Деловните патувања ќе го надминат нивото пред пандемијата

0
16

Светскиот совет за патувања и туризам (WTTC) објави дека оваа година ќе биде рекордна во однос на деловните патувања, со очекуван приход од над 1,5 милијарди долари, што ќе го надмине нивото пред пандемијата, побрзо од претходните предвидувања.

Порастот на работа од далечина за време на пандемијата драстично влијаеше на корпоративните патувања, бидејќи виртуелните платформи ги заменија класичните состаноци лице-в-лице. Сепак, со глобалниот опоравок, повторно се јави потребата за класични деловни патувања, состаноци и настани. Лидерите на компании ја истакнаа важноста на директната интеракција, поради што деловните патувања оваа година очекуваат раст од 6,2% во однос на 2019 година, достигнувајќи нов рекорд.

Водечки земји во деловните патувања се Соединетите Американски Држави, Кина и Германија. Патувањата се движечка сила на економскиот и социјалниот напредок. Прекинот на патувањата за време на кризата предизвика глобален пад на БДП-то, зголемена невработеност, и ескалација на проблемите со менталното здравје, создавајќи помалку толерантен свет, наведува travelbizmonitor.

Компаниите ширум светот сè повеќе вложуваат во управувани деловни патувања за да го развијат своето работење и да создадат победнички корпоративни култури. Покрај класичните деловни патувања, сè попопуларни се и патувањата кои компаниите ги организираат како тимбилдинг активности или други обуки и настани кои ја поттикнуваат тимската работа и кохезија, на што веќе пишуваше магазинот TU.

Ф.С.