Наташа Поповиќ, директорка на НУ „Охридско лето“ е избрана за жена на годината за 2023 година од областа на културата, во рамките на конференцијата „Жени Претприемачки“ што се одржа по шести пат во Македонија а на која по четврти пат се направи и избор за „Жена на годината“ во повеќе категории.
Во Музејот на Македонската борба во Скопје гости – презентери, претприемачки од земјата и странство со конкретни примери го претставија нивниот пат во претприемништвото а за најдобрите беа доделени плакети.
Под мотото „Духот на претприемништвото доловено преку искуства и успеси“, жените сопственички на свој бизнис, жените со неограничени претприемачки идеи, жените менаџери, лидери во својата професија, споделија примери како да се биде сè поуспешен во својата работа.
Во својата презентација за патот до нејзиниот успех, Поповиќ кажа дека претприемничкиот дух е резултат на многу труд, љубов и мотивираност.
-Мојот работен век почна од мојата 16-та година во Чикаго каде што учев средно училиште, и каде останав на факултет и на моите мастер студии. Америка е земја којашто дава многу можности, а како што знаеме сите, младите таму работат од 16 години како што им дозволува тамошниот закон. За да биде еден човек успешен во која било професија, тоа може да го стекне само со работа и никако поинаку. Да прима информации и совети од поискусни и повозрасни, да ги спроведува, а не да мисли оти е сезнаени да си тера по свое. Терајќи по свое без да се прифаќаат добронамерни сугестии не се станува успешен човек. Ако веќе имаш свој став, треба треба да го споделиш со другите во тимот и тој да биде прифатен.Америка е земја која мене навистина ми овозможи големо знаење и искуство, образование кое го спроведувам откако се вратив во мојата земја Македонија каде што започнав да работам како професор по пијано во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ и каде што работев 22 години, кажа Поповиќ.
Како прв човек на НУ „Охридско лето“ веќе пет години, Поповиќ рече дека не е ни малку лесно да се раководи со ваква престижна музичко-сценска манифестација, но истовремено е голем предизвик кога се нижат успеси.
-Фестивалот е граден цели 63 години. Не е едноставна работа, туку напротив е многу комплексна бидејќи станува збор за огромен број уметници, повеќе од илјада секоја година коишто уживаат во убавините на нашата земја, на градот Охрид, каде што секој агол е уметност, секој агол е музика, секој агол е театар. Заедно со мојот тим на ,,Охридско лето” ја сработуваме таа програма која носи плејада славни уметници. Јас сама никогаш не можам да сум успешна, никогаш не можам да се потпрам само на себеси во работењето, никогаш не можам да бидам успешен менаџер доколку немам свој тим којшто неуморно работи. Тимот е тој што го прави директорот успешен, тимот е тој што ја прави институцијата успешна. Заради таа тимска работа, фестивалот „Охридско лето” се вбројува во најдобрите три во цела Европа и е член на Европската асоцијација на фестивали со седиште во Брисел веќе 27 години. Верувам дека токму заради моето залагање за фестивалот, Бордот на оваа Асоцијација го препозна тоа и во 2019 година ме назначи за почесен делегат. Тоа за мене е големо признание, голем успех и предизвик, но истовремено и голема одговорност да го задржам фестивалот таму каде што е, но и да се искачува секоја година сѐ повеќе и повеќе по нагорните скалила на успехот, појасни во својот говор директорката на оваа Национална установа, Наташа Поповиќ.
Успешноста, според неа, доаѓа со неуморното работење, но и со прифаќањето на добронамерните критики и сугестии.
-Не е лесно жена да се биде менаџер, но истовремено сметам дека жената е секогаш посилна бидејќи со своето работење и знаење, со својата насмевка, многу полесно ги отвора вратите отколку мажот. За да се биде успешен менаџер, човек треба да се надградува секојдневно. Да се информира, да прифаќа примери од други, да ги спроведува истите, но и да биде иновативен, да смисли нови начини, нови нешта во унапредувањето на институцијата со која раководи.Не е лесно да се менаџира. Сите ние кои сме јавни личности, сме изложени на критики, па дури и напади од страна на јавноста. Некои се добронамерни, некои не, но како и да е, ние не треба да се конфронтираме со тие што мислат така, но со работа и со успешно менаџирање да им докажеме на тие што не се во право дека грешат, додаде Поповиќ.
Наташа Поповиќ е актуелна директорка на Н.У. „Охридско лето“. Таа е професор по пијано и пред да дојде на функцијата директор на „Охридско лето“ од 1998 година работеше во Средното музичко училиште „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.
Родена е во Битола, растела во Охрид, учела во Скопје и САД. Студирала на престижниот „Валпарезо јуниверзити “ во Чикаго на отсекот за пијано. Таму дипломирала и се стекнала со звање Пијанист.
Во нејзината биографија стои запишано дека во 1991 година била во десетте најдобри студенти во Америка и ја добила „Претседателската награда за вонсериски достигнувања“ која и’ била врачена од тогашниот Претседател на САД, Џорџ Буш Постариот.
Поповиќ е Генерален менаџер на невладината организација „Линеа“ за меѓународна соработка со уметноста и музиката. Добитник е на многу домашни и меѓународни признанија.
Директорката на Охридско лето избрана за жена на годината во областа на културата
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!