четврток, декември 19, 2024
домаНасловнаЏулијан Асанж на слобода по спогодбата со Америка

Џулијан Асанж на слобода по спогодбата со Америка

По пет години поминати во затвор во Лондон, Џулијан Асанж е ослободен по спогодба со американските власти кои бараа негово екстрадирање.

По повеќегодишна правна сага, Џулијан Асанж, основачот на Викиликс, беше ослободен од затвор во Велика Британија по спогодба со американските власти за признавање на вината за кршење на американскиот закон за шпионажа.

Авионот во кој беше Асанж слета во Бангкок, Тајланд, од каде што треба да продолжи до американската територија, Северни Маријански Острови, каде што се очекува да биде потпишан договорот, соопшти агенцијата АФП.

Според спогодбата, Асанж ќе ја признае вината за едно од 18те дела за кои го обвинуваат американските власти – заговор за набавка и откривање информации за националната безбедност, а потоа ќе биде префрлен во неговата татковина, Австралија.

Асанж беше обвинет за време на администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп поради масовното објавување на тајни документи, кои ги објави Челси Менинг, поранешна аналитичарка на американската воена разузнавачка служба, исто така кривично гонета според Законот за шпионажа.

Тој помина 1901 ден – повеќе од пет години – во затвор во Лондон, борејќи се против екстрадирање во Америка.

Викиликс во 2010 година објави стотици илјади доверливи американски воени документи за војните во Авганистан и Ирак, како и низа дипломатски депеши, што беше најголем безбедносен инцидент од ваков вид во воената историја на оваа земја.

Меѓу нив беше и снимката од 2007 година, на која се гледа како од американски воен хеликоптер се пука на ирачки бунтовници во напад во кој беа убиени десетина луѓе, меѓу кои и двајца новинари на агенцијата Ројтерс.

Според Си-Би-Ес, американскиот партнер на Би-Би-Си, американското Министерство за правда препорача казна од 62 месеци откако основачот на Викиликс ќе ја признае вината.

Асанж нема да оди во американски притвор, а во казната ќе му биде пресметано времето што го помина во затвор во Велика Британија, се додава.

Сопругата на Асанж, Стела, потврди некои делови од договорот, додавајќи дека во последните 72 часа „нон-стоп“ се воделе разговори за деталите.

„Искрено, сè е неверојатно, пресреќна сум, но сè уште немам чувство дека е реално“, изјави таа за Би-Би-Си.

Се очекува договорот да биде потпишан на судот на Северните Маријански Острови во среда, 26 јуни.

Додека поддржувачите на Асанж ширум светот слават, неговите соработници предупредуваат дека случајот не е завршен додека судијата не ја потпише пресудата.

Викиликс претходно соопшти дека договорот „сè уште не е формализиран“.

Една од можните причини што судењето ќе се одржи на Северните Маријански Острови е тоа што Асанж не сака доброволно да се врати на копнениот дел на САД, се наведува во соопштението на американското Министерство за правда.

Се додава и дека Асанж не и верува на американската влада и ги обвинува тамошните официјални лица дека наводно планирале да го убијат.

Северните Маријански Острови се поблиску до Австралија отколку до Америка Одалечените пацифички острови се многу поблиску до Австралија отколку американските федерални судови на Хаваите или на копнениот дел на САД, од кои се оддалечени 3.200 километри.

FILE PHOTO: A supporter of Julian Assange displays a placard, outside the Westminster Magistrates’ Court in London, Britain April 20, 2022. REUTERS/Tom Nicholson/File Photo

Џулијан Асанж качувајќи се во авион за да замине на потпишување на договорот Портпаролот на австралиската влада изјави дека со случајот „предолго се одложуваше“. Основачот на Викиликс долго време тврдеше дека случајот против него е политички мотивиран. Американскиот претседател Џозеф Бајден во март изјави дека разгледува барање на Австралија да се откаже од кривичното гонење на Асанж и да го врати во татковината.

Високиот суд во Лондон во април му дозволи на Асанж да се жали против одлуката да биде екстрадиран во Америка.

Оваа одлука му овозможи да ги оспори американските тврдења дека ќе му биде овозможено фер судење.

Неговата сопруга Стела тогаш ја поздрави пресудата и рече дека тоа е „пресвртница“, повикувајќи ја американската администрација да се откаже „од срамниот напад кој трае веќе 14 години“.

Кој е Џулијан Асанж и што е Викиликс?

Асанж уште како тинејџер се проби во светот на компјутерското програмирање. Во 1995 година, судот во Австралија, неговата родна земја, го казни за хакерство, а тој избегна затворска казна, ветувајќи дека тоа повеќе нема да го прави. Асанж во 2006 година ја покрена веб-страницата Викиликс. Оттогаш, Викиликс објави повеќе од десет милиони документи, меѓу кои и многу доверливи официјални извештаи во врска со војните во Ирак и Авганистан, шпионирањето и корупцијата.

Во април 2010 година, Викиликс објави снимка од убиството на цивили во ирачкиот главен град Багдад, како и илјадници доверливи документи што ги достави поранешната разузнавачка аналитичарка на американската војска Челси Менинг.

Менинг беше осудена за тоа на 35 години затвор, но поранешниот американски претседател Барак Обама во 2017 година ја намали казната и оттогаш таа е на слобода.

Асанж беше уапсен во Велика Британија во 2010 година, а потоа пуштен со кауција откако Шведска издаде меѓународна потерница за него под обвинение за сексуален напад.

Шведските власти сакаа да го испрашуваат по повод наводите дека силувал и сексуално злоставувал една жена, а друга ја натерал на секс во август 2010 година, додека престојувал во Стокхолм.

Тој тврди дека двата состаноци биле заемно доброволни, но следеше долг судски процес поради кој побара азил во еквадорската амбасада во Лондон за да избегне екстрадирање.

По скоро седум години во амбасадата, Асанж излезе откако Еквадор му го укина статусот на азилант, а британската полиција го уапси на 11 април 2019 година.

Додека живееше во еквадорската амбасада, Асанж беше посетуван од бројни активисти и познати личности, меѓу кои пејачката Лејди Гага и актерката Памела Андерсон.

Основачот на Викиликс отсекогаш тврдеше дека не може да ја напушти амбасадата затоа што се плаши дека од Шведска ќе биде екстрадиран во САД и дека таму ќе му се суди за објавување тајни американски документи.

Во мај 2019 година, Асанж беше осуден на 50 недели затвор за кршење на условите на неговата кауција.

Неколку недели подоцна, шведските обвинители повторно ја отворија истрагата врз основа на обвиненијата против Асанж за силување од 2010 година.

Подоцна истата година, САД поднесоа 17 нови точки на обвинение против Асанж за кршење на Законот за шпионажа, во врска со објавувањето доверливи документи во 2010 година.

Додека Асанж се подготвуваше за борба против екстрадицијата во Америка, шведските обвинители соопштија дека се откажуваат од истрагата за наводите за силување.

Обвинителите соопштија дека „нема цврсти докази за поднесување обвинение“ против Асанж, завршувајќи го случајот што траеше цела деценија.

Во април 2020 година беше обелоденето дека Асанж стана татко на две деца додека живеел во амбасадата на Еквадор.

Стела Морис, адвокатка родена во Јужна Африка, рече дека е во врска со основачот на Викиликс од 2015 година и дека сама ги одгледува нивните два сина. Асанж во 2022 година во затворот се венча со Стела Морис.

Клучни датуми во судскиот процес:

  • Мај 2012: Британскиот Врховен суд донесува одлука Асанж да биде екстрадиран во Шведска за да биде испрашан во врска со наводите за сексуален напад
  • Јуни 2012: Влегува во еквадорската амбасада во Лондон
  • Август 2012: Еквадор му одобрува азил, велејќи дека постои стравување дека ќе му бидат загрозени човековите права ако биде екстрадиран
  • Август 2015: Шведските обвинители се откажуваат од истрагата за два наводи
  • Декември 2017: Добива еквадорско државјанство
  • Октомври 2018: Еквадорската амбасада му одредува сет правила на кои мора да се придржува
  • Април 2019: Еквадор го повлекува неговиот статус на азилант и го апсат во амбасадата
  • Мај 2019: Осуден е на 50 недели затвор за кршење на условите на неговата кауција
  • Мај 2019: Шведска повторно ја отвора истрагата за сексуален напад
  • Мај 2019: Американското Министерство за правда поднесува 17 нови точки на обвинение против него
  • Ноември 2019: Шведските обвинители ја прекинуваат истрагата за наводите за силување против него
  • Јануари 2021: Судот во Лондон пресуди дека Асанж не може да биде екстрадиран во Америка
  • Март 2022: Врховниот суд ја поништува одлуката на понискиот суд и пресудува дека Асанж може да биде екстрадиран во Америка и дека нема опасност да изврши самоубиство во американски затвор
  • Мај 2024: Високиот суд во Лондон му дозволи на Асанж да се жали на одлуката за екстрадиција во Америка
  • Јуни 2024: Викиликс соопшти дека Асанж постигнал спогодба со американските власти и бил ослободен од затвор во Лондон каде што престојуваше неколку години.

Подготвила: Н.Д.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ