сабота, јули 27, 2024
домаДФРМ и Агенцијата за филм се стопија во едно

ДФРМ и Агенцијата за филм се стопија во едно

„ДФРМ смета дека државата примарно треба да троши пари за продукција на филм, а не да се даваат пари за ‘некаков онлајн фестивал’“. Ова е сосема доволна изјава за да сфатите дека имате работа со некој кој нема поим што е филмски фестивал.

Сунчица Уневска

ДФРМ одлучи оваа година да не се одржи Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“, и тоа не вчера, не во јуни, како што е официјално објавено, туку уште во март. И покрај тоа што се трудат да прикажат дека е поинаку, небулозните објаснувања многу добро кажуваат што е вистина. Директорот на фестивалот не е избран како што досега беше редот, на крајот на февруари или почетокот на март, иако си имаше конкурс, иако директорката Гена Теодосиевска си беше уредно пријавена, туку одлуката ја донесоа во јули??? Кој директор може за два месеца да подготви фестивал (што очигледно не беше ни намера).

Но, одлуката мораше да се донесе за да се прикаже дека има некаков план, иако во исто време со таа одлука ДФРМ донесе одлука дека „поради вонредните околности Интернационалниот фестивал ‘Браќа Манаки’ нема да се одржи“. ДФРМ заедно со Агенцијата за филм едноставно имаа други планови, па „Браќа Манаки“ мора да трпи. Пандемијата и нејзиното траење им дојде како одличен изговор за одлуката, па еве нека е донесена и во јуни. Како може тие да знаат каква ќе биде состојбата во септември. Освен тоа, септември е месец во кој слободно може фестивалот да се одржува на отворено.

Фестивалите кои ги откажаа своите одржувања, но физички, за разлика од неточните изјави што ги дава претседателот на ДФРМ, Игор Иванов, а кои за жал нашите медиуми ги повторуваат како папагали, подготвуваа програми до последно. Сите откажувања на физичко одржување на фестивалите се случија на само неколку недели пред закажаните датуми, бидејќи никој освен нашите не знаеше толку однапред каква ќе биде состојбата. Затоа, сите големи фестивали, како и помали, го откажаа физичкото одржување на фестивалите, но сите имаа подготвено програма која беше префрлена онлајн. Сите одржаа работилници, панели, имаа гости, промовираа нови проекти, организираа онлајн средби и работеа на развој на сценарија и на нови филмови. Сите до еден.

ДФРМ го откажа фестивалот уште во март

А како што знае публиката се одржа и т.н. глобален фестивал „Сите сме едно“ на кој дваесетина најетаблирани фестивали од целиот свет, меѓу кои единствен од регионот беше Сараевскиот, понудија своја програма. Па и покрај тоа, ги подготвуваа своите фестивали, како што тоа сега го прави и Венеција, која го најавува отворањето за пет дена. Карлови Вари веќе најави специјално издание во ноември, а фестивалот во Локарно, освен програмата, има и нова иницијатива „Films After Tomorrow“ која им овозможува увид во филмовите многу рано…

Кај нас не беше избрана директорка, ниту се пристапи кон подготвување на фестивал бидејќи ДФРМ и Агенцијата за филм знаеја уште во март дека нема потреба. Навистина е срамно какви само изјави даваат и какви објаснувања. „’Браќа Манаки’ бил изграден по урнек на фестивалите од А категорија и од таму ја црпи програмата“. Катастрофа! „Браќа Манаки“ е многу далеку од А фестивал, а тоа дека ја црпат програмата од таму е нивни проблем, а не концепција, бидејќи за фестивал на филмска камера не можете програма да црпите од големи фестивали и од нивните победници (бидејќи во таа програма не е примарна работата на директорите на фотографија). Веќе на стартот ви кажува за која небулоза се работи и дека за фестивалот тие немаат ни изграден концепт, а уште помалку дека тоа го прави близок до А категорија фестивали.

За да се постигне А категорија потребно е многу работа, а не удирање во гради и самоприсвојување на фестивал, на кој очигледно не му го знаат ни значењето. Бидејќи, да изјави некој дека размислувале дали да прават „некаква онлајн верзија“ како што тоа го правеле помали фестивали (по нивната логика тие не прават онлајн верзија дека се голем фестивал???) и дополнително: „ДФРМ смета дека примарно државата треба да троши пари за продукција на филм, дека во овие услови на десеткувани буџети поважно е да се снима отколку да се даваат пари за онлајн фестивал“.

70 години на ДФРМ стана фестивал

Да, доволно е да го слушнете само ова и да сфатите за што се работи, дека фестивалот го присвоија луѓе кои немаат поим што значи фестивал. Не ни знаат зошто еден фестивал се одржува и зошто треба да се одржува. Да изјавите дека парите треба да се трошат на продукција (инаку на филмови кои ДФРМ и Агенцијата за филм ги избираат заедно), а не на „некаков онлајн фестивал“ е тотално незнаење, но и тотално присвојување на парите за свои интереси. Ајде тогаш да не одржуваме ни „Струшки вечери на поезијата“, бидејќи „примарно државата треба да троши пари за издавање книги“, ајде да не правиме „Охридско лето“, да не ги трошиме парите за „некаков фестивал“, туку да правиме концерти итн, итн.

Овде нема да им го објаснуваме значењето на фестивалот, зошто фестивалите воопшто постојат и која е нивната намена, туку само ќе потсетиме дека парите за продукција им беа ургентно префрлени и тоа спротивно на законот уште во февруари за, како што рекоа, речиси готови филмови, па ниедна најава за веќе снимените филмови не слушнавме. На конкурсот повторно истите луѓе добија средства за продукција, а на одбиените, кои со години се одбивани, им беа праќани такви небулозни објаснувања, бидејќи не ни мислат дека на тоа треба да трошат време. Впрочем, ДФРМ и Агенцијата за филм сè повеќе покажуваат дека тие се единствените кои треба за сè да одлучуваат, за тоа кој ќе снима, за тоа кој е подобен да работи филм или продукција, за тоа дали фестивал ќе се одржува, за тоа кога парите треба да им бидат префрлени, за тоа кој воопшто смее да конкурира, а сега ќе одлучуваат и за тоа кој смее да прави фестивал, бидејќи мислат дека можат на филмаџиите да им кажат и кој треба да дише, добро де, да го дише филмскиот воздух, да не бидеме многу остри, нели?

Инаку, само да и кажеме на јавноста дека „Браќа Манаки“ не треба да се одржи, но затоа во фестивали на страницата на Агенција за филм е ставена манифестацијата „Златна рамка“, која ја смислија заедно ДФРМ и Агенцијата за филм за прикажување и наградување на новите филмови, а во фестивали е ставено и годинешното одбележување 70 години на ДФРМ.

Друго прашање е колку ДФРМ е друштво на филмските работници, и колку воопшто го одразува ставот дури и на оние „избраните“ филмски работници на кои им дозволија да станат членови. Не може да се одржи „Бараќа Манаки“, но затоа може во септември да се одбележи годишнината на ДФРМ, а како и на кој начин, и колку пари за тоа ќе бидат одобрени, допрва ќе видиме.

Се знае во оваа држава кој може да работи филм

Но, затоа луѓето бесрамно се одбиваат. Така на пример, којзнае по кој пат е одбиен Антонио Митриќески и тоа со образложение дека од „доставената документација не може да се утврди дали режисерот има снимено и јавно прикажано најмалку два краткометражни документарни или анимирани филмови со кои учествувал на најмалку два меѓународни фестивала“. И немојте да мислите дека им е срам, или дека ова е единствен пример. Страшно е какви сè образложенија се пишуваат, страшно е што решенијата и образложенијата не им се ни праќаат на авторите, не им се одговара ни на нивните барања за образложенија, на кои апсолутно имаат право. Но, кој има нив да им кажува, се знае во оваа држава кој може да работи филм.

Да не споредуваме со Прага, од каде што исто така има наши студенти кои аплицираат со проекти, но нели кај нас е важно да имате диплома, бидејќи не знаат што да смислат како изговор. За разлика од овде, одбиените автори таму се викаат на разговор и образложение со членовите на комисијата, која многу респектабилно се однесува кон сите нивни проекти (кај нас имињата на членовите на комисијата се кријат). Овде респектабилност нема. Кај нас Агенцијата за филм постои за да и удоволува на една група од ДФРМ, постои толку отворено како тезга за одредени луѓе и толку. Ни концепт, ни програма, ни грижа за авторите.

Најновата небулоза, а можеби и не, бидејќи нели тие одлучуваат за сè што е филм, е дека сега ќе одлучуваат за тоа кој фестивал треба да се поддржи, а кој не. Зошто? Затоа што поддржаните фестивали се побунија и си ги бараат одобрените пари, но нели „Браќа Манаки“ не се прави, па сега таму некој друг ќе прави фестивал, кога, како што кажа Иванов, парите треба да се дадат за продукција. Е затоа сега тие ќе бираат кој фестивал треба да се поддржи, иако за тоа имаше Комисија формирана од Министерството за култура, која работеше точно на таа проблематика за фестивали од национален интерес и донесе одлука која беше доставена до Министерството за култура и до Агенцијата за филм.

Ама како тоа сега, па Друштвото заедно со Агенцијата одлучува за сè, кој ја шиша таа Комисија што работела, иако во неа беше член и претседател Томи Салковски, кој исто така е член на ДФРМ. Ќе се прашате со кое право и дали Друштвото во меѓувреме станало Министерство, а ние за тоа не знаеме? Па видете, ако вака продолжи и ако никој не реагира како што и до сега никој не реагираше, можеби понатаму ќе станат и Влада, зошто да не. И онака во нашата земја сè е можно.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ