Џенифер Лопез донира облека од својот плакар за жртвите од пожарите во Лос Анџелес

0
14

Познатата пејачка и актерка Џенифер Лопез направи несекојдневен гест на хуманост донирајќи голема количина облека и модни додатоци од својот личен плакар и складиште, како поддршка за жртвите од катастрофалните пожари во Лос Анџелес. Според пишувањата на Daily Mail, 55-годишната ѕвезда ги собрала предметите што ги чувала во последните три децении, ги спакувала во кутии и ги испратила за помош на настраданите.

„Станува збор за огромна количина облека со голема вредност. Меѓу донациите има удобна облека како дуксери, панталони, патики, џемпери и јакни, кои ќе им бидат од голема корист на луѓето, особено во зимските денови. Џенифер собрала облека од последните 30 години, па имаше што да донира“, изјавил извор близок до Лопез.

Дополнително, Џенифер Лопез донирала и неколку пакети со козметички производи од својот личен бренд, кои содржат средства за чистење и хидратација на кожата. Оваа донација е наменета за ученици, наставници и семејства од школскиот округ на Лос Анџелес, како и за училиштата во Пасадена.

Во меѓувреме, Лопез ги откажа своите медиумски гостувања и промоции поврзани со нејзиниот нов филм „Unstoppable“, кој наскоро ќе биде достапен на платформата Amazon Prime, за да се фокусира на помошта за настраданите од пожарите.

Според последните информации, најмалку 25 лица ги загубија своите животи во пожарите што го зафатија Лос Анџелес, додека шест милиони луѓе сè уште се во опасност. Силните ветрови го отежнуваат контролирањето на пожарите, а нивното ширење останува непредвидливо.

Овој несебичен гест на Џенифер Лопез е пример за солидарност и поддршка во моменти на криза.

С.Н.