четврток, декември 19, 2024
домаНасловнаЧетири дена нови европски филмови на плажа во Охрид

Четири дена нови европски филмови на плажа во Охрид

Првото издание на фестивалот на нов европски филм „Beach film festival“ четири дена ќе нуди разновидна програма за сечиј вкус, а покрај филмската ќе има и музичка програма, но и работилници за актерска игра.

Првото издание на фестивалот на нов европски филм „Beach film festival“ се одржува од денеска, 19 јули до недела, 22 јули во Охрид. Свеченото отворање е вечерва од 21 часот на плажата „Оревче“ со хрватскиот филм „Осмиот комесар“ од 2018 година, екранизиран според истоимениот неколку пати наградуван роман на Ренато Баретиќ. На отворањето на фестивалот ќе присуствува и режисерот Иван Салај, со кого по завршувањето на проекцијата посетителите ќе имаат можност да се запознаат и да се дружат.

Фестивалот ќе се одвива на неколку локации низ Охрид, а главната програма ќе се реализира на плажата „Оревче“ со разновидна програма за сечиј вкус. Во натпреварувачкиот дел на „Бич филм-фестивал“ ќе има и филмови од Турција, Данска, Англија, Естонија, како и многу други земји, а ќе гостуваат и многу личности од филмската индустрија како Лазар Бодрожа, Беверли Лавли, Артур Страхков. Жири комисијата е составена докажани имиња во филмската индустрија – Јелена Јованова, Марјан Алчевски и Весна Дамчевска.

Утре, 20 јули, втората фестивалска вечер ќе понуди и куриозитет за филмофилите кои ќе можат да го гледаат данскиот филм „Holiday“ на бродот „Галеб“, кој во 22 часот ќе тргне од Охрид и ќе плови кон плажата „Оревче“. Утре во официјалната селекција ќе бидат прикажани и турскиот филм„Сакате да се измиете на дождот“ на режисерот Ѓултен Таранч од 21 часот и македонскиот „Копање“ од 22:30 часот на плажата „Оревче“.

В сабота, 21 јули на плажата „Оревче“ е проекцијата на филмот „Едерлези рајзинг“ на српскиот режисер Лазар Бодрожа, а утрото во просториите на филмската академија во Охрид во 10 часот ќе биде прикажан холандскиот игран филм за деца „Малечкиот гангстер“ на режисерите Арне Тонен и Арент Џек.

Недела е резервирана за ревијалната вечер, и филмот „Исцелител“, кој ќе ја има својата премиера пред охридската публика. За самиот крај на Beach Film Festival, предвиден е настап на групата „Фолтин“.

После секоја проекција на филмовите, ќе следат настапи на македонски и интернационални изведувачи, како на пример: RIB, Cyrillic, Palindrom, DJ Klara Vedis, Sajsi MC, Foltin и други. Овој фестивал ги спојува музиката и филмот на плажа. Но, на „Бич филм-фестивал”, ќе има и дневни активности, т.е. работилници: Работилница за актерска игра за средношколци, работилница за документарен филм, на која студентите ќе можат да научат повеќе за основите во создавањето на документарен филм, продукција, режија, работилница за актерска игра за деца од 11- 14 години.

Билетот за проекцијата на отворањето чини 150 денари. За посетителите, организаторот обезбеди и бесплатен превоз во текот на сите 4 фестивалски дена.

Релација: Охрид ( Гимназија “Св. Климент Охридски”) —-> плажа “Оревче” 20:00 и 23:00 часот

Релација: Плажа “Оревче” —–> Охрид ( Гимназија “Св. Климент Охридски”) 01:00 и 03:00 часот.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ