сабота, септември 7, 2024
домаНасловнаЦВЕТАНКА КОЛЕВА, СЛЕМЕРКА : Пишувањето е порок за мене, кој го сместувам...

ЦВЕТАНКА КОЛЕВА, СЛЕМЕРКА : Пишувањето е порок за мене, кој го сместувам во зборови и му давам форма! 

Разговараше: Валентина Ѓоргиевска Парго
Да се биде поетеса, индивидуална земјоделка, пчеларка која ги применува принципите на органското пчеларење 15 години,  е еден спој кој мене ме одушевува. Задоволство е да се претстави таква личност, Цветанка Колева. Родена и порасната во Прилеп, студирала во Скопје, се омажила за кавадарчанец, живее во Кавадарци и има два сина. Не работи како професорка по македонски јазик, затоа што вели дека не се препознала во системот пред години и го избрала пчеларството како реална работна активност која што ја пречекало тука, каде што живее сега.
ТЕХТ.МК: Слем поезија на нива. Нешто би рекла многу шик… Вие се занимавате со обете работи, истовремено. Инспиративно ли е? 
КОЛЕВА: О да, никогаш доволно изненадувања и на двете полиња. Во овој ,,коронски“ период невидидливите активности станаа повидливи, би додала. На место каде што е „нивата“ која вие ја споменувате, од кога сум таму се чита. Последниве години и со гости кои се вљубеници на пишаниот збор, читаме песни по сопствен избор во природен амбиент. Сега во овој ,,коронски“ период, тоа кај љубителите за пишаниот збор, е нагласено и повидливо, секое на свој начин. Природата – поим со целото свое значење е присутна во тоа што го пишувам, повеќе или помалку, но секогаш постои по некој збор кој е природно врзан со природата. Пишувањето е порок за мене, кој го сместувам во зборови и му давам форма каква сакам, оти пишувам, да сликав, ќе сликам, да свирев, ќе свирам, ама ете пишувам, иако со повеќе грешки од точни зборови, но потоа поправам. Макотрпна работа за мене е корегирањето, но тоа истовремено го засилува поттикот за повторно пишување. Инспиративно е, оти е живо и менливо. Да се живее во Кавадарци? Тоа е Тиквешки регион со свои специфични карактеристики кои си носат печат на традицијата во карактерот на тиквешкиот човек. И како поминуваат годините тоа за мене станува се по нормално со тоа дека секое подрачје, секој регион си има свои карактеристики, тука е и дијалектната форма на ова подрачје која што не умеам да ја совладам и понекогаш тоа се за мене судни маки…
ТЕХТ.МК: Кавадарци, е плодна, родна околина. Инспирира ли повеќе сета таа рамна плодност, ширина, прегледност кон небото?
КОЛЕВА: Па не е се така рамно, има ридови и планината Кожуф на јужната страна. Да, погледот кон небото е конзервативен пристап во дел од живеачката на земјоделецот, па и на други, погледот кон небото значи дека чекаме од природата и важни ни се месечевите мени, дувањето на ветерот, јасникот во зима и многу други промени кои нашите стари ги познавале, практикувале и почитувале, а за жал малку од тоа знаење останало во нас. Се обидувам да го разберам одново тоа што на нашите предци им било кристално јасно. Се прашувам, постојано со години што ние и’ даваме на природата, а што чекаме таа да ни даде? Одговорот на ова прашање може да биде колку сакаме песни, кратки раскази, хаику, слем поезија, кратки лирски нарации, дури и подолги прозни дела.
ТЕХТ.МК: Му тече мед и млеко“ е народната поговорка за нешто совршено најубаво, а мед и поезија во каква категорија, или можеби над- категорија, спаѓа?
КОЛЕВА: „Му тече мед и млеко” доколку ја земеме поговорката во улога на епитет на одредена поезија или една песна, тој епитет го поврзувам со длабоката леснотија во пишувањето. Сакам такви песни, повремено наидувам и на поголеми дела, што секако не значи дека и животот на оној/онаа/оние кои пишуваат такви дела, им е „Мед и млеко“. За категоризација на поезијата не можам да зборувам, од причина што ги изгубивме критериумите како основа за категоризација, не само во поезијата, прозата, музиката, обарзованито… Тоа губење на критериумите нe’ донесе овде во простор и време за неразбирање. Во сета оваа „збунетост“ може да се случи симбиоза поезија и мед, ако се фати мигот.
ТЕХТ.МК: Како успевате природата да ја преточувате во поезија? Поточно кај вас тоа е цело време испреплетено и без граница… 
КОЛЕВА: Години наназад пишувам песни во кои природата стоеше таму. Тоа го забележав во време на карантините, кога секој, сам по сам си најде катче дома. Имаше време да се осамам. Ама, баш. Се навратив на тие стари стихови и забележав, таму природата само стои. Ги зедов, ги завртив како топка и природата оди. Во последениов период сама доаѓа, најчесто во хаику форма, ете.
ТЕХТ.МК: Широк е патот на поетот, никој не може да му рече “стој”. Што ве движи по тој пат, што ви дава крилја? Веќе имате напишано книги, доста песни. Колку се сторија?
КОЛЕВА: Кога сакате да не сте глумица, ќе кажете „од мала пишувам“ , колку сум се потсмевала на овие изјави, ама ете дојде и јас да кажам, тоа е. Имало периоди кога не сум пишувала, ама поминува. Пишувањето е дел од сето во кое сум и не сум. Поривот е создавач. Внимавајте со чесноста кон себе. Треба да е убаво. Па се сторија, две книги, едната во 2012 година-„ Ладно кафе“ и другата оваа, 2020 година „Ти, моја, безмилосна една!“ во издание на издавачката куќа Или-Или од Скопје. Тоа е долга пауза. Во втората има песни стари десет години и нови. Се случува некој да ме праша за некоја песна нешто, коментираме за неа, кога ќе ја кажам годината, секој си е зачуден од своја причина. Многу интересно. Желбата ми е да го спојам пишувањето со сценска уметност која може да се модифицира, а години сум со Поетри слем Македонија, речиси од почетокот на оформувањето на оваа неформална група поети, кои го сакаат слемот како начин на слобода на говор. По еден телефонски разговор со Трпче (Игор Трпчевски н.з.), се роди за три дена Првиот рурален поетски слем. Оваа година се случи и вториот рурален поетски слем, кој најприродно беше да го споиме со периодот на цветање на органската лаванда, која ни послужува како сцена и како причина да се случи настанот токму во тој период. Со оглед на ситуацијата со Ковид 19 оваа година имаше слемерско – поетски попладниња и вечери, присутни беа дел од тимот на Поетри слем Македонија, слемерки и слемери, поетеси, поети и вљубеници во пишаниот збор. Овој настан немаше натпреварувачки карактер, туку мотивациски, би рекла. Што да кажам. Дури и струја нема, а за догодина, догодина.
ТЕХТ.МК: Дали ние пишувачите, што пишуваме за свој ќеф, веруваме во подобар свет или мислиме ќе го поправиме овој, Совршениот, со грешки кои ние луѓето му/си ги правиме? Јас немам одговор, Вие?
КОЛЕВА: Секој човек башка будала, ми рече еднаш еден стар пчелар. Не знам што да ти одговорам сега во ова време на,,коронија“. Пред тоа нешто друго ќе одговорев сигурна сум, во ова ковидно време имам понагласена емпатија. Правам толку, колку што можам. Потоа пишувам песни кои носат пораки од општествен карактер со личен печат. Се обидувам да сторам нешто. И пред тоа, a и сега. Во периодов поинтензивно дејствувам, ми здосади од тоа ништо да не се случува да си ја подобриме живеачката. А почнува од нашите одлуки. Одлуките нè носат до грешките или нè одалечуваат од нив. Секој греши. И секој сам треба да си суди, верувам во тоа. Грешките се дел од животот и има грешки кои си остануваат грешки и тоа е сосема во ред. На што ќе личи перфекција на живеачката, се прашувам, ако нема грешки !?
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ