дома КУЛТУРА Mузика, Опера, Балет ЦЕНТАРСКИ УЛИЦИ 4 – СВЕТСКИ ДЕН НА УМЕТНОСТА

ЦЕНТАРСКИ УЛИЦИ 4 – СВЕТСКИ ДЕН НА УМЕТНОСТА

0
61

Утре, 15 април 2026 година (среда), со почеток во 12:00 часот, на улица Македонија во Скопје ќе се одржи настанот „Центарски улици 4 – Светски ден на уметноста“.

Овој уникатен културен настан ќе ја претвори улицата во динамична сцена на отворено, исполнета со уметност, креативност и жива енергија. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во настапи на улични живи статуи од продукцијата Театроск, како и во создавање на уметнички дела во живо од страна на млади ликовни уметници – студенти од Универзитетот АУЕ – ФОН. Програмата ќе биде збогатена со улични шоуа, DJ сетови и музички настапи.

Главната цел на настанот е да се создаде простор за младите уметници да ја претстават својата работа пред пошироката јавност, да се поттикне нивниот креативен развој и да се оживее јавниот простор преку култура и уметност.

Веќе четири години по ред, „Центарски улици“ успешно гради платформа за видливост на младите таленти, овозможува директна комуникација помеѓу уметниците и публиката и придонесува кон културното збогатување на градот.

Настанот е во организација на Здружението на граѓани „Театроск“ од Скопје, со целосна поддршка од Општина Центар и е дел од Програмата за култура на Општина Центар за 2026 година. Соработник на настанот е Универзитетот АУЕ – ФОН.