Дванаесет момчиња и нивниот фудбалски тренер, кои се заробени во пештера во Тајланд се живи и здрави, но ќе мора да научат да нуркаат или да чекаат со месеци за поплавите да се повлечат за да може да излезат, вели армијата.
Нуркачи ги пронајдоа на сувиот раб момчињата кои исчезнаа пред девет дена. Спасувачите сега се борат со растечкото ниво на водата, додека се обидуваат да донесат што повеќе залихи за групата. Според армијата, може да биде потребно најмалку четири месеци да се испраќа храна на заробените.
Спасувачките екипи се обидуваат да спроведат системи за електрично напојување и телефонски линии во пештерата за момчиња да може да разговараат со своите родители, рече Наронг Осотанакон, гувернерот на Чианг Раи, јавува „Би-Би-Си“.
Тимовите на тајландската морнарица, во соработка со австралиски и британски нуркачи, ја пребаруваа пештерата. Тајландски специјални единици „Фоки“ на својата Фејсбук страна објавија дека нуркачите стигнале до кривината во неделата вечер, каде што премин од еден километар е поделен во две насоки.
Целта на нуркачите беше да се стигне до песочната комора на повисоките места во пештерата, позната како „плажа Птаја“, каде што се веруваше дека групата е на безбедно, пренесува АП.
Гувернерот Наронгсак изјави дека нуркачите пристигнале на “плажата Патаја”, која била поплавена, а потоа продолжиле уште 400 метри напред, каде што двајца Британци први со батериски лампи го осветлиле местото и ги нашле 13-те исчезнати, кои се безбедни.
Како што објавија, децата се добро, имаат мали повреди, но се многу слаби и гладни.
Тие преживеале со пиење вода од сталактити. Се верува дека влегле во пештерата додека било суво, но поради големите врнежи пештерата одеднаш се поплавила и излезот бил блокиран. Момчињата на возраст од 11 до 16 години и нивниот 25-годишен тренер биле пронајдени четири километри од влезот на пештерата.
Со оглед на условите, ќе биде многу тешко да се извлечат момчињата од пештерата во скоро време. Там Луанг пештерскиот комплекс во северниот дел на Тајланд често се поплавува во дождливи сезони кои траат до септември или октомври.
Ако спасувачите мислат да ги извлечат пред крајот на дождовната сезона, тие ќе мора да ги научат да нуркаат. Меѓутоа, експертите предупредуваат за опасностите што ги демнат неискусните нуркачи во коридорите на калливи води, преку кои е речиси невозможно да се гледа.
Досега, обидите за намалување на нивото на водата со испумпување не биле успешни.
Лекарите кои знаат да нуркаат ќе одат во пештерата и ќе ги испитаат момчињата во наредните денови. Неколку спасувачки екипи се обидуваат да најдат други излези од пештерата.
Децата на Тајланд може да останат заглавени во пештера со месеци
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!