сабота, јануари 11, 2025
домаНасловнаДЕАН ЌУРЧИЕВ, "НИКЕЈА" : Три децении како витези ја браниме честа на...

ДЕАН ЌУРЧИЕВ, “НИКЕЈА” : Три децении како витези ја браниме честа на рокенролот!

Разговараше: Валентина Ѓоргиевска Парго

Македонската рок група “Никеја” од неодамна повторно “јава” на радио брановите со една навистина убава композиција, “Гладни за љубовта”, пријатно изненадување во овој условно речено полукарантински период.

*Убаво ја почнувате Новата 2021, повторно актуелни. 

– Драго ни е што радиоемитерите ја препознаа “Гладни за љубовта”, ова време невреме се одрази многу на плановите кои ги имавме, но што е тука е, по “Skopje Forever” хитот кој го одбележа почетокот на минатата  година, “Гладни за љубовта” требаше да биде синглот кој ќе го  затвори новиот албум кој е во најава. На останатите теми кои се во фаза на доработка се надеваме дека ќе ја добијат својата шанса во новава година.

*Оваа суптилна композиција на прво слушање не враќа на препознатливата “Никеја”, од оној свој првобитен музички  концепт. Значи ли тоа дека по речиси три децении авторите секогаш се враќаат на својата основа?

-Песната се создаде токму во овој карантински период, пробавме да ја аранжираме во гитарска варијанта, но наметнатата ситуација нешто не ни даваше тоа да го реализираме студиски. Во консултација со еден наш долгогодишен пријател и колега, Ристо Апостолов (“Водолија” ), кој воедно е и аранжер на песната а ги отсвири пијаното и клавијатурите и го реализираше продуцентскиот дел од песната, како и ремиксот, а за снимањето на вокалите се погрижи Игор Арсовски (гитаристот на “Никеја” ), сите заедно се согласивме во ставовите дека “Гладни за љубовта” треба да звучи токму како што звучи и не погрешивме. Искрено нема некои правила, точна е забелешката во овие три децении бевме турбулентни, обединивме неколку генерации на наше задоволство, вкучивме и женски вокал на албумот “Унисекс”, се со цел да презентираме малку поинаков концепт.

*Што беше мотив за оваа песна, дали истата е и најава за нешто повеќе? Веќе ви се ближи и тридеценискиот јубилеј, што е нешто за симнување капа.

– Емоциите во овој период станаа нескротливи, неизвесноста ја води имагинацијата насекаде. Се родија многу идеи, се снимија многу песни, ништо не зависи од нас. Фактот дека три децении стоиме како витези, бранејќи ја честа на рокенролот, не прави посебно горди што македонскиот јазик одлично го вклопивме во мапата на светскиот рокенрол. По концертната промоција на последниот албум “New Folder” во 2019 , ги посетивме Прилеп, Велес, Кавадарци, Охрид, Куманово и за крај следуваше концертот во Скопје во МКЦ, кој го снимаше МРТ.

* Јубилеите не ги од минувате. Иако групата претрпела и персонални промени, и активни и пасивни периоди “Никеја” си слави, и тоа е за почит. По повод 20-иот јубилеј направивте голем концерт во МКЦ, а за 25 годишнината концерти и нов албум. Во кој правец одите со плановите?

– Забелешката е на место. Не успеавме да останеме константни, доста членови си заминаа, дојдоа нови, претпоставувам дека финансискиот фидбек си го направи своето. Но мојата посветеност како главен носител на проектот “Никеја” , не ми дава така лесно да се откажам од тоа што најдобро знам да го правам. Драго ми е што сите луѓе кои беа дел од “Никеја” безусловно ме поддржаа и ме поддржуваат во концептот. Плановите се менлива категорија, онаа моќна порака што ја праќаме на нашите настапи сега е под напон, со нетрпение очекуваме да заврши пандемијата и да се вратиме на концертните активности.

*Три децении, на нашава климава сцена, е резултат само на челична упорност. Заработка нема, заслужен респект од институциите исто така, наградувалки манифестации нема, средината е затворена, ретко се патува на поголеми сцени, па што ве одржува во таква форма и ентузијазам?

– За жал подлогата на која се поставија темелите на македонската рокенрол музика никогаш не го доби својот вистински лик. Тоа нема ни во догледно време да се случи бидејќи самите артисти се во ситуација да бидат се во едно, и изведувачи и автори и менаџери и сметководители и стилисти и се друго, само не артисти. Промотери кај нас има малку, но и тие не заинтересирани за авхтотоната понуда. Се е до промоцијата, самата држава треба да има концепт за улогата и значењето на музиката во јавниот живот. Ние не градиме сопствен идентитет, ние само увезуваме, а ништо, ама баш ништо не извезуваме, а не дека немаме туку не сакаме или не знаеме како. Еве за почеток еден мој предлог, совет, како и да е државата да воведе на факултетот за музички уметности нов предмет РОК КУЛТУРА. Она што не одржува е фреквенцијата и искреното пријателство кое го негуваме со сите кои беа дел од “Никеја” , а во меѓувреме тоа се Игор Арсовски (гитара), Златко Андоновски (бас гитара), Лазар Коцев (тапани), Александар Станишев (клавијатури) и Деан Ќурчиев (вокал/гитара).

* Три албуми досега. Сепак, можевте ли и повеќе? Што не сте оствариле а сте требало?

– “Двобој” , “Unisex”, “New Folder”. На пат е и четвртиот. “Skopje Forever” и “Гладни за љубовта” се само вовед во она што ќе следува. И покрај потенцијалот што го носиме, дел по наша вина, дел по вина на средината во која живееме, убеден сум дека можевме многу повеќе, но едно е сигурно нема цена тоа  да си дел од една рокенрол приказна. Се надеваме дека до некого ќе допре нашата искрена намера за еден заеднички концерт на “Никеја” на стадион со своите современици.

*Кој албум /тема би го издвоиле како  најважен “столб” на своето постоење? Впрочем, раскажете ни за сите три, потсетете не ако нешто сме заборавиле.

– Сите албуми ми се подеднакво драги. Да не звучи како клише ќе Ви објаснам и зошто. Впрочем довербата што ми ја дадоа сите членови, да пишувам и компонира, ме ослободи од притисокот и затоа темите си го добија безвременскиот лик, сите се врзани како бисери од скапоцен гердан, секоја приказна има своја порака, но не секој слушател исто ја доживува песната, па затоа несакајки некому да му ја одземам магијата, нема да откривам што е правата поента на овие три рок лектири.

 *Легендата за Никеја е позната, но зошто токму го одбравте ова име за вашиот бенд?

– Кога еден поет, композитор, ќе побара нешто што ќе ги врзува сите приказни кои ќе следат, а токму Никеја беше линкот на поврзување на тоа што се случило многу одамна и она што го донесе  модерното време, но да не навлегуваме многу во историјата, драго ми е што приказната за “Никеја” , визуелно добро е прикажана во филмот на Ден Браун – “Кодот на Давинчи*.

 *Остана ли засега некој нереализиран музички сон, кој мора да го остварите?

– Не сум суеверен, но велат доколку го кажеш сонот можеби нема да ти се оствари. Но сепак да биде поинтересно подобро е изненадувањата да се случуваат спонтано.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ