петок, декември 20, 2024
домаНасловнаДенеска ЕУ ги отвора пристапните преговори со Украина и Молдавија

Денеска ЕУ ги отвора пристапните преговори со Украина и Молдавија

Европската унија денеска официјално ќе ги отвори пристапните преговори со Украина и Молдавија. Во Луксембург денеска ќе се одржат првите меѓувладини конференции со Украина и Молдавија со цел официјално да започнат пристапните преговори со овие земји.

Минатата недела земјите-членки на ЕУ ги одобрија преговарачките рамки за пристапување на Украина и Молдавија во блокот. Се очекува ЕУ да им ги претстави на Молдавија и Украина општите преговарачки рамки, кои ги утврдуваат насоките и принципите за пристапните преговори.

„Преговорите за пристапувањето на Украина и Молдавија во Европската унија ќе бидат предизвикувачки, но тие се и одлична можност за двете земји и за ЕУ“, изјави претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен пред отворањето на преговорите со овие две земји.

„Патот што претстои ќе биде предизвикувачки, но исто така исполнет со огромни можности за Молдавија и Украина, како и за целата наша Унија“, рече фон дер Лајен во видео пораката пред меѓувладината конференција за пристап со Украина и Молдавија, која започнува попладнево во Луксембург.

Таа посака успешен почеток на преговорите што треба да ги подготват двете земји за да можат да ги преземат обврските за полноправното членство.

„Тие знаат дека нивното патување ќе биде ригорозно и напорно. Пристапните преговори се дизајнирани да ги подготват кандидатите за одговорностите на членството. Ова е причината зошто нема кратки патишта. Влегуваме во овие преговори во силен дух на отвореност, ангажман и посветеност“, рече Фон дер Лајен.

Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола го нарече историско отворањето на преговорите со двете поранешни советски републики.

„Денешниот датум ќе остане запаметен како историски. Ова е важен момент кој не зајакнува и обединува во едно семејство“, напиша Мецола на социјалната мрежа Икс.

Украина и Молдавија аплицираа за членство во ЕУ неколку дена по почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година. Во јуни истата година им беше доделен статус на земји кандидати за членство, а во декември минатата година лидерите на земјите-членки донесоа одлука за почеток на преговори.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ