Чоколадото го продолжува животот

0
321

Во животот има две опции поврзани за храната: или ја гледаш како непријател и јадеш за да преживееш или живееш за да јадеш. Оваа вторава ми е омилена. Сите оние кои прашуваат за време на појадокот: „Што ќе ручаме денеска?“ ја преферираат втората опција.

Пред некој ден прочитав за некој азиец кој бил долговечен благодарение на тревите, билките и боречките вештини. Ова кај нас не оди заедно. Затоа и долговечноста е ретка. Но ова не значи дека треба да се откажеме од свинско печено за да поживееме подолго. Туку треба малку и да се раздвижуваме. Нашите северни соседи од утро до вечер се дружат со нивниот „цар на животните“ подгорвен на ражен, а го налеваат со овошна нископроцентна „емулзија“ (слива, дуња, кајсија, крушка). И немаат никакви проблеми со долговечноста. Во овие студени денови и ние се загреваме со лоза витаминизирана со туршија. Месото го мезиме со вино, а виното се поретко го пиеме со мезе. Сирењата и кашкавалите ги јадеме како главна храна. Ова важи за нискобуџетните сирења направени за време покусо од нивниот рок на траење. Оние другите (галичкото, осоговското, увезените, француските…) ги јадеме како апетисани, а некогаш и како „колачи“ – на крај на оброкот.

Кога сме кај десертите, оние спакуваните во фолија, т.е. бомбониерите, нареднава приказна ќе ви долови зошто чоколадото го продолжува животот.

IMG_1093Ноќта пред да ја испратам гостинката од Женева ја распакував убавата кутија (со големина на „тава од рерна“ кај стандарден шпорет). Ја добив откако ги разменивме подароците, по обилната вечера во ресторан, залиена со неколку шишиња Тиквешко Куве. Веднаш знаев дека е бомбоњера (кутија со чоколадни бомбони). Кога ја отворив очите ми светнаа. Имаше педесетина уредно наредени и дискретно нашарани чоколатца кои мамат да ги изедеш. Почнав, едно, две, три… Огромна предност беше што не беа додатно замотани со целофан (како кај Бајадерата, на пр.). Лапни – голтни. Некаде при крајот ми дојде дремка која прерасна во сон. Не. Не е крајот тука. Бомбониерата требаше да ја споделам со фамилијата. Утрото се разбудив насмеан и не можев, а да не погледнам кон масакрираната табла со чоколатца. Срипав и се пресеков: имаше уште две чоколадни бонбончиња. Набрзина ги лапнав и тргнав да ја фрлам кутијата што подалеку од очите на домашните. Очекував да ме убијат. Со задоволство и восхит упатив последен поглед кон кориците со намера да ја запамтам „марката“ на овие прекрасни швајцарски чоколатца со белгиски акцент). И тогаш се случи чудото! Идеално спакуваната пластика (дното на изедените чоколатца) се мрдна од лежиштето. Ја подигнав и вчудовиден се стаписав. Гледав во уште еден ред од педесетина чоколатца идентичен со изедениот. Првиот шок веднаш го амортизирав со десетина, без ред, извадени и набутани во уста. Другите ги покрив и гордо ги оставив на масата за да ги послужам и домашните. Тие подоцна ме пофалија за мојата умереност кон единствениот порок кој го имав – чоколадото. Затоа велам: „Чоколадото го продолжува животот“.

За денешниов рецепт предлагам чоколадни бомбици.
За нивно приготвување потребни се бисквити, банана, путер, чоколаден крем (еурокрем).
Бисквитите се мелат или се толчат. Во нив се додава банана и се меша со миксер со бисквитите (или со вилушка). Се додава растопен путер. И тој се меша со смесата. Во смесата се додава стопен карамел (или чоколаден крем). Се меша. Потоа се прават топчиња со рака и се ладат петнаесетина минути во фрижидер. Потоа се потопуваат во стопено чоколадо (по можност црно) и се поставуваат во тава, се попрскуваат со мелени бадеми или ореви. Се послужуваат.