Доаѓаат нови правила во ЕУ: Крај за евтините пакети од Temu?

Европската комисија денеска најави дека планира да воведе дополнителни такси за пакетите што преку онлајн платформите Temu и Shein, главно од Кина, го преплавуваат европскиот пазар со евтини, а често и фалсификувани производи.

0
38

Кинеските е-трговски платформи Temu и Shein ги користат дупките во законодавството и во Европската Унија испорачуваат пакети чија вредност е под 150 евра, на кои не се наплатува царина. Овој тренд создава огромен товар за царинските служби, кои се преплавени со пратките што влегуваат во ЕУ. Средствата собрани од овие такси би се користеле за зајакнување на царинските контроли со цел спречување на увозот на нелегални производи.

Покрај тоа, се предлага укинување на ослободувањето од царина за пратки со вредност под 150 евра и воведување поедноставена тарифна процедура за пратки со мала вредност.

Според извршната потпретседателка на Европската комисија, Хена Виркунен, дури 91 отсто од малите пакети што пристигнуваат во ЕУ доаѓаат од Кина, преку онлајн продавници како Temu и Shein.

„Откривме дека голем број од овие производи не се во согласност со европските регулативи и се потенцијално опасни. Оваа поплава од увоз создава огромен притисок врз надлежните институции во земјите-членки, особено врз царинските служби“, изјави Виркунен.

Како одговор на ова, интернет платформите во иднина ќе имаат обврска да проверуваат дали производите што ги нудат се законски и усогласени со безбедносните стандарди на ЕУ.

Бројни производи што пристигнуваат на европскиот пазар од земји надвор од ЕУ претставуваат ризик за здравјето и безбедноста на граѓаните, а воедно не се одржливи од еколошка и климатска перспектива. Покрај тоа, ваквиот увоз создава нечесна конкуренција за европските компании кои ги почитуваат регулативите, предупредуваат од Европската комисија.

Во последниве години е забележан голем пораст на бројот на вакви пратки што влегуваат во ЕУ, а само во 2024 година на европскиот пазар пристигнале околу 4,6 милијарди пакети со мала вредност.

Европската комисија во мај 2023 година предложи реформа на Царинската унија, која, меѓу другото, предвидува наплата на царина и за стоки со вредност под 150 евра. Овој предлог е предмет на тековни преговори меѓу Европскиот парламент и Советот на ЕУ. Комисијата ги повика двата законодавни органи да постигнат договор што е можно поскоро, а според нејзиниот план, реформата треба да стапи во сила во 2028 година.

С.Р.