Евровизијата овие денови е тема на разговор, на бурни дискусии, коментирања, анализирања, разни ставови, предлози и бранувања, особено кај нас тоа не поминува во мирна атмосфера. Уште кога се создала самата идеја на оваа најголема планетарна музичка манифестација е да се расшири поимот мир, сплотување, заедничко радување, славење на нациите од разни држави.
Тоа беше повод и за едно потсетување на поранешниот македонски кандидат за Нобелова награда за мир, уметникот Живко Поповски Цветин на неговата средба со најпознатиот евровизиски пејач Џони Логан. Тие се сретнале при неговата прва и засега единствена посета на Скопје, во 2005.
-Добредојде на Џони Логан јас и новинарот Стојан Тренчевски, Претседателот на Граѓанската асоцијација “Скопјанката Мајка Тереза”, му посакавме во Спомен соба на Мајка Тереза, во Феудалната кула, на 26 март 2005 година. Средбата беше топла и мошне срдечна, а тогаш јас на славниот пејач му подарив моја слика “Цвеќе на мирот” и посакав заедно со музиката, песната и цвеќињата за мир и поубав живот на луѓето, особено за младите генерации. Тој тоа го прими на многу весел начин, се потсетува Цветин.
Уметникот бил обожавател на песните на Логан а најмногу и ден денес и се одушевува на евергрин победничката песна од 1987 “Hold me now” која секогаш со задоволство ја слуша.
Цветин, кој се сретнал и подарил цветни цртежи на многу светски славни личности, поети, музичари, политичари, актери (Клаудија Кардинале, Зубин Мехта, Шарл Азнавур…) на сите македонски евровизиски претставници, и на многу евровизиски делегации, во оваа прилика става акцент и го издвојува Џони Логан, кој што никогаш не запрел со својата мирољубива евровизиска мисија.
-Нашата мисија е слична, тој со убава песна, јас со моите мирољубиви цветни цртежи да го шириме мирот меѓу луѓето и народите секаде низ светот, подвлекува уметникот. В.Ѓ.