Дури и до 2050 година, само три децении од денес, крајбрежјето ќе стане непрепознатливо и 14-15 проценти од плажите ќе претрпат тешка ерозија, пренесува Си-Ен-Ен. Иако количината на изгубени плажи ќе варира од локација до локација, новите истражувања откриваат дека крајбрежјето во многу густо населените области – вклучувајќи ги и Источниот брег на САД, Јужна Азија и Централна Европа – ќе се повлечат кон копното за скоро 100 метри до 2.100 г.
– Го сметавме прагот од 100 метри, затоа што ако ерозијата го надмине тој праг, значи дека плажата најверојатно ќе исчезне, бидејќи повеќето од нив се дури и потесни од 100 метри – објасни авторот на студијата Михалис Вусдукас, океанограф и научник на Европската комисија, додавајќи дека истражувачите во одреден момент ова го сметале за „конзервативна проценка“.
Драгоцени плажи
Научниците од Заедничкиот центар за истражување при ЕК и универзитетите во Шпанија, Португалија и Холандија анализираа како зголемениот степен на море и поинтензивното невреме ќе влијаат на бреговите во иднина. Тие, исто така, ги зедоа предвид природните процеси како што се ерозијата и подземната геологија, како и човечкиот фактор – градежништвото на брегот, браните и напорите за зачувување на плажите.
Се очекува покачувањето на нивото на морето да ги надмине овие други варијабли, и колку повеќе луѓето испраќаат штетни гасови во атмосферата, толку полошо ќе биде за светските плажи. Тешко е да се процени важноста што ја имаат – плажите опфаќаат повеќе од една третина од светските брегови и се клучна тампон зона во заштитата на крајбрежните области од невремето. Плажите се исто така важни двигатели на економијата, туризмот и другите активности. Во некои региони, плажата не е само место за одмор. Во Бразил или Австралија, животот на брегот се одвива на плажи во голем дел од годината, посочува Си-Ен-Ен.
– Постојат големи делови на светот каде вредноста на песочните плажи не може да се утврди со пари – посочува Вусдукас.
Некои од најпопуларните плажи веќе се борат со ефектите од климатските промени. Плажите обично се динамично опкружување. Брегот се менува природно со голема плима и осека и реагира на нивото на морето.
– Крајбрежјето што го гледаме денес е само еден момент на време … Нашите плажи, мочуришта и вливови се движат напред – назад во однос на промените на нивото на морето од почетокот на времето – посочува Роберт Јанг, директор на Програмата за истражување на крајбрежните универзитети на Западна Каролина и геолог.
ЕРОЗИЈА
Научниците посочуваат дека кога се гради во близина на бреговите, се мешаме во можноста на плажата да започнат или да запрат природни процеси што овозможуваат песокот да се надополнува самиот себе. Денес, многу плажи кои се соочуваат со тешка ерозија се наоѓаат во урбаните области.
На места како плажата Мајами, се влечат илјадници тони песок за да се пополни еродираниот брег, додека други градат морски sидови за да задржат вреден песок на местото. Цената на некои од овие проекти е огромна, а научниците сугерираат дека како што напредуваат климатските промени, ова може да се претвори во изгубена битка.
Новите истражувања откриле дека поголемиот дел од австралиското крајбрежје ќе биде погодено од климатските промени со најмалку 11.430 километри (околу 50 проценти од вкупните песочни плажи на континентот) до 2100 година. Долги појаси на крајбрежјето во земји како што се Чиле, Кина, САД, Русија. Мексико и Аргентина исто така ќе еродираат. Малите островски држави, пак, ќе страдаат од ефектите од климатските промени, особено Карибите поради рамниот терен.
Неоходна е контрола
Истражувачите исто така откриле дека луѓето имаат одредена контрола врз промените што влијаат на плажите низ целиот свет. Доколку светските влади ги намалат своите емисии, тие би спречиле 17 проценти од предвидените загуби на плажа до 2050 година, а таа бројка ќе се зголеми на 40 проценти до 2100 година.
„Обидите за постигнување на целите на Парискиот договор ќе се намалат последиците од нашата студија за 40 проценти“, заврши Вусдукас.
Н.Доковска