недела, ноември 17, 2024
домаКолумниДа немаш кому да кажеш СРЕЌНО!!!

Да немаш кому да кажеш СРЕЌНО!!!

Пишува: Вилма Марковска, оснивач и директор на Цреша спорт Скопје и од 2006 до 2010 претседател на Комитет за развој во Македонска тениска федерација

Штета и блам…

Месецот јуни секоја година наназад, а и оваа го одбележуваат јуниорските тимски купови во тенис Summer Cup, во организација на Тенис Европа, кровна тениска организација во Европа која меѓу другото се занимава со организација на систем на тениски натпреварувања, поединечни и тимски, за деца и јуниори до 12, 14, 16 и 18 години. Иако тенисот е индивидуален спорт за развојот на секој еден млад тенисер од огромна важност и чест е да биде член и на националниот тим и да се натпреварува под знамето на својата земја. Во сите земји кои имаат пријавено свои тимови за ова натпреварување, претходат квалификациони, изборни турнири, комплетна подготвителна програма, како и подготвителни меѓудржавни тренинг кампови пред самото натпреварување. Истата постапка се повторува и во зимскиот период кога се одржуваат и зимските тимски натпревари во сите јуниорски конкуренции под името Winter Cup. Социјалните мрежи вријат од објави исполнети со емоции и национална гордост, фотографии на горди и среќни млади репрезентативци, испраќања на аеродром, редовен поздрав „среќно“ и заеднички фотографии во своите национални дресови.

Дресовите на Северна Македонија ги нема на ниедна фотографија, ги нема ни дресовите на Македонија исто така. Оваа година немаме кому да кажеме „среќно“. Оваа година ни еден јуниорски тим на нашата земја нема да учествува на ова натпреварување. На листата на учесници ги наоѓаме сите наши соседи и пријатели, со кои си замислуваме дека спортот и тенисот ни се на исто ниво. Нашите најдобри млади тенисери оваа година нема да можат да бидат дел од еден ваков голем настан и за нив голем предизвик. Нема да можат да почувствуваат што значи да играш за својата земја и нема да можат да го освестат своето спортско национално чувство, што е една од основните придобивки на ова европско тимско натпреварување. Исто така нема да бидат дел и од меѓудржавните заеднички подготовки со врсниците од други држави и во периодот на нагласен развој на својата игра нема да можат да го проверат своето тениско ниво со останатите од Европа и ќе бидат ускратени за едно огромно искуство кое никогаш нема да го надоместат. ШТЕТА!!!

Од осамостојувањето на нашата држава, повеќе од 30 години наназад ситуацијата е слична. За жал одговорните никогаш оваа тема не ја ставија како еден од основните приоритети за изградба на патриотски систем и амбиент, играчи и спортисти со карактер и доследни, професионални и одговорни спортски работници кои дефинираат чесни, издржани  и мотивирачки критетиуми за секоја активност која ја реализираат . Ќе се појави од време на време по некоја јуниорска репрезентација составена од „милениците“ на актуелната „власт“ и тоа е тоа. Нема континуитет, нема комплетна програма, нема смерници и поддршка за понатамошен развој, ниту пак има стратегија и визија за развој на оние нови лица на кои им светкаат очите од предизвикот на оваа наша фантастична игра со топка, кои влегуваат и се вљубуваат „на прва“ во играта што за многумина живот значи.

И што ќе кажат одговорните за се ова. Неможат сигурно да кажат дека знаат што прават. Нема да „помине“ ни одговорот дека нема буџет, дека нема генерациски квалитет, дека има систем и дека во Македонија некој во надлежните институции размислува и се бави со развоен спорт. А најмалку од се имаат право да кажат дека тенисот во Македонија е во подем. Да не си кажуваме приказни за мали деца, да не градиме Потемкинови села и да не се обидува никој да ги убеди малите тенисери, нивните најблиски и вистинските спортски работници дека се глупави, дека не можат да размислуваат со своја глава и дека ќе поверуваат во се и сешто. БЛАМ!!!

За крај важна напомена од некој кој цели триесет години работи развоен спорт. На развојниот спорт не му требаат кариеристи, бирократи, позери, големи бизнисмени, умислени и измислени експерти, надмени тутори, подлизурковци, воајери на социјалните мрежи, неспособни и неспретни, невоспитани и сеирџии, политичари и политиканти… на развојниот спорт му требаат ЛУЃЕ… со знаење, со енергија, со жар во очите (многу сличен на оној детскиот), со желба и единствен мотив да направат нешто добро за сите, оние кои се во постојана потрага по извонредност, патриоти, визионери, професионалци, доследни и храбри да влезат во коштец со сите нејаснотии и збунки кои ги носи времето во кое живееме и амбиентот за кој најмалку може да се каже дека е систематизиран, организиран и добронамерен. На развојниот спорт му требаат луѓе, заради сите оние кои растат и созреваат преку спортот, за сите оние кои ги сакаме најмногу на свет и на кои со бескрајна гордост ќе имаме можност да им кажеме „СРЕЌНО“ кога насмеани и најубави ќе ги испраќаме облечени во нациоционалните дресови, на своите репрезентативни настапи, за тимот на својата држава, за Македонија.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ