На 16 април, со почеток во 20:00 часот, Националниот џез оркестар ќе одржи ексклузивен концерт „Cuban Jazz Explosion“, заедно со светски реномираниот кубански музичар Алан Перез и неговата осумчлена ритам-секција „Ла Оркестра“. Концертот ќе се одржи во Националната опера и балет во Скопје.
Настанот е дел од европската турнеја „La Fiesta Tour“, која ја носи автентичната енергија на кубанската музика на најзначајните сцени низ Европа. Со спој на салса, тимба и џез, концертот ветува вечер исполнета со ритам, страст и врвна музичка изведба.
Алан Перез (Куба) е мултиинструменталист, пејач, композитор и продуцент со интернационална кариера. Своето светско признание го стекна како член на легендарниот состав „Иракере“, под водство на Чучо Валдес, како и преку долгогодишната соработка со фламенко-иконата Пако де Лусиа.
Во текот на својата кариера, Перез соработувал со некои од најголемите имиња на светската сцена, меѓу кои Чик Кореа, Винтон Марсалис, Селиа Круз, Рубен Блејдс, Пакито Да Ривера, Диего Ел Цигала и Исак Делгадо, создавајќи препознатлив звук кој ги обединува салсата, тимбата, џезот и фламенкото во енергична и автентична звучна целина.
Добитник на престижни Греми и Латин Греми признанија, Перез денес се смета за еден од најзначајните претставници на современата афро-кубанска музика.
Билетите за концертот може да се набават online на „МКТикетс“ и на продажните места на „МКТикетс“.
Билети со 50% попуст за студенти и пензионери ќе бидат достапни на денот на концертот, еден час пред почетокот, на билетарницата на Националната опера и балет, со приложување соодветен документ. Билетите може однапред да се резервираат на: [email protected]

