среда, декември 18, 2024
домаНасловнаДиректни средства за спортистите и спортските работници за да ги зачуваат работните...

Директни средства за спортистите и спортските работници за да ги зачуваат работните места

Директна помош од 14.500 денари за месеците април и мај, средства наменети директно за спортистите и спортските работници, со цел да се зачуваат нивните работни места и олеснување на работниот процес во кризни времиња, најави на денешната прес-конференција директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски информирајќи за донесената уредба со законска сила на Владата со која се утврдува исплаќање на финансиска поддршка за спортистите, стручни лица и спортска администрација.

„Оваа финансиска поддршка се обезбедува од Буџетот на Република Северна Македонија и се исплаќа врз основа на статус на вработен или ангажиран со договор на лице во клубови и национални спортски федерации, кои имаат решение за вршење дејност спорт. 14.500 денари помош од АМС за месеците април и мај ќе добијат сите клубови кои имаат регистрирано минимум 40 млади спортисти до 18 години во индивидуалните спортови, односно имаат регистрирано минимум 80 млади спортисти до 18 години во екипните спортови“, објасни Каевски.

Сите лица кои спаѓаат во оваа категорија е потребно до 15 април 2020 година, да достават барање за исплаќање на финансиска поддршка по електронски пат до Националната спортска федерација, а потоа Националните спортски федерации во рок од 7 дена ги доставуваат барањата со потребната документација до Агенцијата за млади и спорт.
Формуларот на барањето, уредбата за финансиска поддршка и целокупниот процес ќе биде објавен на веб страната и јавните гласила на Агенција за млади и спорт и Националните спортски федерации.

Покрај оваа мерка, која овозможува директна поддршка на спортистите и спортските работници, креиран е дополнителен пакет мерки со кои се олеснува работата и функционирањето на клубовите во оваа состојба.

Агенцијата за млади и спорт ќе обезбеди финансиски средства за реализација на Националниот спортски систем на сите Национални спортски федерации по завршувањето на кризата до крајот на 2020 година и ќе ги финансира програмите на индивидуалните врвни спортисти на олимписките спортови, односно тренажниот и натпреварувачкиот процес за 2020 година.

Во соработка со федерациите, Агенцијата за млади и спорт ќе ги ослободи клубовите за плаќање годишна членарина или котизација, што клубовите имаат обврска да ја платат до крајот на 2020 година.

Директорот Каевски најави дека Агенцијата за млади и спорт ќе поднесе предлог до Владата за 50 отсто намалување на цените на услугите на спортските објекти кои што се во надлежност на институциите, како и препорака за истиот принцип на функционирање до општините и локалната самоуправа.

Со овој пакет мерки за спортистите, спортските работници, клубовите и Националните спортски федерации ќе се овозможи одржување на спортот во оваа тешка ситуација, задржување на работните места и олеснување на работата, со цел подобро и без големи последици да се надминат предизвиците пред кои сме исправени. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ