозокот на рибата. И ако можат да го направат тоа кај рибите, тогаш …

Светската здравствена организација најави испитувања за потенцијалните ризици.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ