среда, ноември 20, 2024
домаЖивотЖивотна срединаДа ја заштитиме водата долгорочно, за да не ја изгубиме

Да ја заштитиме водата долгорочно, за да не ја изгубиме

Околу 1,7 милијарди евра инвестиции се потребни за пречистување на урбаните отпадни води кои сега директно се испуштаат во реките, езерата и почвите. Водата е ресурс што неограничено се троши, а надлежните институции со години наназад немаат реален увид во квалитетот и квантитетот на водите во Северна Македонија.
Ова се дел од темите за кои се дискутираше на виртуелната конференција „Зелената агенда за Западен Балкан како поттик за заштита на водите во Северна Македонија“, што ја организираше Институтот за европска политика во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на кампањата „Разбистри сѐ“.
Во отворањето на конференцијата, директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска потенцираше дека животната средина е една од областите од пристапниот процес во ЕУ во кој не може да се забележи поголем напредок и истакна дека целта на конференцијата е да се создаде простор во кој ќе се поврзат националните и ЕУ политиките во оваа област.
Директорката на Институтот за комуникациски студии, Жанета Трајкоска порача дека само со отворени податоци и транспарентни институциите можеме да имаме квалитетни политики во животната средина. „’Разбистри сè’ како алијанса ќе бара да биде вклучена во унапредување на законите за заштита на водата, минералните суровини и инспекциските надзори“, рече Трајкоска.
„Нашата држава се наоѓа во еден од климатски најранливите региони во светот. Доколку не преземеме мерки за заштита на водните ресурси, многу лесно можеме неповратно да ги загубиме. Заштитата на водите не е само внатрешно економско и еколошко, туку и европско прашање. Да ги заштитиме водните ресурси долгорочно, за да не ги изгубиме неповратно“, порача Претседателот Стево Пендаровски во неговото поздравно обраќање на конференцијата.
Британската амбасадорка Рејчел Галовеј рече дека тековниот мониторинг на квалитетот и квантитетот на водата е несоодветен за да се даде реална слика за моменталната состојба на водните ресурси.
„Нема систематско и континуирано следење и проценка, а властите не можат да добијат соодветни податоци за управување со водите. Отсуството на вистински податоци за статусот на водните тела значи дека се доведува во прашање оправданоста, одржливоста, рационалноста и ефикасноста на политиките и административните мерки за користење и заштита на водата“, изјави Галовеј на почетокот на конференцијата.
Според податоците, во Северна Македонија се прочистуваат само околу 3-4 проценти од вкупното количество отпадни води. На овој проблем се осврна и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
„Инвестираме во најголемата постројка за третман на отпадни води во Скопје и започнавме проекти за Битола, Кичево и Тетово. Ние сме посветени да имаме чиста вода за пиење за нашите граѓани. Ве повикуваме да работите со нас, да создадете свест за решавање на овие проблеми“, рече министерот Нуредини.
Професорот од Инситутот за биологија Светослав Крстиќ изјави дека иако водите се крвотокот на државата, тие се трујат со штетни материи. „Некои имаат претстава дека она што ќе се испушти во реките ќе замине, но тоа не е вистина. Нашите речни системи, во поголем дел од нивните текови се регистрирани како `мртви` екосистеми“, вели професорот Крстиќ.
Според Јадранка Иванова, долгогодишнa експерткa во областа на водните ресурси, за да ги исполниме ЕУ стандардите, потребни се 1,7 милијарди евра за третман на урбаните води и 87 пречистителни станици, а директивите на ЕУ треба да ги исполниме до 2041 година. Орхидеја Каљошевска од Инвестициска рамка за Западен Балкан рече дека интервенциите во пречистелните станици се најскапите инвестиции кои не можат да се покријат само од еден донатор или само од буџетот на државата и дека проектите во животната средина можат да бидат спроведени и преку ИПА програмата за прекугранична соработка. Затоа, според Давор Перчан од Директоратот за животна средина на Европската комисија, многу е важно целите за водните ресурси да бидат интегрирани во другите политики на ЕУ што се поврзани со климатските промени, а особено со енергетиката и земјоделството.
Кампањата „Разбистри сѐ“ ја спроведува Институтот за комуникациски студии, а е поддржана од Британската амбасада во Скопје.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ